Регион

Потврдено обвинението за воени злосторства против Кадри Весели

Кадри Весели на комеморацијата на загинати борци на УЧК. Фото: Кадри Весели/Фејсбук

Весели денеска објави дека обвинителите на Специјализираните совети на Косово (ССК) во Хаг, го известиле дека судијата за претходна постапка го потврдил обвинението за воени злосторства и „дека тој се согласил доброволно да отпатува во Хаг за да одговори на наводите во обвинението“.

Весели, еден од основачите и водачи на ОВК, кој беше претседател на Собранието до последните избори на Косово, истакна дека, за разлика од некои луѓе на Косово, тој не ги гледа ССК како „навреда за нашата историска борба за заштита на народот од режимот на Милошевиќ“.

Тој додаде дека верува оти ова е можност конечно да се одговори на лажните обвинувања и гласини, што се шират со години, во врска со наводните воени злосторства на припадниците на ОВК.

„Затоа го поддржав формирањето на овој суд и затоа сега сум подготвен да ја одиграм својата улога во тој процес“, нагласи Весели.

Специјализираното обвинителство на Косово (СОК) во јуни објави дека ќе ги обвини Весели, претседателот Хашим Тачи и други лица, за злосторства против човештвото и за воени злосторства, кои вклучуваат убиства, насилно исчезнување, прогонства и тортура.

Во обвинението, според соопштението, се тврди дека „Хачим Тачи, Кадри Весели и другите осомничени со обвинението, сносат кривична одговорност за близу 100 убиства. Жртвите на кривичните дела од обвинението се стотици лица чиј идентитет е познат, меѓу кои има косовски Албанци, Срби, Роми и лица од други националности, како и политички противници“.

Поранешниот офицер на ОВК, Реџеп Селими, висок член на најголемата опозициска партија, движењето Самоопределување (Ветевендосје), исто така, потврди дека е обвинет за наводни воени злосторства и дека денеска ќе отпатува во Хаг, за да се соочи со обвиненијата.

„Вечерва од ССК бев известен дека има потврдено обвинение против мене“, напиша Селими на Фејсбук, додавајќи дека ќе отпатува за Хаг за да се соочи со овој предизвик, кој пред се е поставен пред ОВК.

„Заминувам со високо крената глава и кога и да се вратам, ќе се вратам повторно со високо крената глава… Знаев и секогаш ќе знам како да ја бранам слободата на народот, на државата Косово и на славната ОВК“, додаде тој.

За време на војната 1998-1999, тој беше ангажиран во Генералштабот на ОВК.

Поранешниот премиер и лидер на партијата на Селими, Албин Курти, кој во моментов е во самоизолација поради корона вирус, синоќа на Фејсбук напиша дека „неправдата продолжува“.

Тој алудираше на обвинението против Селими и на апсењето на поранешниот секретар на ОВК и поранешен претседател на Собранието, Јакуп Красниќи.

Красниќи беше уапсен вчера, по извршениот претрес во неговите куќи во Приштина и во родното село Негровце.

Тој беше уапсен „врз основа на потврдено обвинение за воени злосторства и злосторства против човештвото“, соопшти СОК.

Првиот поранешен припадник на ОВК кој беше уапсен, Салих Мустафа, се изјасни за невин по обвиненијата за воени злосторства пред таканаречениот Специјален суд, на 28 октомври.

Од друга страна, косовскиот претседател, Хашим Тачи, чека да види дали судијата на ССК ќе го потврди и неговото обвинение.

ССК се формирани со цел да ги гонат злосторствата, наводно, извршени за време и веднаш по војната во Косово од 1998-1000 година. Тие се дел од косовскиот правосуден систем, но се наоѓаат во Холандија и се екипирани со меѓународен кадар.