Истражувањa

Поротниците – најслабата алка во правосудниот синџир

Судиите поротници се најлесна мета за корупција и притисоци, а никој не го адресира проблемот, покажува истражувањето на БИРН

Поротници надгласале судијка, поротничка била сестра на адвокатка во судскиот процес, поротник суди во кривичниот суд, а бил на кандидатска листа на политичка партија… 

Ова се некои примери до кои дојде БИРН разговарајќи со судии во истражувањето за улогата на поротниците во правосудниот систем, откако се искомплицираа судењата на неколку високопрофилни случаи, токму преку завршувањето на мандатите (случај „ТНТ“) и своеволно откажување на поротниците („Тортура“, „Триста“, „Транспортер“). 

Истражувањето покажа оти улогата на поротниците лесно се злоупотребува зашто, од една страна, тие се еднакво моќни и важни како судиите, а, од друга страна, речиси секој може да биде поротник, слабо се платени и немаат никаква одговорност.

„Статусот на поротниците е една од најслабите алки во правосудството. Судот добива избрани поротници од Судскиот совет, за нивната одговорност воопшто не се говори“, вели за БИРН претседателот на скопска единица, Иван Џолев.

„Пред неколку години буквално ми купија двајца поротници“, вели во сведоштво за БИРН, судија од кривичниот суд, кој сакаше да остане анонимен. 

Најеклатантен пример за моќта на тивкиот глас во судниците, е случајот за обвинет бизнисмен и поранешен градоначалник, во кој двајца поротници ја надгласале судијката и обвинетиот бил ослободен во првостепената постапка. 

Судијката, која сега е во пензија, вели дека донела издвоено мислење за случајот, но не поради тоа што таа морало да се согласи со поротниците, туку затоа што насетила дека зад нивните одлуки стои некаков интерес.

Идентична ситуација со надгласување на судиите од поротниците имаше и во случајот со „Раштански лозја“.

Поротниците не се само пасивни статисти во постапката, иако впечатокот кај дел од јавноста е таков. Тие не се правници, но при донесувањето на пресудата, пред судот ги претставуваат граѓаните. Тие се граѓанската контрола во спроведувањето на правдата. Поротниците не се професионалци, а волјата да се дели правда подразбира доброволна општествена одговорност.

Поротниците се побројни од судиите во судечките совети. Еден професионален судија и двајца поротници судат во првостепен суд за кривични дела, за кои потенцијалната пропишана казна затвор е меѓу 5 до 10 години. 

Двајца професионални и тројца поротници постапуваат за кривични дела за кои е пропишана казна од 10 до 15 години и доживотен затвор. Тоа значи дека граѓанскиот елемент во судечкиот совет е поброен од гласот на судиите, но и како бројка, во државата има над 500 судии и над 1.100 поротници.

На крајот од судењето, при гласањето за вина, први се изјаснуваат поротниците, а потоа судиите. Ова се повторува и во вториот круг, кога станува збор за усогласување на судиите и поротниците за висината на казната. 

Судија-поротник, исто како и судијата не можат да бидат повикани на одговорност за искажано мислење и одлучување при донесувањето на судските одлуки.

Правда дели партиски активист и кандидат за советник

Судии тврдат дека поротници биле партиски активни додека траеле судењата | Фото: Роберт Атанасовски

„Однесувањето на судијата/судијата поротник, како во професионалниот, така и во приватниот живот, ја потврдува довербата на луѓето во интегритетот на судството“, пишува во Етичкиот кодекс на судиите и судиите поротници. 

Меѓутоа, додека однесувањето на судиите и обвинителите е секогаш под будното око на јавноста, која е подготвена да реагира и осуди каква било постапка што би асоцирала на пристрасност, праксата покажува дека поротниците функционираат под радарот на јавноста. 

„До овој момент не постојат јавно достапни истражувања во поглед на тоа против колку судии поротници биле поведени кривични постапки поврзани со злоупотреба на нивната функција, ниту, пак, колку поротници биле осудени за вакви слични кривични дела“, вели Натали Петровска, директорка на Коалицијата сите за правично судење.

Проверувајќи ги имињата на поротниците избрани во мај 2018 година објавени во Службен весник, БИРН откри поротник кој на својот профил на Фејсбук споделува партиски фотографии, меѓу кои, објавил и плакат за локални избори, на кои самиот бил кандидат за советник во една скопска општина.

