Од новите податоци за движењето, објавени од Гугл, може да се забележи дека првиот целосен викенд со полициски час на 11 и на 12 април, кој се однесуваше на целата држава, пред да ги испразни улиците, прво ги наполни маркетите и јавните простори.
Полицискиот час за тој викенд почна од петокот – 10 април во 16 часот и траеше до 5 часот наутро, во понеделник на 13 април. Во деновите од неделата што му претходеa на викендот може да се забележи дека посетеноста на маркетите и на парковите се искачила дури на нивото од пред воведувањето на мерките. Со други зборови, голем дел од луѓето кои во претходниот период избегнувале да ги посетат овие места и со тоа ја овозможувале социјалната дистанца, во овие денови го напуштиле тоа правило.
Граѓаните најмногу се раздвижиле по продавниците и парковите во понеделникот и во вторникот, односно на 6 и 7 април, но и во петокот на 10 април, пред почетокот на полицискиот час. За време на викендот, пак, движењето во сите категории опаѓа за 90 проценти под базната линија.
Од податоците може да се забележи дека некаде по 8 март, во Македонија почнува да опаѓа движењето на граѓаните во неколку сегменти. Се намалува посетеноста на затворените трговски центри, рестораните, кафетериите, културните установи, станиците за јавен превоз и спортските арени. Значително намалување има и кај маркетите и аптеките, а состојбата е променлива кај посетеноста на парковите и јавните површини за рекреација. Трендот на намалување на посетеноста во сите категории е релативно стабилен, сѐ до првиот целосно затворен викенд.
Владата на 14 март донесе одлука за затворање на сите трговски центри, кафулиња, ресторани, обложувалници и казина, а вонредната состојба во земјава се воведе на 18 март. Полициски час почна да се воведува секојдневно од 21 март, со почеток од 21 часот навечер до 6 наутро. Потоа оваа рестрикција на движењето беше проширена секој ден од 16 часот.
Податоците за движењето доаѓаат од корисниците на Гугл, кај кои е вклучена опцијата да им се бележи локацијата на престојот. Компанијата почна да објавува збирни извештаи за мобилноста на корисниците во секоја земја од светот со цел да помогне во создавањето на политиките и мерките за спречување на ширењето на болеста. Податоците не го опфаќаат движењето на сите граѓани, но се индикативни за мобилноста на населението. Како базна линија со која се споредува движењето е земен периодот од пред кризата, односно пред 6 февруари