Истражувањa

Политика на дијаспората: новите балкански амбасадори на Турција

Сѐ уште не е изгубена можноста турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да ги искористи Турците во странство за да му обезбедат дополнителна моќ

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Хамди Фират Бујук, Александер Клеп, Сербезе Хаџијај | БИРН |
Сараево, Нови Пазар, Подгорица, Приштина, Призрен, Тирана, Скопје

Неколку чекори од дрвената отоманска чешма што доминира на плоштадот на Баш Чаршија во центарот на Сараево, купувачите во една турска бакалница ги разгледуваат чаевите, зачините и турскиот локум.

Мурат Озкаја, сопственик на продавницата, се смета себеси за некој што пробива нови патишта. Поранешниот брокер од градот Малатија, во источниот дел на Турција, го изградил својот бизнис откако се заљубил во една Босанка и се преселил во Сараево пред 12 години за да се ожени со неа.

Тогаш поголемиот дел од миграциите меѓу двете земји се одвивал во спротивна насока. Но, во деценијата кога ја отворил својата продавница, заедно со неколку други бизниси, вклучувајќи и турска продавница за текстил, тој набљудувал како се засилува турската имиграција во Босна и Херцеговина.

„Нашето население расте; многумина доаѓаат”, вели Озкаја, сркајќи турско кафе во едно кафуле во стариот дел од Сараево, недалеку од неговата бакалница. „Искрено се надевам дека некој од нас еден ден ќе влезе во [Босанскиот] парламент. Се надевам дека Турција ќе има политики за да ги поддржи овие напори”.

Низ целиот Балкан, сѐ поголем број Турци градат домови на места што некогаш биле на мапата на Отоманската империја. Многумина ги привлекуваат можностите за отворање претпријатие, инвестиции, образование или љубов. Други пак повторно ги открија врските со предците кои живееле во државите на прагот од Турција.

Без оглед на нивните мотиви, припадниците на оваа нова дијаспора го донесоа турскиот јазик, култура и вредности во нивните нови татковини. Тоа се лица од секојдневието кои ја претставуваат Турција, еден век по падот на османлиското владеење.

Ердоган ги повикува Турците кои живеат на Балканот да аплицираат за втор пасош за време на предизборниот митинг во Сараево во мај 2018 годна. Фото: ЕПА-ЕФЕ / Фехим Демир

Аналитичарите велат дека сѐ уште не е изгубена можноста турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да ги искористи Турците во странство за да му обезбедат дополнителна моќ. Неговото авторитарно владеење со земјата го стави во костец со западните сили и уште повеќе ги ослабна надежите на Анкара дека еден ден земјата ќе се приклучи кон Европската унија.

Додека некои емигранти избегаа како резултат на големото прогонство на Ердоган по неуспешниот државен удар во 2016 година, многу турски иселеници ја поддржуваат неговата визија за „нова Турција” изградена врз исламскиот национализам, како спротивност на секуларистичките и западните принципи на Мустафа Кемал Ататурк, кој ја основал модерната турска република во 1923 година.

„Тие се сметаат за амбасадори кои ќе ги пренесат вредностите за ‘нова Турција’ на Балканот и на крајот ќе станат дел од балканските земји, па заради тоа се прошируваат веќе постоечките мали заедници на Турците, особено во [Северна] Македонија и Косово, како и Албанија и во помал степен Босна”, вели Осман Софтиќ, независен политички аналитичар од Сараево.

Турското влијание на Балканот долго време навлегуваше преку инвестиции во универзитетите, џамиите и инфраструктурата. Анкара, исто така, врши дискретно влијание преку културните центри, Турската агенција за меѓународна помош и државните медиуми што се емитуваат на регионалните јазици.

Но, како што расте бројот на иселеници, некои во тоа гледаат шанса да го преобликуваат и политичкиот пејзаж. Самиот Ердоган ги повикал Турците во балканските држави да аплицираат за втор пасош во обид да се направи сојуз од гласачи, кои се пријателски настроени кон Анкара, а живеат на странска почва.

„Доколку имаше повеќе балкански граѓани кои израснале во Турција, земјата ќе беше повлијателна”, вели Рафит Саит, поранешен пратеник на турската владејачка партија, кој ја предводи балканската група за дијаспора и е претседател на Центарот за стратешки истражувања на Балканот во Измир, западна Турција.

„На резултатите од изборите би можеле да влијаат гласовите од избирачките места во Турција, каде што луѓето гласаат за оние партии кои се блиски до турската влада”.

„Султан Ердоган“

На еден собир во Сараево  одржан во мај минатата година, на кој се одбележувал почетокот на неговата реизборна кампања за претседател и генералните избори во Турција, претседателот Ердоган го изнел она што го очекувал од Турците во странство.

