Актуелно

Почнува судењето за кумановско „Диво насеље“

На обвинителна клупа ќе седнат 29 обвинети за терористички напади врз македонската полиција извршени на 9 мај 2015 година во Куманово. Им се суди на луѓе од Косово и Македонија, а им се закануваат казни од најмалку 8 и 10 години до доживотен затвор.

куќа 2

Една од разурнатите куќи по нападите во Куманово, во мај минатата година

Во судот во Скопје, утре, ќе почне судењето против поголема група од Косово и Македонија обвинети дека извршиле терористички напад во Куманово на 9 мај 2015 година, во која загинаа 8 македонски полицајци, а 50 беа повредени.

Обвинение е поднесено против 29 лица од Косово и Македонија. Обвинителството ги товари за две кривични дела „терористичка организација“ и „тероризам“ за кои се предвидени затворски казни од најмалку 8, односно 10 години, до доживотен затвор.

По акцијата во Куманово, тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и директорот на тајната полиција Сашо Мијалков беа повикани на разговор во амбасадата на САД во Скопје, по што поднесоа оставки од функциите.

Доказите се чуваат во десетина кутии и класери

1431182555635274

Во посеби кутии се наоѓаат медицинската документација за сите повредени полицајци кои треба да се појават како заштитени сведоци

Обвинителството за организиран криминал доставило десетици страници доказен материјал, спакуван во голем број кутии и класери, каде што се содржани илјадници страници доказен материјал, извештаи за следени телефонски комуникации, извештаи за повредените полицајци, за утврдување на идентитетот на 10 загинати од групата која ги извршила нападите, вештачења на оружје, муниција, траги од крв и други докази.

Во посебни кутии се наоѓаат анализите на телефонски контакти меѓу луѓе од групата со вработени чии телефони се сопственост на државни органи, како Универзитетот во Тетово, Медицинскиот центар Тетово, Фондот за ПИОМ, Стопанска банка Скопје, други јавни и приватни компании.

Тие се обезбедени со налог на судија од сите мобилни оператори во Македонија. Видео и фото документација од самото место, вештачења на траги од крв, чаури, оружје и други биолошки траги се само дел од доказите сместени во класерите.

Во посеби кутии се наоѓаат медицинската документација за сите повредени полицајци кои треба да се појават како заштитени сведоци, извештаите на Институтот за судска медицина за обдукцијата врз сите убиени, снимки од камери од објекти во Куманово кои го потврдуваат влегувањето на групата, вештачење на оружјето кое покажало дека тоа потекнува од украденото од полициската станица во Гошинце.

Во листата на докази се спомнуваат и голем број доверливи информации за кои се барало декласификација за да бидат изведени на судењето. На адвокатите во овие денови до судењето им било дозволено да направат увид во доказите.

Што стои во обвинението

mia2-2

Голем број семејства од кумановската населба, по нападите, беа дислоцирани на безбедно | Фото: БИРН архива

На обвинителна клупа ќе седнат: Сами Ушкини (Морина) од Ѓаковица – Косово, Анди Красниќи (Малишева, со поранешно име Мухамед Красниќи) од Приштина, Деме Шеху од Дечани, Ќенан Исени, Фадиљ Фејзулахи, Ирфан Љутфиу (сите од Куманово), Фадил Елшани од Сува Река – Косово, Есат Кафеџоли од Малишева – Косово, Ардијан Бујари од Сува Река – Косово, Шефкет Калачи од Призрен, Љирим Демири од Липково, Хајруш Авдија (викан Спиро) од Ѓаковица, Бетим Кабаши од Призрен, Генци Сефа од Урошевац, Ландрит Рустемај од Ѓаковица, Енвер Хоџа Клајн (косовски и германски државјанин, роден во Крефелд СР Германија), Руфки Догани од Качаник (роден во Скопје), Насуф Бекири од Арачиново (роден во Брест), Мирсат Ќерими од Приштина, Валдет Зекај од Пеќ, Бајрам Елшани од Сува Река, Неџбедин Љика од Тетово, со престој во Призрен, Лирим Красничи од Урошевац (живее во Минхен, Германија), Севдаиљ Мифтари од Кумановско со престој во Витина – Косово, Фатмир Речица од Липјане – Косово, Бек Бајра од Гњилане – Косово, Фејзула Рушитовски од Брест – Скопско, Бесник Ајдини од Куманово и Арсим Бајрами од Ваксинце – Кумановско.

Сите обвинети се во притвор од 10 мај 2015 година во затворите во Прилеп и во Битола.

Обвинителството наведува дека групата, која ја предводеле сега убиените Мирсад Нрецај и Бег Ризај направила план за организирање на терористичка група, обезбедиле пари, оружје и медицински материјали за функционирање на поголема терористичка група, која најнапред на 21 и 22 април 2015 година ја нападнала и ограбила полициската станица Гошинце во Македонија, од каде што одзеле големо количество оружје, со кое, три недели подоцна, ги извршиле и терористичките напади врз полицијата во Куманово.

