Анализи

Корона вирусот и одложената правда

Што донесува Уредбата на Владата за запирање на роковите во судските постапки

  • 1
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Две пресуди за предметите на специјалното јавно обвинителство, „Титаник 3“ и „Транспортер“ изрече Кривичниот суд во еден ден, денот на правосудството, 31 март. Со нив вкупно 23 обвинети беа прогласени дека се виновни пред првостепениот суд.

Истиот ден, „Службен весник“, на веб-страницата ја објави Уредбата на Владата, со која запираат роковите за жалби и другите правни лекови во судовите поради вонредната состојба со корона вирусот во земјава.

Оваа владина Уредба, барем на краток рок, би можела да ја одложи правосилноста на пресудата за случајот „Титаник 3“, каде што се обвинети функционери на ДУИ, бидејќи под мраз се законските рокови во кои обвинетите и обвинителите може да ги обжалат пресудите. И не само на овие две пресуди, туку и на сите слични предмети што се во жалбена постапка.

Турбулентни судења и пресуди во полупразни судници

Изрекување на пресудата за случајот „Титаник 3“ | Фото: БИРН / В. Маглешов

Две години и четири месеци траеше судењето за предметот „Транспортер“ на СЈО. Вкупно 21 обвинет во четириесетина рочишта беа неправосилно осудени за злоупотреба на службената положба и овластување со превозот на ученици во Битола.

Додека судијката Добрила Кацарска ја изрекуваше пресудата, во судницата беа присутни само неколкумина адвокати, а најголемиот дел од обвинетите, кои се од Битола, не дојдоа.

Очигледно дека корона вирусот и буквално и метафорички го разретчи метежот во судовите. На присутните на рочиштето, пред да влезат во судот им беше измерена температура, добија заштитни маски и ракавици.

Судиите со кои разговараше БИРН потврдија оти не се сеќаваат дека во историјата на државата да имало потивок ден на правосудството од вчерашниот.

Судењето за „Транспортер“ го следеше историја на турбуленции, од промена на судии, и поротници, до одложени расправи поради отсуство на обвинет… Првичните коментари за случајот беа дека со толкав број обвинети би се судел со години.

Нешто помалку време од „Транспортер“ се судеше предметот „Титаник 3“ за уништување изборен материјал, во кој беа одржани над 30 рочишта.

И овој предмет уште повеќе го следеа „тектонски изместувања“ на судењето, поради промена на неколку судии, одлагање рочишта поради отсуство на обвинетите…

Овие предмети на СЈО имаа турбулентна историја, но извесно е дека може да имаат многу побавен понатамошен тек, бидејќи и двете пресуди се донесени кога почна да важи Уредбата на Владата за запирање на роковите во судските постапки.

Одложени рокови

Судот постапува само за итни предмети | Фото: БИРН / В. Маглешов

За правдата да биде целосно и докрај задоволена, за овие пресуди ќе мора да се изјасни Апелациониот суд во Скопје. Тоа е второстепената судска инстанца што треба да ја потврди, укине или преиначи првостепената пресуда.

Но, скопска Апелација, која е надлежна да постапува за овие два предмета на СЈО, не ќе може да одлучува бидејќи во сила стапи Уредбата со која престануваат да течат роковите за вложување жалба.

„Законските и преклузивните рокови за изјавување правни лекови, правни средства или за преземање процесни дејствија во постапките од член 1 престануваат да течат од денот на стапување во сила на оваа уредба, па сè до завршување на вонредната состојба“, пишува во Уредбата, објавена во „Службен весник“.

Ова значи дека евентуалните жалби на Ејуп Алими и Исмет Гури од предметот „Титаник 3“, за три и полгодишните затворски казни, како и на Владимир Талески, Слободан Бончановски и останатите обвинети во „Транспортер“, како и жалбите на обвинителствата за овие пресуди, би биле привремено „замрзнати“ додека трае вонредната состојба во државава.