Тој долетал во главниот град на Босна, откако Австрија, Холандија и Германија ги забраниле сличните планирани настани, налутени заради повиците на Ердоган до избирачите од дијаспората на неодамнешните холандски и германски избори да гласаат прво како Турци, а потоа како Холанѓани или Германци.

Олимписката сала Зетра била преполна со негови поддржувачи на кои им се обратил.

Меѓу 12.000 луѓе сместени во арената, од кои многумина вееле црвени знамиња, бил Бекир Текин, механичар од Гњилане, град во источно Косово. Текин никогаш не бил во Турција, но изјавил: „Ердоган е Турција, така да денес Турција дојде кај мене”.

Огромен број други луѓе со автобуси биле довезени од сите страни на Балканот. Етничките Турци од Северна Македонија се дружеле со сонародници од регионот Санџак на српско-црногорската граница. Оние од Косово и Западна Тракија во североисточна Грција стоеле заедно со турските иселеници од Црна Гора и Албанија.

Етничките Турци на Балканот
За време на неколку вековното османлиско владеење над Балканот, многу турски племиња од Мала Азија, Централна Азија, Кавказ и регионот на Црното Море се населиле во регионот како дел од напорите на султаните за проширување на турцизмот и исламизацијата.
Како резултат на тоа, турското население значително се зголемило на просторите што подоцна станале Грција, Бугарија, Северна Македонија, Косово и на други места.
Додека голем број етнички Турци мигрирале во Турција по османлиските порази во Балканските војни 1912-1913 и Првата светска војна, голем број од турските етнички малцинства останале во неколку балкански земји.
Етничките Турци сочинуваат осум проценти од вкупното население во Бугарија, вкупно околу 600.000 луѓе, додека голем број бугарски Турци живеат и во Турција.
Според турското Министерство за надворешни работи, околу 150.000 етнички Турци живеат во континентална Грција, а уште 25.000 живеат на грчките острови.
Етничките Турци сочинуваат четири проценти од населението во Северна Македонија од вкупно 2,1 милион жители.
Во Косово, тие сочинуваат скоро два проценти од 1,9 милиони луѓе во земјата. Турците се претставени со една од шесте ѕвезди на косовското знаме, означувајќи го мултиетничкото население на земјата.
Бројот на оние кои зборуваат турски на Косово и во Северна Македонија далеку го надминува бројот на етничките Турци во двете земји – што укажува на важноста на турскиот јазик од османлиско време. Многу турски дијалекти се препознаваат во косовскиот град Призрен и северно-македонската престолнина Скопје.
„Косовските Турци се почитувани како граѓани што ги почитуваат законите на Косово”, вели турскиот политичар од Косово, Фикрим Дамка. „Косовските Турци помогнаа за добрите односи на Турција со Косово и имаат многу важна улога во зголемената помош и поддршка на Турција за земјата”.
(Сите бројки освен оние за Грција се од Книгата со факти на ЦИА.)

Други пак дошле оддалеку, од Германија, Австрија и Холандија – земји во кои има големи заедници на турската дијаспора.

Кога Ердоган излегол на сцената, со пеење го извикувале неговото име меѓу гласните рафали на тапаните. Некои поддржувачи викале: „Султан Ердоган!”

Бакир Изетбеговиќ, бошњачки член на трипартитното претседателство на БиХ во тоа време, ја поттикнувал толпата, извикувајќи: „Алах го испрати претседателот Ердоган за вас”.

Турските државјани што живеат во странство можат да гласаат на турските избори благодарение на законот од 2012 година усвоен од страна на владејачката Партија за правда и развој на Ердоган (АКП).

Обраќајќи им се на таквите иселеници, Ердоган јасно им ставил до знаење дека не е доволно само да гласаат за АКП.

„Земете ги државјанствата на земјите во кои живеете”, рекол Ердоган. „Не велете не. Земете ги. Ако ви ги даваат, земете ги”.

Тој потоа објаснил: „Вие сте претставници во вашите земји. Треба да го научите јазикот на вашите земји, да се интегрирате во вашата земја, да влезете во политиката и да ги подобрувате нашите односи. Но, никогаш не заборавајте го турскиот јазик, култура и вашата Турција”.

За етничките Турци кои немаат турско државјанство и гласачки права, тој имал поинаков совет: вклучете се повеќе во локалната политика. „Вие треба да бидете во тие парламенти наместо оние кои ја предаваат нашата земја”, рекол тој.