Во друг случај, кога требало да се избира поротник за судечки совет за упадот во Собранието на 27 април, дополнителни проверки спречиле за поротник да биде избран човек кој и самиот бил дел од групата што влегла во Собранието, но за кого немало кривична пријава. 

Судии за БИРН потврдија дека до нив стигнале информации дека и други поротници биле исклучително партиски активни додека траеле судењата.

Законот за судови е јасен дека судијата не смее да членува и да врши политичка функција во политичка партија или да врши партиска и политичка активност. Според тоа, забраната се однесува на судиите, а не на судиите поротници, иако нивните гласови се рамноправни.

„Кога бев на интервју во Судскиот совет, едно од прашањата што ги добив беше дали сум член на политичка партија, на што одговорив дека немам врска со политикката“, вели Џолев.

Освен партиската, и роднинската припадност може да игра улога во (не)пристрасноста во постапувањето на поротниците. 

Таков пример имало пред пет години во кривичниот суд. На судијката Софија Лаличиќ не ѝ се верувало дека за пресудата што ја донела, стигнала жалба од обвинет напишана со пенкало на лист хартија, во која стоело дека поротничката и адвокатката се сестри.

Судијката веднаш се јавила да провери, но двете негирале дека се во роднинска врска. Лаличиќ потоа побарала да дадат изјава пред судот, и дури тогаш поротничката потврдила дека се сестри.

„Ги информирав Судскиот совет и Адвокатската комора. Судскиот совет ја разреши поротничката, а за адвокатката беше поведена дисциплинска постапка“, вели Лаличиќ за БИРН.

Праксата познава примери на изземање на поротниците поради пристрасност, но тоа е реткост во кривичниот суд, велат оттаму. 

Според нивната евиденција, во изминатите години тоа е направено во 2018 година, кога поротник се познавал со обвинетата и во предметот „Монструм“, каде што адвокатот и поротникот биле роднини.

Повлекување на поротниците – мина на патот до правдата

Не секогаш разговорот ги премислува поротниците | Фото: Роберт Атанасовски

Улогата на судиите-поротници и сомнежот дека преку нив може да се минира судска постапка се разбуди лани, кога судии-поротници поднесоа оставки или им истече мандатот загрозувајќи ги судењата во случаи на висока корупција. 

Поради повлекувања на поротници, од почеток почнаа неколку звучни судски случаи, меѓу кои и предмети на СЈО. Имено, поротниците имаат ист статус со судиите, тие мораат да бидат запознати со сите докази, искази на сведоци. Ако се смени макар и еден поротник, за тоа законот налага целата постапка да почне од почеток. 

Само упорноста на судијката Добрила Кацарска спречила случајот „Тенк“, во кој правосилно се осудени Никола Груевски, Гордана Јанкулоска и Ѓоко Поповски, да заврши без пресуда бидејќи еден од поротниците решил да се повлече од здравствени причини. Свесна дека за еден од обвинетите наближувало застарување на делото, судијката успеала да го премисли поротникот и тој останал да суди. 

„Поротникот потоа остана до самиот крај на судењето и никогаш повторно не го спомна здравјето“, вели Кацарска за БИРН.

Но, не секогаш тоа успева. Судијката Александра Ристеска, во предметот „Тортура“ против ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, и полициските алфи, загуби поротничка, која поради семејни причини поднела оставка на функцијата. Разговорот со неа не помогнал, па судењето, кое траеше две години, почна одново. 

Кодексот за етика ќе важи и за поротниците

Кодексот за судиска етика, кој важеше само за судиите, отсега ќе важи и за поротниците, потврди за БИРН, претседателот на Здружението на судиите, Џемали Саити. Тој вели дека во советодавното тело за судиска етика треба да биде номиниран и еден поротник.

Случајот „Еразмус“, во кој се суди дали имало поткуп за професори од Економскиот факултет, по четири години се врати на почеток затоа што судијата-поротник решил да оди на гурбет во Германија. Одлуката ја соопштил само седум дена пред да замине на печалба.

„Поротникот може пред судењето, за време на судењето да каже дека се откажува од поротничката функција и судот нема механизми да го спречи во неговата намера, со што, дополнително се усложнува постапката“, вели претседателот на судот, Џолев.

Овој проблем би се спречил доколку во секоја судска постапка бидат назначени заменски поротници, особено за високопрофилирани случаи, и во случаи кога претседателот на судот знае дека поротникот поради возраста е пред крај на мандатот, но поради недостиг од луѓе се случува процесите по неколку години да се вратат на почеток. 

