Актуелната власт го носи бремето на децениската критика кон нивните претходници дека го газеа основниот принцип на демократските општества, а тоа е транспарентно и отчетно владеење.
Извесно поместување во позитивна насока дефинитивно има, откако оваа гарнитура е на Илинденска бр. 2, меѓутоа далеку сме од констатацијата дека институциите и функционерите преку ноќ научиле искрено да комуницираат со медиумите и оти „умираат од желба“ да бидат отчетни.
А, тоа е полето на дејствување на министерот без ресор задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски.
Со него разговаравме за најавената стратегија за транспарентност, но и за буџетска поддршка на весниците, владината подготвеност да дебатира за слична или, пак, поинаква помош за телевизиите и за стравот дека партиските чекмеџиња и покрај сѐ ќе останат затворени за очите на јавноста.
Поранешен новинар, долгогодишен претседател на ЗНМ, некогашен автор на емисијата Х/О што одеше на Канал 5, во интервјуто за БИРН на прашањата одговараше исклучиво од аспект на неговите ингеренции како министер и се воздржуваше од одговори за политиките на другите институции и на владејачката партија СДСМ.
Општините каскаат со транспарентностa
И покрај владините заложби за отвореност, сѐ уште има проблем со транспарентноста внатре во институциите, вели Поповски објаснувајќи ја потребата од носење посебна Стратегија за транспарентност и отчетност како документ, кој ќе ги содржи сите насоки и препораки до државните институции.
„Поентата е да нема простор некој да се вади и да каже не знам, не ми е јасно.“
Според најавите на Поповски, стратегијата треба да е готова и усвоена во втората половина од годинава.
Регионално истражување, во кое била вклучена и домашната фондација „Метаморфозис“, покажало дека владиниот кабинет е најтранспарентен во регионов, меѓутоа општините биле на петто место.
Поповски го илустрира проблемот со општините преку фактот дека градоначалниците не ги објавуваат своите трошоци, како што тоа го прават министрите и нивните заменици на веб-алатката поставена на владиниот сајт.
Владата го поканила и претседателот Ѓорге Иванов да ја прифати алатката за транспарентност.
„Добивме дрзок и безобразен одговор – кои сме ние тоа да го бараме од него.“
„Тука некаде почнуваат проблемите. До каде што Владата има ингеренции или може да укаже, се објавуваат трошоците. Одржавме обуки со градоначалниците, меѓутоа тие не најдоа за сходно да ја преземат алатката и да ги информираат граѓаните.“
Владата го поканила и претседателот Ѓорге Иванов да ја прифати алатката за транспарентност.
„Добивме дрзок и безобразен одговор – кои сме ние тоа да го бараме од него.“
За разлика од шефот на државава, Собранието, обвинителствата и судовите начелно ја прифатиле инцијативата за објавување на трошоците за хотели, авионски билети, мобилни, ресторански услуги и за дневници.
„Меѓутоа, сѐ уште не гледаме ефекти од тоа.“
„Поддршката за весниците ќе даде ефект“
Владата одвои вкупно 690.000 евра за печатените медиуми, односно им покри половина од трошоците за печатење и за дистрибуција на весниците. Планот е ваквата поддршка да продолжи и во иднина.
„Ова е поддршка со надеж и со намера дека прво ќе преживее оваа индустрија, второ дека печатените медиуми ќе го подобрат квалитетот и трето дека условите на новинарите ќе бидат на многу пристојно ниво. Ќе следиме дали се зголемува или намалува бројот на вработени, какви се платите и дали има движење на подобро. Дали квалитетот на медиумот се движи на подобро.“
На нашето дополнително прашање како ќе се измери унапредениот квалитет на весниците, министерот реплицираше:
„Не постои мерливост од аспект на прецизни критериуми. Постои мерливост од аспект на впечаток, и вие и јас ќе следиме како тоа се одвива, на крајот на краиштата ако помошта не дава ефекти може да биде повлечена. Меѓутоа, јас очекувам дека ќе има ефекти.“
По реакцијата на турската амбасада, која ја обвини Владата дека дала поддршка на, како што вели официјална Анкара терористичкиот весник „Заман“, овој печатен медиум се откажа од парите што му следуваа.
Со оглед дека Турција е членка на НАТО, а власта прави крупни отстапки за да се придружиме во Алијансата, прашавме дали Владата или некој во нејзино име побарал од „Заман“ да се откаже од парите, за да немаме проблеми со Турците.