Ердоган го завршил својот говор со јавно објавување на намерата на Турција да инвестира повеќе на Балканот. Тој најавил дека планира да изгради автопат од 3,5 милијарди долари што ќе ги поврзува Сараево и Белград со турскиот главен град.

Следниот месец, три милиони гласови на дијаспората му биле дадени како поддршка на Ердоган со кои доби уште пет години на власт како претседател, иако веќе 16 години бил на чело на владата.

Гласањето ја изнело на површина длабоката подвоеност меѓу турските гласачи на Балканот. Иако скоро 60 отсто од гласачките ливчиња во Босна, Косово и Северна Македонија биле за Ердоган, гласачите во Албанија, Бугарија, Грција, Романија и Србија го поддржувале неговиот главен ривал од опозициската Републиканска народна партија.

[Инфографик 1 – Како гласаа Турците на Балканот во 2018 година]

Турското Министерство за надворешни работи проценува дека повеќе од шест милиони Турци живеат во странство, од кои 5,5 милиони во Западна Европа. Дијаспората опфаќа речиси 8 проценти од вкупното население во Турција кое изнесува 79,5 милиони.

Дијаспората станува сè поголема, заради зголемената политичка нестабилност и економските превирања дома. Според најновите податоци од Турскиот институт за статистика (ТуркСтат), турската емиграција кон различни дестинации во светот се зголемила за 42,5 отсто во 2017 година во споредба со претходната година и достигнала речиси 254.000.

Аналитичарите очекуваат дека бројките во 2018 година ќе бидат уште поголеми.

[Инфографик 2 – Турската емиграција]

Бројките не се прецизни во однос на бројот на турски државјани што живеат на Балканот, но статистичките податоци објавени од страна на Министерството за надворешни работи во почетокот на февруари покажуваат дека повеќе од 110.000 Турци се регистрирани во странските мисии во регионот.

Околу 60.000 Турци се регистрирани во Бугарија, додека 13.000 се во Романија, 12.000 во Северна Македонија, 10.700 во Босна, 8.000 во Албанија, 3.500 во Косово, 2.000 во Црна Гора, 600 во Србија, 250 во Хрватска и 200 во Словенија.

[Инфографик 3 –Турците на Балканот]

„Од почетокот на 2000-ти години, бројот на турски државјани што циркулираат меѓу Турција и балканските земји се зголемил”, изјавил Ѓул Урет, истражувач во Центарот за југоисточно европски студии на Универзитетот во Грац во Австрија. „Ова е феномен кој оди рака под рака со зајакнувањето на турско-балканските односи на државно ниво”.

Овој феномен, исто така, го отсликува променливиот профил на турската миграција. Во 2017 година, повеќе од 42 отсто од турските мигранти биле на возраст од 25 до 34 години, додека 57 отсто биле од големите градови како Истанбул, Анкара, Анталија, Бурса и Измир, покажуваат податоците на ТуркСтат.

„Претходно дијаспората во Западна Европа ја сочинувале главно луѓе од руралните средини и урбани центри, релативно слабо образовани и луѓе од ниски социоекономски слоеви”, вели политичкиот аналитичар Софтиќ.

„Новата турска дијаспора на Балканот е составена од едуцирани луѓе, студенти кои бараат образование и луѓе кои ги препознаваат можностите за бизнис и се гледаат себеси како дел од балканскиот простор, со кој тие споделуваат историски и културни искуства”.

Тој додава дека некои турски државјани на Балканот дошле во потрага по домовите на своите предци, сведочејќи за вековните миграции што помогнале во обликувањето на модерна Турција.

Демографите проценуваат дека најмалку 20 проценти од Турците имаат предци на Балканот, додека уште 20 проценти имаат корени во Кавказ и на други места.

„Страв и вознемиреност”

Турската уметница и дизајнерка Арзи Коџа ужива пиејќи кафе во сараевската чаршија. Фото: Хамди Фират Бујук

Иако голем број Турци на Балканот се жестоки поддржувачи на АКП, други го имаат свртено грбот на она што го опишуваат како уште поголема угнетувачка Турција под власта на Ердоган.

„Не можев да дишам во Турција на Ердоган”, вели Арзу Коџа, уметница и дизајнерка, која се преселила во Сараево во есента 2018 година каде запишала магистерски студии на Сараевската академија за ликовни уметности. „Политиките, општествените промени, високиот притисок врз начинот на живот на луѓето – сето тоа ме натера да заминам”.

Семејството Коџа има корени на Балканот. Нејзиниот татко е од североисточниот бугарски град Разград, а нејзината мајка е од градот Пријепоље во југоисточна Србија. Таа аплицирала за српско државјанство.

