Регион

Поинакво толкување на историјата со цел простување на четничките злосторства

Неодамнешната рехабилитација на четничкиот командант, Никола Калабиќ, покажува како денес во Србија поинаку се толкуваат злосторствата извршени во Втората светска војна, со цел нивните сторители постхумно да се ослободат од вината.

Четничкиот командант Никола Калабиќ (во средина, со црна брада) со своите луѓе во Втората светска војна. Фото: Викимедиа комонс

Пишува: Јелена Ѓуреиновиќ, Гизен

Вишиот суд во Ваљево, на 26 мај го рехабилитираше Никола Калабиќ, некогашен командант на Горската гарда на Југословенската војска во татковината.

Оваа одлука уште еднаш покажа како српските судови селективно ги реинтерпретираат фактите за случувањата во Втората светска војна, со цел да ги ослободат четниците од вината и да ги прикријат злосторствата кои тие ги сториле.

По петгодишен судскиот процес, кој го покрена внуката на Калабиќ, Весна Калабиќ, донесена е одлука со која се поништени сите повоени одлуки на југословенските власти, а Калабиќ беше рехабилитиран.

Меѓутоа, се чини дека овој случај нема да заврши со оваа одлука на судот во Ваљево, затоа што Вишото обвинителство најави дека ќе поднесе жалба.

Калабиќ беше командант на четничката Горска гарда. Под раководство на Драгољуб Дража Михајловиќ, четниците, како претставници на југословенската емигрантска влада во Лондон , беа на страната на сојузниците до 1943 година. Меѓутоа, уште во есента 1941 година, тие соработуваа со нацистичките сили.

Поради тоа што не се бореа против нацистичката окупација и бидејќи беа во константен конфликт со партизаните, но и поради насилствата кои ги вршеа врз цивилното население, сојузниците им ја ускратија поддршката и се завртеа кон партизаните. Поради ова, по завршувањето на војната, четниците се најдоа на страната на губитниците.

По падот на Слободан Милошевиќ во 2000 година, позитивната реинтерпретација на четничкото движење имаше централно значење во официјалната политика на сеќавањето за Втората светска војна во Србија.

Имајќи предвид дека Втората светска војна претставува фундаментален настан и извор на легитимитетот на Југославија, оваа ревизија на историјата е клучен аспект во процесот за делегитимизација на Југославија.

Од 2004 година, антифашистичкото движење официјално се врзува само за партизаните, со што политички, четничкото движење во целост е рехабилитирано. Судските рехабилитации пак, како во случајот со Калабиќ, претставуваат правен аспект на историскиот ревизионизам во Србија.

Во Белград, во 2015 година, е рехабилитиран и четничкиот челник Дража Михајловиќ, кој во 1946 година беше јавно осуден на смрт и егзекутиран. На рехабилитацијата ѝ претходеше долга правна постапка во која, во улога на експерти, беа вклучени и историчари, а самиот процес, со големо внимание, го следеа и медиумите.

Недолжна жртва на комунистички заговор?

Никола Калабиќ. Фото: Викимедиа комонс; Вандал Б.

Точните околности во кои починал Калабиќ, не се познати.

Според достапните извори, југословенските власти го уапсиле Калабиќ и од него добиле информација која им помогнала, во 1946 година, да го уапсат Дража.

Државната комисија за утврдување на воените злосторства на окупаторот и на нивните помагачи, во 1945 година, го прогласи Калабиќ за одговорен за различни злосторства, а со одлука на судот во Мионица, во 1946 година, на Калабиќ му беше одземен и имотот.

И двете одлуки, по рехабилитацијата, се поништени.

Првиот чекор, кој судот мораше да го превземе пред започнување на процесот на рехабилитација, беше да се утврди точниот датум на смртта на Калабиќ.

Прифаќајќи ја изјавата која, во 2011 година, ја дал Михаило Даниловиќ, пензиониран свештеник од Горњи Милановац и поранешен припадник на четничкото движење, Основниот суд во Ваљево, 19 јануари 1946 година, го прогласи за официјален датум на смртта на Калабиќ, утврдувајќи дека на тој датум, тој бил убиен во една пештера крај Ваљево.

Оваа одлука значи дека тој не бил во можност да го предаде Дража, затоа што веќе бил мртов.

Иако ова тврдење не им одговара на фактите, докажувањето на датумот на неговата смрт, за внуката на Калабиќ и за неговите следбеници, кои инсистираат на тоа оти тој не го предал својот генерал, е важен аспект во процесот на рехабилитација.

Весна Калабиќ, во текот на постапката тврдеше дека нејзиниот дедо е убиен поради политички и идеолошки причини, а на рехабилитацијата гледаше како на шанса да му го обели името.

Во својот завршен збор, нејзиниот адвокат, Горан Бранковиќ, изнесе дека Калабиќ бил „една од најзначајните фигури во равногорското движење, познат геометар, почитуван семеен човек, чесен офицер, исклучителен старешина“.

Тврдеа дека немало валидни докази за злосторствата и за колаборацијата и дека пред судот ќе ги „разоткријат гнасните лаги кои за него ги ширеле комунистите“.

Сепак, Горската гарда беше една од најозлогласените четнички единици, која директно учествувала во колаборацијата, злосторствата и теророт врз цивилите во централна Србија.

Многубројните извори, меѓу кои и оние од четничкото движење, ги потврдуваат овие наводи. На пример, Калабиќ и Јеврем Симиќ, полковник на четничкиот корпус од Авала, во ноември 1943 година, со нацистичките сили потпишале договор за заедничка борба против партизаните.