„Не! Ниту некој побарал, ниту имаме намера да се мешаме во правото некој да се откаже од помошта што ја добил.“
Министерот вели дека прецизно ѝ објаснил на турската амбасада зошто „Заман“ добил поддршка и дека за државната турска новинска агенција Анадолија повторил дека „остануваат на тоа што го прават и ќе го прават понатаму“.
Поповски е зачуден зошто никој не реагирал откако набргу по овие случувања, како што тој вели, весникот „Заман“ престана да излегува.
Дебата за помош на телевизиите и на радијата
Неодамна Владата ја поздрави иницијативата за поддршка на регионалните и на локалните телевизии. Барања за помош стигнуваат и од телевизиите со национална концесија и од оние што се пренесуваат само преку кабелска телевизија.
Затоа се доби впечаток дека Владата преку овие иницијативи, сепак, е подготвена да ги финансира телевизиите, наспроти предизборните ветувања на актуелната владејачка гарнитура дека никогаш нема да се повтори државното финансирање на комерцијалните телевизии.
„Не знам каде се остава таков впечаток, мислам дека тоа е една некоректна тенденција“, вели Поповски.
„Има еден куп варијанти за поддршка на телевизии и радија, а една од нив е нематеријална. Телевизиите плаќаат еден процент од вкупниот буџет во Филмскиот фонд, зашто во 2013 година некој така одлучил. И тоа им е огромен трошок, а притоа не ги користат услугите од таму.“
Тој потенцира дека иницијативите апсолутно не потекнуваат од владата, но потврдува дека „се разгледуваат предлозите и размислувањата“.
„Владата е подготвена за поддршка на медиумите по кој било основ, меѓутоа врз прецизни критериуми. Не импутирање пари, не тајно вложување средства, не праќање компании да рекламираат во медиуми.“
Поповски смета дека огромен број медиуми тешко ќе преживеат зашто рекламниот колач во државава е сведен на 15 милиони евра и дополнително се повикува на европски искуства за поддршка на телевизиите. Според него, еден од можните начини да им се помогне на овие медиуми е да им се скратат некои од наметнатите трошоци.
„Има еден куп варијанти за поддршка на телевизии и радија, а една од нив е нематеријална. Телевизиите плаќаат еден процент од вкупниот буџет во Филмскиот фонд, зашто во 2013 година некој така одлучил. И тоа им е огромен трошок, а притоа не ги користат услугите од таму.“
На прашањето дали министерот, сепак, ја остава можноста електрoнските медиуми да бидат поддржани со пари, тој вели:
„Оставам можност на некаков начин да бидат поддржани. Дали и како не можам сега да кажам, сѐ уште се разгледуваат предлозите.“
Партиските финансии треба да бидат јавни
Со лекција за поделеноста на власта на извршна и на законодавна, Поповски одби даде одговори за детали околу финансирањето на пропагандата за референдумот.
„Владата нема никаква улога во референдумската пропаганда, таа само доби барање за средства и Министерството за финансии ги префрли парите на Собранието. Учесници во кампањата беа партиите што се застапени во Парламентот“, ни кажа тој.
Со промените на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, кои сѐ уште не се усвоени, новинарите би можеле да откријат дали и од кои извори партиите го покриле оној дел од референдумската пропаганда што не беше платена од Собранието, односно да добијат одговор на прашањата колку чинеа, кој ги плати и кој ги изработи референдумските видеа и другите пи-ар материјали коишто готови стигнале во Собранието и потоа се емитуваа во медиумите.
Меѓутоа, врз база на препораките на ОБСЕ од дел од парламентарното мнозинство се најавува дека може да се тргне одредбата, која предвидува партиите да ги споделуваат финансиските податоци со јавноста.
На оваа тема, Поповски нема дилеми. Тој енергично тврди дека одредбата за граѓанска контрола на партиските финансии ќе остане во новиот Закон за пристап до информации од јавен карактер.
„Јас сум убеден дека она што значи прогресивна јавност и политичките партии од владејачкото мнозинство нема да дозволат вакво нешто да биде исклучено од законот. Партиите треба да бидат носители на информации од јавен карактер, особено сега кога се финансирани од буџетот.“
А на прашањето дали, сепак, во овој контекст може да нѐ изненади некој амандман, Поповски е дециден:
„Јас ви кажувам дека на тоа остро ќе се спротивставам.“