„Моите родители отишле во Турција по подобар живот, каде сите разлики биле прифатени со голема толеранција”, вели таа. „Тоа беше земјата на Ататурк, која е секуларна, просперитетна и богата за оние кои работат напорно”.

Коџа е член на генерацијата „Гези”, прекар за младите луѓе што демонстрирале во истанбулскиот парк „Гези” во 2013 година, првите масовни протести против режимот на Ердоган. Како и Коџа, многу од нив ја напуштиле Турција.

„Сите бевме добро образовани урбани луѓе, но бевме брутално нападнати со водени топови и со солзавец од страна на полицијата на Ердоган, бидејќи сакавме демократска промена”, вели таа.

Таа додава: „Републиката на Ататурк сега е изгубена. Зошто инаку би ја напуштила мојата земја?”

Академиците велат дека стереотипот за Турчин со балкански корени е секуларен поединец, културно, но не и религиозно конзервативен и политички поблизок до идеалите на Ататурк отколку до политичкиот ислам на Ердоган. Ататурк и самиот бил Турчин од Балканот, чии предци биле од Северна Македонија и Грција.

„Турските граѓани кои имаат балканско потекло се деца од семејства што изгубиле сè и морале да ги напуштат своите домови на Балканот”, вели Курсат Гуч, докторанд на Факултетот за политички науки при Универзитетот во Анкара. „Државата, Ататурк, татковината, републиката, секуларизмот и другите вакви термини се важни мотиви за турскиот балкански народ”.

Политичкиот аналитичар Софтиќ вели дека Турците, кои особено се идентификуваат како Бошњаци, имаат тенденција да бидат помалку ентузијасти кон Ердоган и неговата исламистичка владејачка партија.

„Речиси сите бошњачки заедници во Турција биле донекаде прогресивни и лево ориентираните и републиканците [алудирајќи на главната опозициска Републиканска народна партија, основана од Ататурк] во турска смисла, и тие не претставуваат упориште за Ердоган и неговата партија”, вели тој.

„Помладите бошњачки и други балкански генерации во Турција, особено образованите, почнаа да го доведуваат во прашање нивниот идентитет и сакаат да дојдат и да ја посетат, а некои дури и да живеат тука”.

Но, вистинскиот пресвртен момент за многу критичари на Ердоган дошол во јули 2016 година, кога непријателските војници во Турција започнале неуспешен обид за државен удар.

Одговорот на Ердоган бил брз и безмилосен. Објавувајќи вонредна состојба, тој отпуштил стотици илјади јавни службеници и притворил уште повеќе под сомневање за вмешаност во пучот, заедно со новинари, судии, војници и полиција.

Десетици илјади Турци избегале од земјата поради острите мерки.

Многумина заминале во Германија, каде што повеќе од 10.000 поднеле барања за азил само во 2018 година, според Федералната канцеларија за миграција и бегалци, цитирано во германскиот весник „Ди Велт“. Другите побарале засолниште во балканските земји, како што е Косово.

Движењето на Ѓулен
Движењето на Ѓулен е транснационално, верско и социјално движење инспирирано од проповедникот на турската муслиманска заедница, Фетулах Ѓулен, кој живее во САД од 1999 година.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и Ѓулен биле блиски сојузници до 2013 година. Дотогаш илјадници поддржувачи на
Ѓулен имале позиции во армијата, полицијата, судството и бирократијата.
Училиштата и другите институции на Ѓулен, исто така, цветале низ целиот свет, а особено на Балканот, со поддршка од Анкара.
Во замена за оваа поддршка, таканаречените Ѓуленисти ја промовирале Турција и работеле како емисари за Ердоган на Балканот.
Но, од 2011 година, на Ѓуленистите почнала да им пречи националистичката и исламистичка агенда на Ердоган, и таа година за првпат стана видливо првото разидување во нивниот сојуз.
Ердоган потоа се свртил против организацијата, нарекувајќи ја „паралелна држава” и „Фетулахистичка терористичка организација”, или накратко ФЕТО.
Ердоган го обвинил Ѓулен и неговото движење за организирање на неуспешниот државен удар против владата во јули 2016 година, иако Ѓулен инсистира дека нема никаква врска со тоа.
Турција уапсила илјадници негови наводни следбеници, затворила училишта, колеџи, невладини организации, компании и банки поврзани со него.
Турските официјални претставници во меѓувреме го притиснале Косово и другите држави на Балканот да ги затворат невладините организации и колеџи поврзани со Ѓулен и да ги предадат членовите на движењето Ѓулен.
Државите се спротивставиле на овој повик, но тоа не ја спречило Анкара да ги принуди наводните Ѓуленисти со сила да се вратат назад во Турција. Турската национална разузнавачка агенција спровела две операции на Косово и Молдавија, предизвикувајќи бес откако заробила десетици наставници кои работеле во училиштата на Ѓулен.

