Анализи

Поповски: 5Г пренесува корона колку што Земјата е рамна

Поединци на социјалните мрежи неосновано ја нарекуваат кулата на АЕК на Водно „5Г кула“ и повикуваат да се урне | Фото: БИРН

„Ѓаволот ја однесе шегата“. Вака би прокоментирале постарите на апсурдите до кои може да донесе ширењето лажни вести, информации и теории на заговор. Во Британија, минатите денови се уништени дваесетина антени, кои се дел од технологијата за телекомуникациите и интернетот од петтата генерација – 5Г. Со тоа практично во оваа земја се создаде нов вирален тренд по социјалните мрежи, по примерот на „седи дома“, ова доаѓа нешто како „запали 5Г антена“.

Резултатот е: британските телефонски оператори ги молат граѓаните да престанат да им ги уништуваат столбовите, Фејсбук ги отстранува групите и профилите што повикуваат на тоа, а владата се заканува дека овие инциденти ќе почне да ги третира како закана за националната безбедност.

А сè тргнува од теориите што се шират вирално веќе некое време, дури и меѓу македонските корисници на социјалните мрежи, дека новата технологија е опасна по здравјето на луѓето и дека 5Г антените се виновни за ширењето на корона вирусот.

За стручен став прашавме телекомуникациски стручњак. Петар Поповски е електроинженер и професор на Универзитетот во Аaлборг, во истоимениот град во Данска, и fellow – член од највисок ранг на престижниот меѓународен Институт за електрични и електронски инженери со седиште во Њујорк – IEEE. Предава токму на темата – безжични комуникации, вклучително и овие од петтата генерација. Поради неговата презафатеност не бевме во можност да направиме директно интервју, но тој ни посочи дека ова прашање, поради актуелноста и итноста, набргу ќе го обработи во нова статија, која ќе биде јавно достапна.

Во некои земји беа запалени телекомуникациски антенски столбови | Фото: БИРН

Статијата излезе и во неа тој одговара на 10 главни прашања од виралните тврдења за новата технологија. Да пренесеме неколку од нив:

На прашањето дали е сосема глупаво да се биде загрижен за 5Г, тој смета дека луѓето имаат право да бидат загрижени за која било нова технологија што не им е позната. Луѓето се плашеле од струјата кога била воведена и дека бегале од првите автомобили кога се појавиле на улиците. Сепак, разликата е што сега веќе со години ја користиме безжичната технологија, чиј дел станува и 5Г. Посочува и дека, покрај правото да бидат загрижени, луѓето имаат право и должност да бидат и информирани за новите технологии. 

На тезата дека 5Г е насекаде и дека чувствуваме ефекти од зрачењето од антените преку кои таа се овозможува, Поповски објаснува дека тоа не е ниту теоретски можно поради тоа што оваа технологија сè уште не е во широка употреба.

„Колку луѓе познавате што користат интернет преку телефон или таблет поврзан на 5Г? Безжичното зрачење на кое сте изложени сега нема воопшто 5Г радиобранови додека има многу радиобранови од другите безжични технологии (4Г, безжичен интернет, 3Г, 2Г или безжичните слушалки за музика), кои се користат веќе со децении“, пишува тој.

Доколку, пак, познавате луѓе што тврдат дека нивниот рутер има 5Г, тоа најчесто не се однесува на оваа 5Г безжична технологија од која „се плашите“, туку на фактот дека нивниот рутер користи фреквенција од 5 гигахерци, што не е ништо ново, туку постои веќе 2 децении. 

5Г е штетно само ако сурфате и пишувате пораки додека возите автомобил

Некои денешни апарати имаат поголемо зрачење од 5Г уредите, вели експертот Поповски | Фото: БИРН

Клучното тврдење дека 5Г технологијата помага за ширење на Ковид-19, Поповски го споредува со хипотезата дека Земјата не е тркалезна, туку рамна.

„Ако, пак, толку сакате да обвините некаква техологија за ширење на вирусот, тогаш подобри кандидати се автомоблите и авионите, но, сепак, не сум сигурен дека и тоа би било рационално. Меѓутоа, можам да кажам дека ако ја имавме сега во широка распространетост 5Г технологијата, нашата работа од дома и далечинската интеракција ќе ни беа многу подобри.“ пишува тој.

За тоа дали 5Г е поштетна од актуелната 4Г технологија, објаснува дека целта на новите системи е подобар краен прием на информациите и да бидат поефикасни. Со тоа,  технологијата од актуелните генерации користи повеќе енергија отколку што тоа ќе го прави 5Г.

„Повеќето жалби и забелешки за 5Г на социјалните медиуми се испратени од уреди што зрачат повеќе отколку што тоа ќе го прават 5Г уредите“, поентира Поповски. 

За тврдењето што се шири по мрежите дека Белгија ја забранила 5Г технологијата, Поповски објаснува дека се работи за изјава на белгиски министер, кој не е цитиран како што треба, односно е изваден од контекст.

„Доколку имате цврст доказ за владина одлука со која се забранува 5Г и постои документ кој ги објаснува причините за тоа, тогаш би бил многу заинтересиран да го прочитам“, пишува тој.

Професорот заклучува дека е неспорно дека не може целосно прецизно да се предвидат сите долгорочни ефекти од која било технологија, но дека од сите сознанија денеска, 5Г и безжичите уреди не се штетни во смисла на зрачењата, а тоа е потврдено и од Светската здравствена организација.

„Сепак, свесен сум за еден начин на кој 5Г и другите безжични технологии можат да бидат многу штетни, а тоа е ако на нив пишувате пораки или пребарувате по интернет додека возите автомобил“, заклучува Поповски.

Целата статија можете да ја читате на следниот линк: 5G technology: Why Not to Worry and What to Do if You are Still Afraid of It