Регион

Поранешен војник ја тужи БиХ поради „душевна болка“

Харис Ровчанин, Сараево

Судот на БиХ. Фото: БИРН

Саша Перковиќ побара отштета во износ од 13.000 конвертибилни босански марки (околу 6.650 евра) за душевната болка што ја претрпел поради ограниченото движење, мера која му била наметната за време на постапката што се водела против него за воени злосторства, беше речено денеска на сослушувањето пред Судот на БиХ.

Сафија Крешталица, од Правобранителството на БиХ, истакна оти барањето на Перковиќ треба да биде одбиено, со образложение дека изречените мерки биле „неопходни за правилно и законско водење на постапката“.

Адвокатот на Перковиќ, Зорана Чаркиќ, нагласи дека нејзиниот клиент психички страдал поради забраната за напуштање на својот дом, за време на, како што рече, „неоправданата кривична постапка“.

Перковиќ, поранешен член на бригадата од Рогатица на Војската на Република Српска (ВРС), заедно со уште седум други лица, беше ослободен од обвиненијата дека во септември 1992 година, во селото Карачиќи, крај Рогатица, тие стрелале и запалиле 20 Бошњаци.

Илија Вукашиновиќ, еден од овие седуммина, во септември 2018 година, доби 7.000 конвертибилни марки (околу 3.570 евра), како отштета за времето што го поминал во притвор во текот на постапката.