Регион

Поранешен припадник на ХВО осуден поради убиство на Срби во Брчко

Емина Диздаревиќ, Сараево

Менсур Ѓакиќ (стои) во судница | Фото: Суд на БиХ

Судот на Босна и Херцеговина го осуди поранешен член на Хрватскиот совет за одбрана (ХВО), Менсур Ѓакиќ, на две години затвор, бидејќи не го казнил сторителот на убиството на тројца затвореници од српска националност, во селото Буквик, во близина на Брчко, во 1992 година.

Според пресудата на Судот на БиХ, Ѓаќиќ е прогласен за виновен, бидејќи од непосредна далечина набљудувал кога припадник на баталјонот на ХВО со кој команувал, убил тројца заробеници од српска националност, и при тоа не презел мерки да го казни сторителот.

„Ценејќи ги сите докази, советот, надвор од разумно сомневање, утврди дека Ѓаќиќ , како командант на Првиот баталјон на 108 бригада на ХВО, раководел и командувал со воена акција во селото Буквик, на 15 септември 1992 година“, изјави претседателката на судскиот совет, Џемила Беговиќ.

Таа додаде оти советот утврдил дека во една куќа во Буквик била сместена импровизирана амбуланта каде што овие тројца затвореници биле лекувани, а потоа и убиени.

„Советот утврди дека станувало збор за оштетени лица, кои не биле способни за борба … и кои биле лишени од живот пред очите на командантот – обвинетиот Ѓаќиќ – кој не ги презел сите неопходни мерки за казнување на сторителот“, рече Беговиќ.

Таа додаде дека Ѓаќиќ бил должен да го казни сторителот.

Со истата пресуда, поранешниот припадник на ХВО, Бегзад Кајтази, беше ослободен од обвиненијата дека за време на воената операција во Буквик, убил две жени од српска националност.

„Советот заклучи дека, во однос на обвиненијата, доказите ја немаат потребната сила на уверливост, за да може, надвор од разумно сомневање, да се утврди вината на обвинетиот Кајтази“, рече судијата Беговиќ.

Таа додаде дека исказот на сведокот за наводното учество на Кајтази во убиствата, бил „контрадикторен и нејасен“.

Против оваа пресуда може да се поднесе жалба.