АКП смета дека одговорни за обидот за државен удар се приврзаниците на свештеникот Фетулах Ѓулен, поранешен сојузник на Ердоган, кој живее во егзил во Соединетите американски држави и инсистира дека нема никаква врска со заговорот.

Турција започна масовна чистка на училишта, колеџи, невладини организации, компании и банки поврзани со транснационалното верско и социјално движење на Ѓулен, кое Ердоган го опиша како „паралелна држава” и „терористичка организација”.

Една жртва на реакциите бил Ахмет Кочиѓит, турски иселеник во Косово.

Со потекло од градот Адана, во јужна Турција, Кочиѓит работел како наставник по физика во училиштето на Ѓулен во Приштина, за време на обидот за државен удар. Речиси преку ноќ, тој и неговото семејство станале прогонети, не можејќи да се вратат во Турција и исплашени да ја напуштат куќата.

„Живеам во страв и вознемиреност дека може да нѐ фатат”, вели тој. „Кога ќе излезам на улица, морам да бидам многу внимателен. Секој пат кога некој ќе чукне на мојата врата, мора да се увериме кој е пред да отвориме“.

Помладиот син на Кочиѓит е роден по неуспешниот пуч. Тој нема патни документи бидејќи турските власти одбиваат да издадат документи за деца на родители кои работат во училиштата на Ѓулен, дури и ако живеат надвор од Турција.

Заради неговото бугарско потекло, Кочиѓит размислувал да аплицира за бугарско државјанство. Но, за да се квалификува, тој ќе мора да се пресели со своето семејство во Бугарија, вклучувајќи ги неговиот татко и 91-годишниот дедо, цели три години.

„Според правилата, моите деца ќе треба да чекаат 12 години за државјанство”, вели тој.

Наместо тоа, тој побарал азил во Косово, но властите бавно ја обработуваат неговата апликација. Конечно, тој одлучил да се обиде во САД.

„Подобро е да одам во Америка отколку да живеам во надеж за враќање на моето право да припаѓам на мојата земја”, вели тој. „Косово станува друга верзија на Турција на Ердоган. Нема место за Турците како мене”.

Кон крајот на септември, тој заминал за САД да побара азил за себе и за неговото семејство.

Според инженерот Чемил Лума, двоен државјанин на Турција и Косово, кој живее во Призрен, град во јужно Косово, последиците од обидот за државен удар предизвикале расцеп во турската заедница во земјата.

„Луѓето се поделени и отуѓени заради Ердоган и Ѓулен”, вели тој. „Ова е болно и ќе има последици уште долго време”.

Неодамнешните податоци од пописот покажуваат дека на Косово има околу 19.000 етнички Турци, бројка што не ги вклучува турските иселеници.

Лума вели дека религијата добила поцентрална улога во јавниот живот на неговата заедница. „Ги почитувам религиозните обреди, но во последниве години, луѓето зборуваат само за религија – и тоа ме загрижува”.

Сепак, тој се смета себеси за поддржувач на Ердоган. Без влијанието на силна Турција, неговата заедница во Косово за скоро време би била асимилирана, вели тој.

„Во битката за доминација на интересите меѓу различните сили, Ердоган победува на Балканот”, додава тој.

Генеалошка потрага по злато

Историчарот и бизнисмен Реџеп Скријел гордо го покажува турското знаме во неговата златарница во Нови Пазар во Србија. Фото: Хамди Фират Бујук

Во февруари 2018 година, турската влада отворила онлајн генеалошка служба на својата веб-страница за е-влада, овозможувајќи им на сите со број на државјанство да дознаат каде и кога се родени и умрени нивните роднини.

Во земја каде што законот забранува регистрирање на етничката припадност и ги смета сите граѓани за Турци, базата на податоци предизвика интензивен интерес.

Многу корисници откриле дека нивните предци биле од Бугарија, Северна Македонија, Ерменија, Русија, Азербејџан, Босна, Србија и други места.

Во рок од една недела од неговото лансирање, сајтот се урнал неколку пати. Многу корисници, околу шест милиони, ја притиснале функцијата за пребарување, па владата морала да ги зајакне своите сервери со дополнителен хардвер, објавиле локалните медиуми.

„Отворањето на регистрите со население, кои со децении се чувале во тајност, не отвораат дебата само за историјата на модерната турска република”, вели Урет од Универзитетот во Грац. „Исто така, се отвораат и прашањата за турската припадност, етничката припадност, идентификацијата и припадноста. Со испитување на современиот национален идентитет и идејата за турската припадност креирана од страна на основачите на републиката, евиденцијата може индиректно да работи во корист на актуелната владејачка елита”.