Згора на тоа, припадниците на корпусот и Калабиќ лично извршиле низа злосторства, како она во селото Копљаре, кога во 1943 година биле убиени 22 лица, но и злосторството во Друговац, извршено во април 1944 година, кога биле убиени 72 жители на селото, а нивните куќи биле запалени и ограбени.

По масакрот во Копљаре, Калабиќ му испратил извештај на Дража, во кој се фали за овие настани, нарекувајќи ги жртвите „активни комунисти“.

Едно од најважните сведоштва за однесувањето на Калабиќ и на неговата единица е дописот на еден офицер на корпусот, од 1943 година, до Михајловиќ, во кој се вели дека народот повеќе се плаши кога ќе слушне дека четниците доаѓаат во селото, отколку кога доаѓаат окупаторските сили и дека половина од жртвите на масакрот не биле виновни.

Офицерот навел дека знае оти на Михајловиќ ќе му биде поднесен извештај дека жртвите биле виновни.

Кореспонденциите со Михајловиќ, како што е оваа, покажуваат дека Дража бил добро информиран за активностите на Калабиќ, но дека сепак не презел ништо во врска со тоа.

Правни проблеми

Народното собрание на Србија усвои два закона за рехабилитација, во 2006 и во 2011 година, кои овозможија рехабилитација на лица кои од политички и идеолошки причини, од април 1941 година, биле осудени, затворени, егзекутирани или им биле одземени некакви други права.

Генерално, механизмот на правната рехабилитација има за цел да ги рехабилитира жртвите на неправедните судења, преку ревизија на тие судски процеси. Во случајот на Србија, постојат низа проблеми кои произлегуваат од формулацијата на рехабилитацијата во двата правни акти, со што се проширува основата за рехабилитација и се овозможува скоро секој да биде рехабилитиран како жртва на идеолошки или политички прогон.

Со законот од 2006 година, како основа за рехабилитација се дефинира постоењето на правна или административна одлука, но доколку тој документ не постои, дали тоа значи дека немало ниту судење?.

Кога, во 2009 година, е рехабилитиран премиерот на Кралството Југославија, Драгиша Цветковиќ, кој во 1941 година го потпишал пристапувањето кон Тројниот пакт, како основа за негова рехабилитација е земена одлуката на Државната комисија од 1945 година, со која тој е прогласен за државен непријател, иако тој документ не е пронајден.

Понатаму, принцот Павле Караѓорѓевиќ, заедно со целото кралско семејство, беше рехабилитиран во 2011 година, иако тие ниту биле уапсени, ниту им се судело, ниту биле осудени.

Она што е најважно е дека нејасната формулација на актот од 2006 година, овозможува рехабилитација на лица кои имале командна одговорност или директна одговорност за колаборација и злосторства, поради наводите дека биле прогонувани поради политички и идеолошки причини.

Ова се исправа со Законот за рехабилитација од 2011 година, кој не овозможува поднесување на барање за рехабилитација, за припадници на окупаторските или квислиншките сили и за лица кои југословенските власти ги прогласиле за виновни или ги осудиле за воено злосторство.

Затоа Калабиќ, според овој закон, не можеше да биде рехабилитиран, бидејќи југословенските власти го прогласиле за воен злосторник.

Меѓутоа, во член 2 од истиот закон, стои дека можна е рехабилитација на лица, кои биле прогласени за воени злосторници, доколку во постапката за рехабилитација се утврди дека не извршиле, односно не учествувале во извршување на воено злосторство. Во случајот на Калабиќ, е применет овој член.

Важност на фактите

Некој би можел да се запраша како судот можел да утврди дека немало злосторство или колаборација, кога примарните извори го покажуваат спротивното.

Главниот проблем лежи во рехабилитацијата на истакнати личности од Втората светска војна во Србија, што се во суштина политички процеси, како што е случајот со тековната постапка за рехабилитација на Милан Недиќ, поранешен премиер на окупирана Србија.

Точноста на историските факти очигледно не е приоритет во судницата, а подносителите на барањето за рехабилитација и нивните сведоци обично ги презентираат само оние факти и документи кои говорат во прилог на нечија рехабилитација, како невина жртва на комунизмот.

Како понатаму ќе се одвива судскиот процес за рехабилитација на Калабиќ, доколку Вишото обвинителство поднесе жалба, останува да се види.

Неговата рехабилитација, досега е најпроблематичен случај од овој вид во Србија и позитивната одлука на судиите, од историска и морална гледна точка, е нечуена.

Без сомнение, воените активности на Калабиќ вклучуваат не само командна одговорност, туку и директна и лична одговорност за колаборација со силите на окупаторот и актите на терор кои опфаќаат заплашување, грабежи, претепувања и масакри извршени над цивили и над лица за кои се сметало дека се комунисти или нивни симпатизери.

Како што покажуваат фактите, она што го знаеме за Калабиќ не е производ на „комунистички лаги“, туку е добро потврдено со документи од различни извори, вклучувајќи ги и оние од четничкото движење и од самиот Калабиќ.

Поради сѐ ова, овој случај на рехабилитација, служи како пример дека во денешна Србија, буквално секој кој учествувал во Втората светска војна може да биде рехабилитиран и ослободен од сите одговорности.

Јелена Ѓуреиновиќ е докторант и предавач на Катедрата за источноевропска историја на Универзитетот Јустус Либиг во Гизен, Германија.
Објавено и на Балканска транзициска правда

Ставовите изразени во овој коментар се на авторот и не ги одразуваат ставовите на БИРН.