Адвокатот на Азем Сула, во понеделникот вечерта соопшти дека Специјализираното обвинителство на Косово, со седиште во Хаг, кое води истраги за злосторствата наводно извршени од припадниците на ОВК за време и по војната 1998-1999 година, го повикало поранешниот висок припадник на ОВК, на сослушување.
Адвокатот, Бесник Бериша, за Радио Слободна Европа изјави дека „немаат многу детали“ и дека не се знае дали тој бил повикан како сведок или осомничен.
Сула е и поранешен пратеник на Демократската партија на Косово (ПДК), основана од актуелниот претседател, Хашим Тачи.
Специјализираното обвинителство на Косово има задача да спроведе истраги за злосторствата, наводно, извршени од припадниците на ОВК, од почетокот на 1998 до крајот на 1999 година, кои вклучуваат убиства, киднапирања, нелегални апсења и сексуално насилство.
На оние, против кои ќе биде поднесено обвинение, ќе им се суди пред Специјализираните совети. Досега јавно не е објавено ниту едно обвинение.
Од минатата година, обвинителството сослуша повеќе од 100 поранешни припадници на ОВК.
Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, во јули годинава, откако обвинителите го повикаа на сослушување во својство на осомничен, поднесе оставка.
Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство (пошироко познати како специјален суд) на Косово, се дел од правниот систем на Косово и функционираат во согласност со косовското право, со ангажман на меѓународни судии и обвинители.
Во Косово нашироко постои негативен став кон овој суд, бидејќи многумина ја сметаат ОВК за војска која ги ослободила од српското владеење.