Анализи

Пратеничката група стана „сигурната куќа“ на Мицкоски

Во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ретко кој сака јавно да говори за состојбата по референдумот | Фото: Роберт Атанасовски

Мицкоски ја говори вистината кога вели дека партијата и пратеничката група се монолитни, бидејќи тој повлече неколку потези со кои го обезбеди тоа и сигурен е дека никој нема да гласа за уставни измени“, тврдат за БИРН високи партиски извори.

„Ова во најголема мера се однесува за пратениците што не се согласуваа со изборот на Мицкоски за партиски претседател, кои не се најдоа во новите структури на партијата и кои подолг период имаа малку заладени односи со нашиот претседател. Тоа отвори еден процеп за разногласие, но претседателот неодамна успеа да стави крај на таквите состојби. Во изминатиот период поединечно ги повикуваше на разговор дел од пратениците за кои беше проценето дека може да бидат ‘проблем’ за партијата, искажувајќи дека му е битно нивното мислење за актуелните состојби, дека смета на нив, односно дека повторно ќе се најдат на кандидатски листи на избори на кои партијата ќе учествува. Со тоа е затворена опасноста дека некој од нив ќе гласа за уставни измени“, објаснуваат нашите извори.

Тие не сакаат да шпекулираат кои од пратениците се „обезбедени“ со ветување за нови пратенички кандидатури (некои и нешто повеќе од тоа), со цел да не се предизвикува незадоволство кај досега „лојалните“, кои автоматски би се почувствувале како помалку важни или „пуштени низ вода“.

Но, сепак ги потврдуваат нашите сознанија дека „најмалку двајца од пратениците со подолг пратенички стаж сега му јадат од рака на Мицкоски“.

Стравот лозјето го чува

Неофицијално, проценките се дека власта не може да се надева на опозициска поддршка | Фото: БИРН

За разлика од изворите во партиската централа кои се пофалија со обезбедената монолитност, во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ретко кој сака јавно да зборува на оваа тема. Драган Данев, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека не знае какви се ставовите на другите пратеници и единствено може да го соопшти својот.

„Мојот став е конзистентен три месеци. За овој договор треба да се изјаснат граѓаните на референдум. Без влијание на партиите затоа што ова е натпартиско, односно национално прашање! Референдумот, според Уставот, е неуспешен и јас нема да гласам уставни измени за промена на уставното име“, дециден е Данев. Претходно, и неговата колешка Даниела Рангелова, на денот на референдумот изјави дека излегла на гласање и се изјаснила „против“, но дека ако нема цензус, тогаш во парламентот нема да го даде глас за уставни измени.

За разлика од нив, други пратеници не сакаат јавно да го соопштат нивниот став, како што велат, за да не си предизвикаат дополнителни непријатности, покрај оние што веќе ги трпат. Но, признаваат дека забележале пресврт во однесувањето на дел од нивните колеги.

Има пратеници кои навистина би сакале да го поддржат Договорот и да гласаат за уставни промени, но најверојатно нема да го сторат тоа поради невидени закани, вели еден пратеник

„Да, слушам дека на некои им било ветено нешто, немам информации, но забележувам дека некои го сменија однесувањето. Генерално, има пратеници кои навистина би сакале да го поддржат Договорот и да гласаат за уставни промени, но најверојатно нема да го сторат тоа поради невидени закани и предупредувања за она што би можело да им се случи ако гласаат ‘за’. Едно е желбата, друго е реалноста. Пратеничката група е поделена, а во моментов е контролирана од закани и страв. Има толку притисоци, што не верувам дека некој ќе се дрзне да гласа за уставни промени. Има закани за секој изречен збор на социјалните мрежи, а да не зборувам дека заканувачите не се воздржуваат од ‘поздрави’ и дo пошироките семејства на секој што има поинаков став од партискиот, при што дури ни децата не се поштедени“, вели еден пратеник.

Тој со жалење констатира дека улогата на народните избраници е целосно девалвирана, а нивниот став целосно условен од реперкусии по животот и безбедноста. Уверен е дека во ваква ситуација единствена опција се нови избори, но нема информации дали партијата ќе учествува на нив, или ќе се определи за бојкот и за натамошни условувања на целиот процес.

„ВМРО-ДПМНЕ нема да попушти. Во игра се многу интереси, од кои ниту еден не е поврзан со прашањата за ЕУ и НАТО. И се лажат тие што сметаат дека Македонија повеќе не е заробена држава. Таа е сѐ уште заробена, исто како и ВМРО-ДПМНЕ, која остана партија заробена од старата политика и од старото раководство. Заев не успеа да го демонтира тој систем, бидејќи ниту во СДСМ, ни во земјата не спроведе реформски чекори за да покаже разлика, и сега се соочува со сите штетни последици и тоа на најважното прашање за државата“, вели истиот опозициски пратеник.

Клучот е кај ВМРО-ДПМНЕ

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вечерва ќе ја анализира состојбата по референдумот | Фото: Роберт Атанасовски

ВМРО-ДПМНЕ сега е сигурна дека клучот против уставни измени е во нејзини раце. Владејачката коалиција на хартија има поддршка од 72 пратеника, но практично 71, со оглед дека Ферид Мухиќ не гласаше за ратификацијата на Договорот со Грција. Опозициската коалиција има поддршка од 48 пратеници, меѓу кои од редовите на ВМРО-ДПМНЕ не се Зеќир Рамчиловиќ (АВАЗ), Панчо Минов (ГРОМ), како и Владанка Авировиќ, Љупчо Димовски и Стојан Миланов од Социјалистичката партија.

„Дури и под претпоставка дека овие невмровски пратеници би гласале за уставни промени, тоа нема да биде доволно за двотретинско мнозинство. Така што, клучот сепак останува кај нас“, велат од партиското раководство.

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вечерва ќе одржи седница, на која ќе ја анализира состојбата по референдумот и ќе ги одреди натамошните чекори на партијата, а за истото утре ќе се разговара и на седница на Централниот комитет.

И од СДСМ најавуваат дека Извршниот одбор на оваа партија вечер ќе одржи седница, но засега нема информации дали воопшто ќе се прави обид за разговор со опозицијата, со цел таа да ги поддржи уставните измени во парламентот, или таквата можност допрва ќе се анализира вечерва.

Неофицијално, проценките се дека владејачката коалиција не може да се надева на опозициска поддршка.

Дали е можно ситуацијата, сепак, да се промени? Извори од двете партии се сомневаат дека има таква можност. Засега како „неосновани“ ги оценуваат и шпекулациите дека под меѓународно посредништво би можела да биде договорена широка коалициска влада, која заеднички ќе ги усвои уставните промени, а потоа секоја партија легитимитетот ќе го бара на парламентарни избори во пакет со претседателските, или порано од нив, ако партиите така решат.

„Наскоро ќе се покаже дали сето ова било насочено да се издејствува евентуално таков предлог и по која ‘цена’. Можеби тоа ќе го деблокира процесот, но за СДСМ тоа би била самоубиствена опција“, вели извор од пратеничката група, алудирајќи на можноста проблемот да се претвори во пазар за амнестија.