Заштитениот сведок, РФЈ-150, пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ) во Хаг, изјави дека „главен командант“ на таа единица, во 1995 година, бил Франко Симатовиќ Френки, додека нејзин „шеф“ бил обвинетиот, Јовица Станишиќ.
Во Црвените беретки или Френкиевци, како што самите се нарекувале, сведокот, според неговите зборови, се приклучил во јуни 1995 година, кога имал 18 години.
На прашањето, според кого единицата била наречена Френкиевци, сведокот одговори: „Според нашиот командант во тоа време – Френки Симатовиќ“.
Сведокот РФЈ-150 наведе дека во командниот синџир, над Симатовиќ, бил „шефот на Службата за државна безбедност (СДБ), Јовица Станишиќ“.
Според неговите зборови, нему и на другите припадници на единицата, Симатовиќ, во една база, за време на нивната обука, им одржал „мотивациски говор“.
„Тој нѐ праша: ‘Кој од вас е подготвен сега да појде во акција, но да знае дека нема да се врати’. Речиси сите станавме. Тој рече дека нашата единица мора да ги извршува сите задачи, без разлика дали во Србија или надвор од неа, но дека вратата на претседателот Слободан Милошевиќ секогаш ќе биде отворена за нас“, рече РФЈ-150.
Запрашан како ги разбрал зборовите на Симатовиќ за отворената врата на Милошевиќ, сведокот одговори дека тоа значело „оти ќе нѝ биде обезбедено сѐ што треба, за единицата да биде ефикасна“.
Како еден од постарите инструктори чија обука ја поминал на една од петте локации, кои јавно не ги именуваше, сведокот го спомна Звездан Јовановиќ.
Јовановиќ ја следеше обуката за „тивка ликвидација“ на непријателот, рече РФЈ-150.
Јовановиќ беше осуден на 40 години затвор за убиство на српскиот премиер, Зоран Ѓинѓиќ, во 2013 година.
Станишиќ, и неговиот помошник, Франко Симатовиќ Френки, се обвинети за прогон, убиства, присилен трансфер и депортација на муслиманите и Хрватите за време на војните во Хрватска и во Босна и Херцеговина.
Според обвинението, Црвените беретки биле под контрола на СДБ на Србија.
Злосторствата за кои се обвинети Станишиќ и Симатовиќ, според обвинителите, биле извршени во рамките на здружен злосторнички потфат, чија цел била трајно и насилно отстранување на Хрватите и муслиманите од големи делови на Хрватска и на БиХ, со цел нивно припојување кон српската држава.
Во декември минатата година, откако Апелацискиот совет на Хашкиот трибунал ја укина првостепената ослободителна пресуда која што им беше изречена, Станишиќ и Симатовиќ се изјаснија за невини по обвинението.
Советот процени дека имало погрешна примена и толкување на законот, кога тие двајца беа ослободени од обвиненијата. Тој наложи процесот да се обнови и сите сведоци и докази да бидат повторно изведени пред нови судии.
Судењето продолжува во среда.