Извештај

Пожарот ги разгоре страстите за „Треска“

Ќе го забрза ли пожарот решението за атрактивната локација во Центар

Густиот црн чад над некогашната фабрика „Треска“ веднаш ги распламти сомнежите на скопјани. Со првите искри во поранешниот социјалистички гигант, веднаш стигнаа и првите реакции – огнот е подметнат за да им го расчисти теренот на инвеститорите, да се обезбеди подобра преговарачка позиција или да се забрза постапката за градба.

Имено, тој простор е актуелен поради најавите за нови згради што таму треба да се градат. „Заблуда е дека законски пожарите го забрзуваат градењето“, ни кажа архитектката Даница Павловска-Циги. Повеќе станува збор за зголемување на притисокот за градба, со аргументот „дека таму каде што е опожарено, сега е небезбедно, па ајде побргу да градиме“.

Таа е една од погласните поборници за просторот кај „Треска“ да се искористат идејните решенија што се добиени на конкурсот што го распиша поранешниот градоначалник на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Новиот прв човек на општината, Горан Герасимовски, конкурсот го нарече „скапа анкета за слушање стручно мислење“ и го остави отворено прашањето дали воопшто ќе биде применето првонаграденото решение, кое предвидува станбени но и зелени површини и треба да го замени сегашниот Детален урбанистички план од 2012 година.

Стариот ДУП предвидува тука да се изградат околу сто илјади квадрати станбена површина.

Загрижените жители

Бараките покрај фабриката | Фото: БИРН

Првите јавни сомнежи дека пожарот можеби е подметнат ги отвори скопската градоначалничка Данела Арсовска, која дента направи увид. Но, детали не кажа.

За некои сомнително беше и тоа со која брзина жителите од тој дел на градот веднаш го искористија огнот како „уште една потврда дека овде, до овие урнатини, повеќе не е безбедно да се живее“.

Пожарот изби околу 14 часот, а информациите дека е локализиран два часа подоцна. Речиси во исто време до медиумите беше лиферувано соопштение по електронска пошта од адреса [email protected].

Наведени како претставници на работничките станови кај „Треска“, во дописот тие бараат итно „решавање на проблемот и конечно урбанизирање на овој дел од градот“.

БИРН контактираше со еден од претставниците на засегнатите, Горан Стратров, кој ни рече дека само на еден дел од тој потег живеат 12 семејства, во просек со по четворица.

Раскажа дека постојано од некогашната фабрика се крадат кабли и железо, дека поради тоа во неколку наврати  ја алармирале и полицијата, но не одговори конкретно на прашањето како толку бргу се организирале за да ја информираат јавноста за потребата од „урбанизирање“ на тој дел од градот.

„Нас никој не нѐ праша“

Жителите велат дека заинтересирани за градење се петмина инвеститори | Фото: БИРН

Просторот кај поранешната фабрика „Треска“ е еден од последните големи атрактивни плацови останати неизградени во Општина Центар. Дел е во сопственост на градежни фирми, а дел е државно земјиште. На тоа земјиште се и бараките на жителите што бараат да го откупат делот под објектите што ги поседуваат.

Ден по пожарот, БИРН разговараше со една жена, која ни кажа дека прва го пријавила огнот, а противпожарната екипа дошла за десетина минути.

Ја прашавме дали таа или некој од нејзините блиски стојат зад имејлот со кој се информира јавноста дека жители на Треска бараат урбанизација на просторот . Одговорот беше „не“. Не биле прашани ниту пред некоја недела, кога на социјалните мрежи се споделуваа објави за локацијата.

„Градежниците си објавувале. Нас никој не нè контактирал“, ни рече оваа средовечна скопјанка, која инсистираше да остане анонимна.

Друга соговорничка посочи дека за просторот се интересирале петмина инвеститори, но за да почнат да градат, мора да го решат клучниот проблем, а тоа е нелегализираното земјиште под куќите.

„Општината, 12 години не сака да ни дозволи да си ги купиме дворовите, со што земјиштето не е наше. Сега од општината ни е ветено дека од понеделник ќе дојдат и ќе почне постапката“, рече Васка Стојковска, жителка во работнички бараки.

Стратров, пак, тврди дека барањето за легализација на земјиштето го поднеле уште во 2008 година. Но, одговор до денес немаат.

Влезот на некогашната продавница „Треска“ | Фото: БИРН

Вели дека со сопственикот на земјиштето, каде што им се наоѓаат нивните домови, Предраг Викентијевиќ, бргу постигнале договор земјиштето да им биде продадено, но дека главниот кочничар е општината.

„Општина Центар со прст не мрдна“, вели Стратров за БИРН.

Според актуелниот урбанистички план, градежните фирми што имаат купено плацови на таа локација, може да изградат 30 згради на четири или на пет ката, плус поткровје.

На ова се спротиставуваат архитекти и граѓански активисти, кои бараат да се почитува решението што победи на конкурсот, а предвидува на локацијата да бидат изградени пет згради, деловен објект, градинка и парк.

„Тие ќе наликуваат на наполитанки. Тоа решение е неприфатливо и за стручната фела, а и од аспект на тоа како ќе изгледа просторот. Нема доволно и остварливо парковско зеленило. Двете градинки во близина уште сега не ги задоволуваат потребите. Награденото конкурсно решение нуди парк и градинка и современа урбана структура, како и можност сите приватни сопственици на земјиштето да си градат“, вели Павловска-Циги.