Во регуларни услови, објавената пресуда мора писмено да се изготви во рок од 15 дена по објавувањето, а во сложени предмети по исклучок, во рок од 60 дена.

Штом обвинетите и обвинителите ја добијат пресудата, имаат рок од 15 дена да се жалат. Сега, тој рок поради Уредбата на Владата не може да тече.

За изработка на пресудата за предметот „Транспортер“, каде што беа неправосилно осудени 21 обвинет, извесно е дека ќе требаат 60 дена, бидејќи станува збор за сложен предмет, кој има економска природа и каде што роковите би почнале да течат штом ќе им се достават пресудите на сите обвинети.

Но, Уредбата може да се однесува за предметот „Титаник 3“, и да овозможи привремено одложување на роковите за жалба.

Судиите од Кривичниот суд со кои разговараше БИРН велат дека роковите дополнително ќе влијаат врз распоредот на судења со голем број одложени рочишта. Ова особено поради тоа што никој не би можел да предвиди до кога би траела вонредната состојба, а прогнозите се дека врвот на епидемијата би бил на крајот на месецов.

Долгогодишниот адвокат Ванчо Митев, за БИРН вели дека роковите за жалба ќе продолжат да течат штом се укине вонредната состојба, односно Уредбата.

„Под претпоставка адвокатите да ги примат пресудите во текот на вонредната состојба, рокот за жалба нема да тече од приемот на пресудата, туку од денот кога ќе се укине вонредната состојба“, тврди Митев за БИРН.

Уредбата на Владата предвидува и одложување на упатните акти за затвор до три години, освен за предмети каде што постои опасност за застарување на извршување на казната.

И неговиот колега Бојан Ваневски е на иста линија. „Нема дилема дека уредбата има законска сила и како таква ги дерогира одредбите од сите други процесни и материјални закони за времетраење на вонредната состојба“, вели адвокатот Ваневски.

Уредбата на Владата, која им го продолжува мандатот на поротниците на кои им прекинал, не се однесува на итните предмети.

Митев смета дека Уредбата е добра и дека Владата требало да ја донесе веднаш по воведувањето на вонредната состојба, бидејќи, меѓу другото, оневозможува да застарат предметите.

„Роковите за застарување за кривично гонење, поведување и водење прекршочна постапка, за извршување на кривичните и прекршочните санкции престануваат да течат од денот на стапување во сила на оваа уредба, па сè до завршување на вонредната состојба“, пишува во Уредбата.

Предметите на СЈО на „стенд бај“

Судија кој во просек судел по 30-ина предмети, сега суди само по два или три | Фото: БИРН / В. Маглешов

Но, не само владината Уредба која ги замрзнува роковите, туку и Судскиот совет донесе одлука со која им препорача на судовите да ги судат само итните и неодложни предмети.

Најголемиот кривичен суд објави дека ќе се судат само предмети во кои еден или повеќе обвинети имаат мерка притвор или куќен притвор, предмети поврзани со загрозување на здравјето на граѓаните и со нарушување на полицискиот час и другите мерки на Владата за заштита од корона вирусот.

БИРН го провери распоредот на веб-страницата на судот за тројца судии од различни судски оддели. Евидентно е дека бројот на судења е сведен на минимум.

Па така, на пример, судијата Горан Бошевски од специјализираното одделение за судење предмети од организираниот криминал и корупцијата, до крајот на април закажал 20 предмети за судење, но ќе суди само три за време на вонредната состојба.

Неговата колешка од одделот за кривично-полнолетни, Славица Андреевска, од 70 закажани предмети, ќе суди два.

Во овој период нема да се судат ниту предметите на СЈО со кодни имиња на Т, како „Траекторија“, „Таргет-Тврдина“, „Тендери“, „Трезор“, кои се судат во специјализираното одделение за организиран криминал и корупција во најголемиот кривичен суд во државата.

Од познатите високопрофилирани случаи во јавноста закажани се рочишта само за „Рекет“, кој е во завршна фаза и се суди бидејќи е притворски предмет.