Регион

Хрватска повторно му суди на поранешен српски борец

Ања Владисављевиќ, Загреб

Окружниот суд во Осиек. Фото: Викимедиа/Истра1977

Пред Окружниот суд во Осиек денеска продолжи обновеното судење на 62-годишниот државјанин на Србија, Ѓорѓе Ркман, обвинет за воени злосторства извршени врз цивили, во градот Ѓаково, во 1991 и 1992 година, додека бил припадник на локалната територијална одбрана.

На почетокот на повторното судење, кое започна во понеделникот, Ркман се изјасни за невин. Весникот „Гласот на Славонија“, објави дека Ркман пред судот, на наводите од обвинението, рекол: „Тоа не е точно!“.

Судот во Осиек првично, во 1994 година, го осуди Ркман во отсуство, на 20 години затвор.

Тој заедно со 18 други членови на т.н. „Шолдовачка група“, составена од српски борци, беше осуден за гранатирање на Ѓаковица и околните села Кешинци, Коритно, Мрзовиќ, Семељци и Владиславци. Меѓутоа, во повторното судење, повеќето од нив беа ослободени од обвинението.

Ркман беше уапсен во април минатата година на граничен премин меѓу Србија и Босна и Херцеговина. Властите во Сараево потоа ѝ го предадоа на Хрватска, по што тој поднесе барање за повторување на судењето.

Според хрватската новинска агенција Хина, заменикот јавен обвинител на Осиек, Златко Бучевиќ, изјавил оти обвинителството има докази дека Ркман, за време на нападите врз цивилните цели, бил командант на територијалната одбрана.

Од друга страна, адвокатот на Ркман, Крунослав Вукшиќ, во воведните зборови посочил дека одбраната ќе докаже дека Ркман не командувал со борците на територијалнта одбрана и оти нема никаква врска со нападите врз цивилите.

„Тој се грижел за потребите на населението, без разлика на националната припадност и немал никаква врска со воените дејства“, изјавил неговиот адвокат, пренесува „Гласот на Славонија“.