Па, така во случаите „Титаник“ и „Ласкарци“, дополнителните поротници спречија овие судски предмети да почнат од почеток.

Во изминатите години, најмногу поротници по нивно барање биле разрешени во 2014 година, дури 29, а следните години тој број се движел меѓу 10 и 20. Само ланската година, таа бројка е редуцирана на тројца. Но, оваа сувопарна статистика не дава одговор на прашањето што се крие зад личните причини на поротниците за оставка и дали можеби зад оставките демнат лукративни или други интереси.

Причината е тоа што во Судскиот совет секоја година стигнуваат барања да бидат разрешени поротници по нивна желба, но телото што избира и констатира престанок на мандат на судиите-поротници, нема законско овластување да преиспитува зошто поротниците бараат предвреме да им заврши мандатот.

Правдата е евтина и подложна на влијанија

Најголем број од поротниците се жени | Фото: Роберт Атанасовски

Судејќи според интересот да се биде судија-поротник, тоа е непопуларна и слабо платена функција. 

Недостигот од поротници најдобро го илустрира менувањето на Законот за судови, кој пропишал критериум за поротници само со високо образование, па откако Судскиот совет се соочил со недостиг од кандидати, образовниот праг е вратен на средно образование. Стечајци, психолози, професори, но и магистри… Профилот на поротниците е разновиден, велат од кривичниот суд.

Во моментов има над 1.100 поротници во сите судови во Македонија, а во најголемиот кривичен суд активно работат 73. Повеќето се над 50-годишна возраст, а слична е состојбата и во скопскиот граѓански суд. Таму има 53 активни поротници. 

Според составот на поротниците, во двата најголеми скопски, за оваа високоодговорна улога повеќе се заинтересирани жени. 

Тие се избираат на јавен оглас, а како критериуми се наведени: полнолетност, македонско државјанство, неосудуваност, најмалку средно образование, возраст, не поголема од 60 години, и углед за вршење на функцијата. 

Кандидатите доставуваат и потврда за неосудуваност и изјава дека не се во роднински врски со судии, поротници и членови на Судскиот совет.

Поротниците порано имаа и обврска повеќе, полагаа психолошки тест и тест за интегритет. Но, за полагањето самите плаќаа по 6.000 денари, па државата се соочи со ситуација на алармантен неколкугодишен недостиг од поротници. 

Оваа обврска беше укината, па поротниците сега мора да посетуваат специјализирана обука во Академијата за судии и јавни обвинители и да добијат потврда без да полагаат испит, што порано беше обврска. 

Од таму за БИРН велат дека изминатите години специјализираните обуки што траат два дена по шест часа ги посетиле приближно 500 поротници.

 „Обуката се спроведува со цел подготовка на судиите поротници за примена на процесните и материјалните закони, како и професионално, етичко и непристрасно извршување на функцијата судија-поротник“, oдговорија од Академијата.

Избраните кандидати даваат изјава пред претседателот на судот и чекаат распоред во совет со професионални судии и други поротници.

За секој поминат ден во судница на скопска единица, државата на поротниците им исплаќа 600 денари дневница и дополнителни 70 денари ако живеат 2,5 километри подалеку од судот. Во судовите, овие делители на правда, добиваат по 300 денари од ден, а пред последните измени во 2018 година, добиваа по симболични 125 денари. 

За познавачите, ниските хонорари се една од причините за незаинтересираност на луѓето за оваа функција. 

„На лицата што сакаат да бидат поротници, поисплатливо им е да бидат вработени во фирма, бидејќи така ќе бидат многу поплатени“, вели за БИРН претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев.

Меѓутоа, интегритетот не смее да биде условен со материјалната сатисфакција, инсистира министерката за правда, Рената Дескоска. 

„Без разлика на износот за кој вршите одредена професија, вие сте се согласиле да ја вршите истата во согласност со начелата на законитост и чесност, така што прифаќањето влијанија поради кои било причини не е оправдување“ вели Дескоска за БИРН.

Сепак, таа додава дека во Министерството се размислува да се измени правилникот и надоместот за поротниците повторно да се зголеми. 

Но, не сите се убедени во лошата материјална состојба на поротниците. Особено што таа, за разлика од судиите, не е подложна на проверка, што ја отвора можноста за коруптивни зделки. 

„Сметам дека ако се испита имотната состојба на поротниците, еден дел ќе бидат со посолидна имотна состојба од мене“, вели Џолев.