Но, Октај Аксој, член на одборот на експертскиот тим на турскиот Институт за надворешна политика во Анкара, вели дека не постојат такви мотиви.

„Многу од записите за раѓање биле уништени и државата конечно ги обезбедила овие информации [онлајн]”, изјави тој во е-порака. „Тоа беше тоа”.

Во Истанбул и на други места низ Турција, растечката домашна индустрија на правни фирми и невладини организации ветуваат дека ќе го регулираат процесот за второ државјанство.

Саит од Центарот за стратешки истражувања на Балканот проценува дека 18 милиони турски граѓани имаат балканско потекло од еден или друг вид.

„Милиони луѓе, меѓу кои и Турци, Албанци, Бошњаци, Торбеши и многу други, дошле во Мала Азија од Балканот во огромни бранови поради војните и политичките превирања во 19 и 20 век”, вели тој.

Денес, тој смета дека околу 400.000 Турци имаат право на втор пасош во регионот, иако процесот е едноставен само во Србија.

„Другите земји немаат билатерални договори со Турција за двојно државјанство или не се желни да го понудат поради нивниот кревок етнички состав”, вели тој.

Во југозападниот српски град Нови Пазар, поранешниот заменик-градоначалник Фарук Сулевиќ се согласува дека повеќето балкански држави се претпазливи да не ја нарушат рамнотежата доколку им доделат втор пасош на Турците.

Тахсин Ибрахим, поранешен претседател на македонската Асоцијација на турски граѓански организации, стои пред Камениот мост во Скопје. Фото: Роберт Атанасовски

„Албанското и турското население во Македонија би можело брзо да се зголеми, исто како и бошњачкото население во Црна Гора… Но, Србија нема такви проблеми и стравови”, изјави тој во интервјуто во октомври, кога се уште беше заменик-градоначалник.

Еден адвокат во Истанбул, кој се занимава со издавање второ државјанство низ Балканот, ги навел бариерите со кои се соочуваат Турците во потрага по двојна националност.

„Бугарија не им дава  [лесно] пасоши на турските државјани поради својата локална историја и динамика, и бидејќи веќе има големо етничко турско малцинство”, вели тој, одбивајќи да биде идентификуван.

„Косово и Црна Гора ги сменија своите закони како дел од процесот на ЕУ интеграција, а сега даваат државјанство само по многу внимателни истраги.

„[Северна] Македонија, исто така, ги зацврсти своите барања за државјанство, во обид да ја одржи деликатната етно-политичка рамнотежа во малата земја, што би можело значително да се промени со зголемување на лицата со албанско или турско етничко потекло.

„И Босна нема договор со Турција за двојно државјанство од истите причини како во [Северна] Македонија или Црна Гора”.

Што се однесува до Грција, таа не нуди државјанство на Турците врз основа на семејни врски според билатералните договори потпишани пред сто години, вели адвокатот.

Бизнисот цвета

И покрај пречките, генеалошката иницијатива инспирирала некои Турци од балканско потекло да си ја проверат својата среќа.

Хасан Џин, менаџер за услуги на клиентите во едно трговско друштво во Истанбул, поднел барање за северномакедонско државјанство заради корените на неговата мајка во поранешната југословенска република. Неговиот татко е од Призрен, јужно Косово.

„И двајцата се етнички Турци, кои морале да заминат во 1960-тите поради [југословенскиот] комунистички режим и политиките кон муслиманите”, вели тој. Тој допрва треба да слушне дали неговото барање било успешно.

Во Скопје, Тахсин Ибрахим порано претседавал со македонската Асоцијација на турски граѓански организации, мрежа на невладини организации, која ги застапувала економските и правните интереси на етничките Турци во земјата, околу 75.000, според последниот попис, кој се одржал во 2002 година.

Ибрахим вели дека сѐ повеќе и повеќе турски граѓани со семејни врски во Северна Македонија се приклучувале кон асоцијацијата да побараат правна помош за враќање на сопственоста над земјиштето од нивните предци. Други побарале помош за барање за државјанство.

„Многу од овие Турци биле родени тука во [Северна] Македонија”, вели тој. „Зошто да не добијат пасоши?”

Тој објаснил дека повеќето од барањата потекнуваат од етничките Турци кои ја напуштиле Северна Македонија по насилниот распад на Југославија во 1990-тите. Претходните бранови на миграција кон Турција се случиле во 1913 година, кога Отоманската империја се распаднала и во 1953 година, кога многу етнички Турци избегале од репресивната југословенска политика.

