Регион

БиХ распиша потерница по обвинет за воени злосторства

Министерството за правда на Босна и Херцеговина, издаде налог за апсење на Ненад Бубало, поранешен заменик командант на воената полиција на 15-тата бихаќка бригада на ВРС, откако тој не се појави на рочиштето за изјаснување за вината.

Бубало, српски државјанин, беше обвинет во септември 2017 година, за злосторства против човештвото. Тој се товари дека во текот на јуни и јули 1992 година, учествувал во широко распространет и систематски напад и убиства и прогон на бошњачкото цивилно население во регионот на Бихаќ.

„Тој е обвинет дека заедно со други припадници на воената полиција на ВРС, учествувал во одведување на најмалку пет заробени бошњачки цивили од Љутачка долина, од логорот ИМТ сервис за трактори, како и во нивното  убиства во местото Хргар, по што телата на жртвите биле фрлени во природната јама Бездан“, соопшти Обвинителството на БиХ, кога го поднесуваше обвинението.

Во соопштението беше нагласено оти при ексхумација на јамата Бездан во 1997 година, биле пронајдени посмртни останки на 83 лица, меѓу кои биле и останките на споменатите бошњачки цивили.