Апелацискиот суд во Приштина, денеска ја потврди третата верзија на обвинението, со кое шест лица се товарат дека се дел од наводна организирана криминална група, одговорна за убиството на Оливер Ивановиќ, извршено во јануари 2018 година, со што се отвори патот за почеток на судењето во овој случај.
Судот одлучи да им суди на обвинетите Марко Росиќ, Силвана Арсовиќ, Раде Басара и Недељко Спасојевиќ, како на членови на здружен злосторнички потфат, кои го убиле Ивановиќ.
Полициските службеници, Драгиша Марковиќ и Жарко Јовановиќ, се обвинети за манипулирање со доказите во овој случај.
Во својата одлука, Апелациониот суд објаснува дека Основниот суд во Приштина „дал доволно причини“ за тоа дека обвинението „содржи доволно докази за да се потврди основаното сомнение дека обвинетите биле вклучени во кривичните дела за кои се товарат“.
Сите обвинети се изјаснија за невини на првичното рочиште во февруари 2021 година.
Според обвинението, наводни водачи на криминалната група биле Милан Радоичиќ и Звонко Веселиновиќ. Радоичиќ, потпретседател на Српска листа, главната српска партија на Косово, која има поддршка од Белград, и бизнисмен кој се смета за вистински носител на моќта на северот на Косово, негираше вмешаност во убиството на Ивановиќ.
Ивановиќ, иако претходно се сметаше за тврдокорен националист, стана умерен политичар, кој се залагаше за соживот на српското малцинство и албанското мнозинство во Косово.
Тој стана и гласен критичар на Владата во Белград.
Пред да биде убиен, нему, во обновена постапка, му се судеше по обвинение дека дал наредба за убиство на Албанци во Митровица, за време на војната на Косово во 1999 година. Тој изјави дека не е виновен.