„Сега починатите Нрецај и Ризај, заедно со Зекај Валдет, Деме Шеху и други непознати лица, вооружени со автоматски пушки и маскирани, ја преминале косовско-македонската граница на 21.04.2015 година, биле пречекани од Насуф Бекири, Фејзула Рушитоски и Сулејман Осман и околу 2,30 часот утрото ја нападнале полициската станица, ги совладале и ги врзале 4-та полицајци, по што ја пребарале станицата и го одзеле оружјето-констатира Обвинителството” се вели во обвинението.

Од полициската станица во Гошинце групата одзела: 65 автоматски пушки, 3 пушкомитралези, 2 снајпери, 49 пиштоли, 15.600 парчиња муниција 7,62 мм., над 1.700 парчиња друг вид муниција, двогледи, мотороли, камера, сигнален пиштол со муниција, лисици и друга опрема што била во станицата.

Оружјето го ставиле во возила и заминале, а дел од тоа оружје Сулејман Осман го скрил на локација во селото Брест, за да предизвика, како што констатира Обвинителството, „загрозување на животот и телото и создавање чувство на несигурност и страв кај граѓаните“.

Дејствувајќи според план кој бил претходно договорен, Обвинителството од собраните докази тврди дека групата од Косово што ја предводеле убиените Мирсад Нрецај и Бег Ризај од Косово во Македонија влегла во периодот од 2 до 8 мај 2015 година.

Тие биле прифатени од обвинетите Исени Ќенан, Сулејман Османи, Фадиљ Фејзулаху, Ирфан Љутвиу, Арсим Бајрами, Љирим Демири, Насуф Бекири, Фејзула Рушитовски и Бесник Ајдини и во нивна организација биле сместени во куќата на Кенан Исени во селото Отља. Наредниот ден, со логистика на неколку лица од Куманово, со три возила биле префрлени на улицата „Перо Илиевски“ во кумановската Дива населба и сместени во објект, сопственост на обвинетиот Фадил Фејзулаху.

На критичниот ден, 9 мај 2015 година во утринските часови, во моментот кога Единицата за специјални задачи на МВР постапувала по судска наредба за вршење претрес во објект на истата улица каде што требало да го бараат оружјето украдено од полициската станица во Гошинце, терористичката група активирала бомба кон специјалните полициски сили од која биле повредени неколку луѓе и продолжиле да пукаат со рафална стрелба од автоматско и снајперско оружје.

Пукотниците траеле во текот на целиот ден, 9 мај, а продолжиле и наредниот ден, на 10 мај. Во нападот загинале 8 припадници на македонската полиција, а 50 биле повредени.

DSC03084

Оштетените хермелени од акцијата во Куманово | Фото: БИРН архива

Со ваквите дејствија, обвинетите создале страв кај населението, одзеле човечки животи и уништиле имот, со што ги сториле кривичните дела „тероризам“ и создавање „терористичка организација“.

Во целодневните борби помеѓу македонската полиција и групата од Косово и Македонија загинаа и десет луѓе од таа група. Според извршената идентификација, во Куманово беа убиени косовските државјани: Мирсад Нрецај, Бег Ризај, Самид Кастриоти,Валон Кабаши, Ватлум Вишесела, Џафер Зумерај, Нусрет Каљоши, Арбен Реџај, Тургај Гаши и Рушити Хусен.

Обвинителството предлага да се сослушаат 49 полицајци како заштитени сведоци кои се здобиле со повреди во Куманово. Тие ќе сведочат под псевдоним Ц1 до Ц19 и УПС 3 до УПС 1275.

Со покренување на обвинението на 29-те обвинети им е продолжен притворот до завршување на судската постапка, бидејќи „постои опасност од нивно бегство, но и можност да влијаат на сведоците“, наведува Обвинителството.

Обвинителите му укажуваат на судот дека дел од обвинетите имаат жителство и логистика во Германија, сериозни роднински, логистички и финансиски врски и ќе можат лесно да се скријат доколку бидат пуштени на слобода.

Одбраната на обвинетите најавува дека ќе бара како докази да се прибават и снимки направени од разузнавачки служби на други држави на кои наводно се снимени разговори во кои се тври дека за да биде изведена акцијата на групата од Косово ѝ биле исплатени 2 милиони евра.

Пред судот како сведоци треба да се појават и сопругите на загинатите македонски полицајци во својство на оштетени.

Судии во случајот се: Верка Петковска и Горан Бошевски. На обвинението се потпишани двајца обвинители: Наум Пановски и Вилма Русковска, што е редок случај во македонската правна практика двајца обвинители да работат еден случаи и да го застапуваат обвинението.

Станува збор за исклучително сензитивен и контроверзен случај кој ги зголемува тензиите. Дополнително и заради шпекулациите дека во случувањата се вмешани и високи претставници на власта, како што сугерира и неодамнешната изјава на лидерот на опозицијата Зоран Заев.

„Има сериозни докази дека врхушката на власта го организирала Куманово…“ изјави Заев минатата недела на средба со граѓаните од скопската населба Капиштец.

За време на судењето, околу судската зграда се очекува многу силно полициско обезбедување. Обвинетите и во текот на судењето во судницата ќе бидат чувани од најмалку тројца затворски чувари на еден обвинет. Адвокат на најголем број од обвинетите, на 8, е Насер Рауфи, додека останатите адвокати застапуваат по неколку обвинети. Одбраната побарала од судот да дозволи присуство на роднини на обвинетите на судењето.