Регион

Во Загреб почна повторно судење на српски паравојник за воени злосторства

Свен Милекиќ, Загреб

Окружниот суд во Загреб. Фото: Викимедиа комонс/Сурадник13

Мирослав Јовиќ, поранешен припадник на силите на побунетите Срби во Хрватска, во понеделник, на повторното судење пред Окружниот суд во Загреб, се изјасни за невин по обвинението.

Јовиќ е обвинет за убиство на Иванка Медвед, и за ранување на нејзиниот сопруг, Бранко Медвед, во селото Горно Табориште, централнa Хрватска, во септември 1991 година.

Според обвинението, Јовиќ, заедно со уште еден хрватски Србин, Милан Станојевиќ, отворил оган врз двајца цивили. Бранко Медвед преживеал, иако бил погоден со пет куршуми.

Јовиќ и Станојевиќ првично беа осудени во отсуство во август 2007 година. Хрватскиот Врховен суд ја потврди одлуката на Окружниот суд во Сисак, од мај 2006 година, и ги осуди на 15 години затвор.

На сослушувањето во понеделник, како сведок на обвинителството сведочеше 52-годишниот Бранко Медвед, кој посочи дека Јовиќ и Станојевиќ, облечени во воени униформи, во селцето Силај во Горно Табориште, пукале во него и во неговата сопруга од автоматска пушка, додека тие носеле трева за добитокот.

„Мојата жена и јас тргнавме накај патот и јас ги видов (Јовиќ и Станојевиќ). Им реков ‘здраво’. Тие не ми одговорија, туку отворија оган врз нас. И двајцата паднавме, Иванка беше убиена, а јас бев повреден. Не се сеќавам кога се разбудив потоа“, изјави Медвед во судот.

Тој објасни дека мајка му и некои луѓе од селото „во импровизирана носилка направена од гранки и ќебе” го однеле до поток во близина.

Од таму, со возило на брза помош бил пренесен во најблиската болница во градот Покупско, а потоа во воената болница во Велика Горица во близина на Загреб. Тој се опоравувал во болницата два месеци, а потоа уште четири во медицински санаториум.

Пред судот изјави дека Јовиќ стоел околу 15 метри подалеку од него пред да почна да пука во нив и оти јасно го видел. Според Медвед, Станоејевиќ стоел околу 15 метри оддалечен од патот.

Сепак, адвокатката на Јовиќ, Дијана Томашеговиќ-Томиќ, изкави дека Медвед, во 2006 година, пред судот во Сисак на друг начин ја опишал оваа ситуација, односно оти тогаш изјавил дека Станојевиќ му бил поблиску, а оти Јовиќ бил зад него.

Од друга страна, сведокот на одбраната, Милан Кауриќ, во понеделникот пред судот изјави дека слушнал оти Јовиќ не бил оној кој пукал во двојката Медвед.

Кауриќ нагласи дека, додека бил кај свој пријател кај кој се колела свиња, Перо Мравиќ наречен Скендер, се фалел дека пукал во Бранко Медвед.

„Тој рече дека го застрелал глувонемиот син на бочварот (Бранко Медвед), кој, како што рече, успеал да му избега неколку пати. Тој ни кажа дека му опцул усташка мајка и му рекол: ‘Сега нема да бегаш од мене’, а потоа пукал во него“, рече Кауриќ.

Тој додаде дека Мраовиќ го нарекол Медвед ‘глувонемиот’, бидејќи во неколку наврати тој не му одговорил ништо кога Мраовиќ му се обратил.

Кауриќ истакна оти е подготвен да сведочи против Мраовиќ – кој наводно живее во Канада – ако некогаш го донесат пред судот и нагласи оти Мраовиќ не спомнал дека пукал во Иванка Медвед.

Јовиќ, хрватски државјанин, беше уапсен на аеродромот во Тиват во Црна Гора во ноември 2016 година. Во Хрватска беше екстрадиран во февруари 2017 година.

Судењето продолжува во јуни.