Но, во Сараево, претставникот на БиХ на една од најголемите бизнис-невладини организации во Турција, Независната асоцијација на индустријалци и стопанственици, признава дека надежите за втор пасош се пуста надеж за многу Турци.

„Прашањето за второ државјанство меѓу турските граѓани со балканско потекло станало многу популарно, но ова го гледам само како емоционален момент кога го гледаат нивното потекло на онлајн генеалошката служба”, вели Омер Серт, чии сопствени предци биле од северно босанскиот регион Краина. „Повеќето од нив не се подобни, а јас и така не планирам да земам втор пасош”.

Пречките за добивање државјанство не спречиле голем број турски претприемачи да отворат продавници во балканските земји – многумина избегнувајќи ги економските проблеми дома.

Турската економија е опустошена од падот на турската лира и нестабилната инфлација, туркајќи илјадници фирми во банкрот и поттикнала многу инвеститори да ги пренесат своите средства во странство.

„Од сите балкански земји, Косово и Албанија се најсоодветните земји за работа”, вели Џем Озкан, 30-годишен Турчин од Истанбул кој раководи со една компанија во Призрен, Косово, што произведува метални огради и врати. „Мислам дека овие две земји обезбедуваат соодветна деловна клима”.

Абдурахман Балкиз, шеф на косовско-турската Стопанска комора и главен извршен директор на косовската банка БКТ, проценил дека повеќе од шест милиони етнички Албанци живеат во Турција. Тој вели дека турските инвестиции во Косово изнесуваат околу 382 милиони евра.

„Сметам дека многу турски граѓани кои потекнуваат од Балканот сѐ повеќе сакаат да дојдат и да инвестираат овде [на Косово]”, вели тој. „Гледам дека овој број само се зголемува”.

Во Албанија, според најновите податоци на владата, повеќе од 400 турски компании вработуваат над 15.000 лица. Државните статистички податоци покажуваат дека инвестициите на турските компании во Албанија достигнуваат 2,6 милијарди евра.

Но, малата Црна Гора е рекордер кога станува збор за привлекувањето на нови турски бизниси.

Повеќе од 2.100 турски претпријатија се регистрирани во земјата со население од 622.000 лица, и се побројни од руските и од српските фирми, објавуваат црногорските даночни власти. Околу 450 компании биле регистрирани само во 2017 година, двојно повеќе од претходната година.

Исмаил Гувенч, турски претприемач и основач на Здружението на турски бизнисмени во Црна Гора, вели дека статусот на Црна Гора како земја-кандидат за ЕУ, заедно со стимулациите за странски инвеститори, ја направиле поатрактивна од другите земји во регионот.

Србија, исто така, нуди стимулации за турските инвеститори, вели Салих Алкан, кој раководи со една компанија која дистрибуира синтетички пластични материјали во Нови Пазар.

Алкан бил еден од првите Турци кои добиле српско државјанство во 2006 година, долго пред генеалошката иницијатива, благодарение на семејните врски во Нови Пазар и блискиот град Тутин.

„Секако дека имам предности со моето српско државјанство”, вели тој. „Ние можеме да патуваме во Европа без виза, за разлика од турските граѓани, па затоа сите конекции се полесни”.

„Сите сме Османлии“

Турскиот бизнисмен Бурак Баглан стои пред дрвената чешма Себиљ од 18 век во сараевската Баш Чаршија. Фото: Хамди Фират Бујук

Без оглед на нивните причини за емигрирање, многу Турци на Балканот зборуваат за чувството на заеднички идентитет со своите нови соседи.

„Кога дојдов тука, моето семејство и јас сметавме дека со оваа одлука се оживуваат нашите семејни корени”, вели Серт од Асоцијацијата на независни индустријалци и бизнисмени во Сараево. „Го научив јазикот за кратко време. Сега сите сме многу среќни затоа што се вратив во земјата на моите предци”.

Другите, исто така, се чувствуваат како дома.

„Босанците ја живеат Отоманската империја и нејзините вредности многу подобро отколку што ги живееме во Турција”, вели Бурак Баглан, бизнисмен од турската јужна провинција Хатај, кој управува со туристичка агенција која исто така се занимава со увоз и извоз. „Имаме многу силни врски. Секој ден сѐ повеќе се приближуваме”.

