Вести

Повлечено обвинението против Цветан Панделески во „Империја“

Се распаѓа последниот дел од мегапредметот на СЈО

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, во декември 2025 година го повлекло обвинението против бизнисменот Цветан Панделески во предметот „Империја“, дознава БИРН. Информацијата ја потврди Кривичниот суд во Скопје.

Обвинението го повлекол обвинителот Фатон Азизи. Тој во доказната постапка оценил дека нема докази дека Панделески перел пари и измамил 150 акционери на „Бетон Штип“, меѓу кои и Кираца Трајковска, која беше поголем акционер.

Според обвинението, парите стекнати со измама биле префрлани преку заеми за да се прикрие нивното потекло. Еден од сведоците на правдата, кој бил сопственик и управител на фирмата што се офајдила, ги пренел парите на три фирми и еден човек. Својот удел во фирмата го префрлил на трите фирми. На крајот, парите биле исплатени како дивиденда, а фирмата била префрлена на офшор-компанија од Белизе, а потоа  ликвидирана.

„Империја“ е еден од најголемите случаи на поранешното специјално јавно обвинителство (СЈО), што, освен за Панделески, се водеше и против штипскиот бизнисмен Зоранчо Митровски и брокерот Јованче Тасковски.

Митровски призна вина и доби условна казна. Тој и фирмата опфатена со обвинението, во буџетот требаше да вратат милион и пол евра. Но, по измените на Кривичниот законик од 2023 година, и одлуката на Апелациониот суд во Скопје за укинување на првостепената пресуда, обвинителството го повлече обвинението за Митровски и во еден дел за Панделески.

И покрај законските измени, предметот се судеше за останатите кривични дела измама и перење пари за Панделески и Тасковски.

Фатон Азизи

Обвинителот Фатон Азизи | Фото: БИРН

Обвинителот Азизи, кој го наследи предметот во текот на доказната постапка, утврдил дека не може да опстои ниедно од двете дела за Панделески.

„Од ниту еден доказ не произлегува дека обвинетиот презел дејствија со намера за себе или за друг да прибави противправна имотна корист, доведувајќи во заблуда акционери“, ниту, пак, „ги држел во заблуда или ги навел да сторат или да не сторат нешто на штета на нивните имоти или туѓ имот“, пишува во одговорот од Обвинителството до БИРН.

Оттаму објаснуваат дека во доказната постапка, ниту еден од сведоците што биле сослушани не посочил дека го познава обвинетиот или дека имал влијание во резервација на нивните акции во фирмата.

Според јавнодостапните податоци на коалицијата „Сите за правично судење“, во овој предмет лани во јуни биле сослушани пет сведоци.

За повлекувањето на обвинението било разговарано на колегиум пред јавните обвинители на 10 декември, а согласност дал и поранешниот државен обвинител Љупчо Коцевски. По два дена, на 12 декемри обвинението било повлечено.

Трошоците за судењето на Панделески ќе се платат од државниот буџет. За тоа веќе има доставено барање до судот.

Со овој епилог, единствен обвинет во овој случај останува Јованче Тасковски.

Обвинителката Лиле Стефанова, која го отвори случајот, само во овој предмет побара од обвинетите да се конфискува имот од 4,7 милиони евра.

Во предметот имаше двајца сведоци – соработници на правдата.

Овој случај е дел од мегапредметот „Империја“, во кој, Обвинителството гонеше 19 луѓе во различни постапки. „Империја“ заврши главно со спогодби и повлечени обвиненија, а не со судења.

Па така, со обвинителството се спогодија поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, кој беше осуден на тригодишна затворска казна, да уплати 6,1 милиони евра, а му беше одземен и имот во вредност од приближно 30 милиони евра. И бизнисменот Јордан Камчев се спогоди со обвинителството. Доби затвор од една година и обврска да уплати 5,2 милиони евра на Управата за јавни приходи поради неплатен данок за фирмата „Орка холдинг.“

Освен овој предмет, нерешен дел од „Империја“ е и истрагата за стечајот на МПМ, каде што се опфатени Јордан Камчев, Срѓан Керим и Јана Станисављева. Оваа истрага сѐ уште е отворена во скопското обвинителство.