Регион

Дваесет и осум годишна потрага по исчезнати припадници на АБиХ

И покрај напорите на нивните семејства, нивните посмртни останки до денес не се пронајдени, а оние што ги убиле, за тоа не одговарале

Феѓа Хусковиќ бил студент на втора година на Електротехничкиот факултет во Сараево, кога за време на војната во Босне и Херцеговина, ѝ се приклучил на АБиХ.

Исчезнал на 10 мај 1993 година, пет дена по неговиот 21 роденден, во напад на ХВО, на седиштето на 4-тиот корпус на АБиХ во Мостар.

Повеќето посмртни останки на војниците кои исчезнаа тој ден, се пронајдени, но не и останките на Хусковиќ, Шефик Побриќ и Хасан Балиќ, ниту пак некој е осуден за учество во нивното исчезнување.

„Ручавме заедно на 8 мај 1993 година и вечерта тој отиде на должност, да го замени својот соученик, и остана и на 9 мај. Малиот Недим се врати дома, а мојот Феѓа остана, го снајде  судбината на другите“, ја опишува мајката на Феѓа, Јадранка Хускиќ, последната средба со нејзиниот син.

Јадранка и нејзиниот сопруг, кој во меѓувреме починал, со години барале информации за Феѓа. Таа вели дека се обраќале до народниот правобранител, до функционерот на босанските Хрвати, Јадранко Прлиќ, градоначалникот на Мостар, Невен Томиќ и до Сафет Оручевиќ, но без резултат. Сопругот, вели таа, нудел дури и пари за информации, но никој никогаш не ги контактирал.

Посмртни останки на десет војници на АБиХ, убиени за време на војната, беа пронајдени во масовна гробница во местото Римски Бунар, во близина на Мостар, во 2007 година.

„Кога рекоа дека ги нашле телата во Римски бунар, тогаш за прв пат реков: ‘Боже, нека биде и мојот Феѓа таму, за да можам да се смирам, да го најдам и да го закопам’. До тој момент се надевав дека е некаде, дека некој го сокрил, дека му помогнал“, вели Јадранка.

Пронајдените останки на припадниците на АБиХ, биле погребани на гробиштата Шехитлуци, каде три гроба се оставени празни.

Јадранко Прлиќ беше премиер на самопрогласената Хрватска Република Херцег-Босна, а за нејзин „главен град“ се сметаше Мостар – градот беше етнички поделен за време на војната и во него се водеа жестоки борби меѓу ХВО и АБИХ.

Во 2017 година, Хашкиот трибунал го осуди Прлиќ за воени злосторства над Бошњаците, заедно со уште пет високи воени претставници на босанските Хрвати. Еден од нив, Слободан Праљак, испи отров во судницата по изрекувањето на пресудата, и набргу потоа почина.

Во пресудата се вели дека зградата на седиштето на 4-ти корпус АБиХ, станбен комплекс познат како „Враница“, бил нападнат од ХВО на 9 мај 1993 година. Следниот ден, припадниците на АБиХ се предале.

Според пресудата, дел од војниците кои се предале, биле затворени во просториите на Машинскиот факултет, „каде биле жртви на брутално претепување“.

Судот утврди дека во текот на ноќта, помеѓу 10 и 11 мај 1993 година, војниците на ХВО убиле 10 војници на АБиХ затворени во Машинскиот факултет. Во пресудата, како жртви, се споменуваат Побриќ и Балиќ, но не и Хусковиќ.

Јадранка Хусковиќ, покрај празниот гроб на својот син, Феѓа. Фото: БИРН

Братот на Шефик Побриќ, Семир, вели дека зад неговиот брат останало бебе, кое, кога Шефик исчезнал во мај 1993 година, имало еден и пол месец.

„Веднаш знаев дека е заробен, имавме информации. Дури видовме и како гори (командата)“, вели, Семир Побриќ.

Тој нагласува оти неговите родители со години трагале по телата на исчезнатите, но неговата мајка не можела тоа да го издржи, па се разболела и починала.

Телото на Џевад Чолиќ, кој се предал во „Враница“, било пронајдено во местото Римски бунар, во мај 2007 година. Неговата сестра, Зејна Чолиќ, вели дека во 2004 година, на семејството му биле понудени информации за гробницата, од страна на лице од хрватска националност.

Ова лице не побарало ништо на почетокот, но подоцна побарало од Зејна да сведочи во негова корист, затоа што тој учествувал во вооружен ицидент, но таа го одбила, бидејќи не била запознаена со случајот.

„Тој ни се јавуваше до 2007 година, јас дури и се сретнав со него. Тој нацрта локација на Горанци, како да е таму гробницата. Меѓутоа, на тоа место беше пронајдено оружје, а гробницата беше подолу“, вели Зејна Чолиќ.

Пред гробницата да биде пронајдена, нагласува таа, секој ден одела вој Црвениот крст и барала информации за брата си. Додава дека едно цивилно лице, кое било на Машинскиот факултет ѝ рекло: „Никој не беше заробен, сите беа ликвидирани“.

„Да ни помогнат да ги најдеме нашите деца“

Семир Побриќ, покрај празниот гроб на својот брат. Фото: БИРН

Во 2000 година пред Кантоналниот суд во Мостар, почна судењето на Мато Аничиќ, Ерхард Позниќ и Иван Шкутор, обвинети во случајот „Враница“, за воени злосторства над заробени припадници на АБиХ. По скоро 20 години, случајот заврши со ослободителна пресуда.

Три пати, Врховниот суд на Федерацијата БиХ, ја поништуваше ослободителната пресуда на Кантоналниот суд во Мостар и го враќаше предметот на повторно судење, за четврти пат да ја потврди ослободителната пресуда во делот за воени злосторства над воени затвореници.

Потоа, во 2015 година, случај што произлезе од овој предмет, беше пренесен на Обвинителството на БиХ, а Федералната полициска управа беше ангажирана во истрагата за убиствата на заробените војници од 4-тиот корпус.

Во 2019 година, семејствата на изчезнатите војници одржаа состанок со главната обвинителка на Обвинителството на БиХ. Им било речено дека „истрагата е во тек“.

„Немаме никакви информации веќе пет години, освен дека истрагата е во тек“, нагласува Азра Пенава, претставник на Одборот на родители на припадниците на АБиХ „Враница“ Мостар.

Обвинителството на БиХ не одговори на прашањето на БИРН, за случајот „Враница“.

Семир Побриќ вели дека се надева оти ќе најде барем една коска од неговиот брат и ќе ја стави во празниот гроб во Шехитлуци.

Од друга страна, Јадранка Хусковиќ апелира до сите што знаат нешто, да ѝ дадат информации што можат да ѝ помогнат да открие што се случило со нејзиниот син.

„Ги замолувам сите што знаат да кажат нешто, да се ослободат малку“, истакнува таа.

„Стари сме веќе, родители умираат, роднини умираат. Тие луѓе, тогаш беа момчиња, сега се луѓе, па нека се растоварат малку и нека ни помогнат да ги најдеме своите деца и да ги закопаме достоинствено“, порачува Хусковиќ.