Острите мерки на Ердоган по државниот пуч
По неуспешниот обид за државен удар во Турција во јули 2016 година, одмаздата на Ердоган против наводните заговорници била безмилосна.
Нападот сериозно им наштетил на односите на Турција со Западот. Во меѓувреме, опозициските политичари тврделе дека Ердоган го употребил неуспешниот државен удар како изговор за лов на вештерки против неговите критичари и за консолидација на власта. Неколку денови по инцидентот, Ердоган прогласил вонредна состојба. Тој владеел со Турција со претседателски декрети во следните две години.
Ердоган отпуштил над 170.000 јавни службеници, вклучувајќи армиски и полициски службеници, судии, наставници, бирократи, лекари и академици поради наводните врски со терористичките организации.
Околу 160.000 луѓе биле притворени од полицијата, додека 70.000 биле испратени во затвор. Вкупно 155.000 биле под истрага или кривично гонети, според турското министерство за правда.
Владата, исто така, затворила 70 весници, 20 списанија, 34 радио станици, 30 издавачки куќи и 33 телевизиски канали.
Околу 150 новинари биле уапсени, со што Турција ја достигнала рекордната бројка за најмногу затворени новинари во светот.
Во меѓувреме, илјадници училишта, универзитети, здруженија и фондации биле затворени. Владата затворила неколку стотици компании.
Повеќе од 90 општински градоначалници, главно членови на опозициските партии, биле повлечени од функцијата додека неколку пратеници биле затворени. Турските избори одржани за време на вонредната состојба предизвикале жестоки критики од страна на западните влади и од опозицијата.
По контроверзниот референдум во април 2017 година, за кој Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) изјавила дека 2,5 милиони гласови можеле да бидат изманипулирани од владата, Ердоган го смени уставот за да ги преземе врховните овластувања без речиси никаква контрола и отчетност.
(Сите бројки за острите мерки на владата датираат од септември 2018 година).

Седејќи во едно сараевското кафуле наречено Аксарај, кое го добило своето име од историската населба во Истанбул, Баглан вели дека повеќе млади Бошњаци учат турски во надеж дека ќе добијат работни места во турските државни и приватни институции низ целиот регион или во самата Турција.

„Турците исто така го учат босанскиот јазик”, вели Баглан. „Можам да зборувам на турски со моите босански пријатели. Можам да нарачам чај и кафе во кафулиња на босански и обратно, бидејќи луѓето сега знаат турски”.

Реџеп Шкријељ, професор по историја кој има и продавница за накит во српскиот град, Нови Пазар, изјави: „Сите сме Османлии. Отоманската империја сè уште живее тука!”

Шкријељ е Бошњак. Неговата сопруга, Мубера, е турска професорка по медицина чие семејство доаѓа од косовскиот град Призрен, во кој има силна турска заедница. Двајцата течно зборуваат турски, нивните реченици се исполнети со словенски зборови и балкански акцент.

Гордоста на двојката за турските нешта не е невообичаена во регионот Санџак во јужна Србија и северна Црна Гора.

„Сите наши деца наскоро ќе зборуваат на турски јазик”, вели Шкријељ.

На Косово, директорот на културниот центар „Јунус Емре” во Приштина, Мехмет Улкер, лирично зборува за „братските односи” меѓу Косово и Турција.

„Првиот ден кога дојдов во Косово, цврсто спиев и слушнав музика надвор”, се присетува тој. „Си реков: дома сум”. Веднаш се разбудив и музиката продолжи. Кога излегов, видов дека не сум во моето село [во Турција], туку во Приштина”.

Назад во Скопје, Ибрахим од сојузот на невладини организации кој ги застапува интересите на етничките Турци во Северна Македонија, смета дека Ердоган е заслужен за пионерската експанзивна нова визија за тоа што значи да се биде Турчин во регионот, поткрепена со зголеменото финансирање во болниците, училиштата, земјоделството, џамиите и банките.

„Турскиот идентитет не е национален идентитет”, вели тој. „Се шири низ народите. Се ткае во другите идентитети. Тој не е врзан со Турција. Многу е постар и многу поширок”.

Но, другите не се толку романтични за влијанието на Ердоган во регионот.

„Борбата на Ердоган против движењето на Ѓулен, неговите влошени односи со Западот и неговите остри мерки во Турција ги сменија правилата на играта во најголемиот дел од Балканот”, вели аналитичарот Софтиќ. „Се чини дека сѐ поголем број членови на дијаспората стануваат покритични кон владините политики во Анкара”.

Оваа статија е изработена како дел од Балканската стипендија за новинарска извонредност, поддржана од Фондацијата ЕРСТЕ и Фондациите Отворено општество, во соработка со Балканската мрежа за истражувачко новинарство (БИРН). Хамди Фират Бујук е новинар на БИРН со седиште во Сараево и политички аналитичар. Александер Клеп е новинар фриленсер од Атина и соработник на БИРН.  Сербезе Хаџиај е истражувачи новинар од Приштина. Уредник е Тимоти Ларџ.