Вести

Половина од данокот на имот се собира во Скопје

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

За имотите во Скопје се собираат по 10,2 милиона евра данок годишно | Фото: БИРН

Десетте скопски општини собираат пари од данок на имот колку сите други 70 општини заедно. Ова го покажува најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации за наплатата на овој данок, кој е изворен општински приход, што значи дека самата локална самоуправа го пресметува, ги доставува решенијата и го наплатува.

Според податоците од ЦГК за 2017, 2018 и за 2019 година, граѓаните и фирмите во просек годишно им плаќаат 21 милион евра на своите општини за имотот што го поседуваат на нивното подрачје. Од нив, 10,2 милиони евра собираат општините што го сочинуваат градот Скопје. Данокот се пресметува како 0,1 отсто од вредноста на имотот, што покажува дека земјиштата и градбите во Скопје вредат колку што вреди сѐ друго заедно.

Ова е уште еден индикатор за концентрацијата на економската моќ во главниот град наспроти запоставувањето на остатокот од државата, какви што се и уделот на скопскиот регион во создавањето на бруто-домашниот производ, разликата во просечните плати меѓу Скопје и другите региони итн.

Просечната наплата на данокот на имот е 81 отсто. Една петтина од парите што локалните самоуправи требало да ги наплатат, требало да ги соберат од сопствениците на имоти, но, сепак, не завршиле во нивните каси. Вкупно од ненаплатениот данок општините губат четири до пет милиони евра годишно. Но, има големи разлики меѓу нив во однос на тоа колкава е оваа загуба.

Прилеп, Велес, Гевгелија, Кавадарци, како и скопските Центар, Карпош, Ѓорче Петров, собрале над 90 отсто од предвидените суми. Тетово, Кичево, Липково и други не наплатувале ни по 60 отсто, а Гостивар, како поголема урбана општина со најслаба наплата, собрал само 40 отсто од предвидените пари. Послаби од тоа се само некои рурални општини, како Долнени, Маврово и Ростуше и Студеничани.

Арачиново е посебен случај. Таму наплатата изнесувала нула отсто бидејќи општината ниту наплатувала даноци на имот, ниту издавала решенија, ниту имала даночно одделение. Во извештајот на ЦГК се вели дека таа немала база на податоци за даночните обврзници, односно не знаела колку и кои луѓе поседуваат имоти на нејзината територија и колкава е нивната вредност.

Поради недостиг од прецизни податоци, некои општини пресметале дека наплатиле над 100 проценти од данокот на имот (Росоман 126 проценти), бидејќи во годишната наплата ги вклучиле и парите собрани од заостанатите решенија.

Регионално според процентот на наплата најдобро стои вардарскиот регион, а најлошо полошкиот.

Податоците покажуваат дека и по деценија и пол од почетокот на фискалната децентрализација, изворните приходи на општините покриваат само мал дел од нивните трошоци. Само седум општини успеале да го надминат прагот од еден милион евра наплатен данок на имот, а 36 одвај стигнале и до 50 илјади евра годишно.

Дури и тие што собрале најголеми суми, како урбаните скопски општини, со нив покривале одвај 10-20 отсто од своите годишни буџети. Многу поголеми кај нив се приходите од комуналии, што покажува дека локалните самоуправи тешко се ослободуваат од зависноста од постојано градење за да обезбедат економска одржливост.

Центарот за граѓански комуникации го реализира ова истражување како дел од својата активност наречена „Јавно трошење за јавно добро“. Податоците биле собирани шест месеци преку барања за пристап до информации од јавен карактер. Според ЦГК, тоа е последица на слабостите во системот на евиденцијата на општините за бројот и за вредноста на издадените решенија за наплата на данок на имот, како и на нивната поделба меѓу граѓаните и компаниите.