Истражувањa

Преку фризерници и странски фирми Камчеви добиваат парцела на Водно

Во историјатот на купородажните зделки за една од контроверзните парцели на Водно учествувале фирми со странски капитал од Швајцарија и од Лихтенштајн, фирма фризерски салон во сопственост на кошаркарот Петар Наумоски, но и оф-шор фирмата „Ексико“

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Во купопродажбата на парцелата на Водно, една од шесте за кои СДСМ обвини дека ги купил премиерот Никола Груевски, учествувале фирми со странски капитал од Швајцарија и од Лихтенштајн, потоа фирма на која што под главна дејност и е наведено „фризерски салон“, но и компанијата „Ексико“ со непознат сопственик регистрирана во Белизе.

Парцелата од 732 квадратни метри што се наоѓа во срцето на Водно, сега е во сопственост на компанијата Кара АД, чиј што прв директор е Орце Камчев, а денес е неговата сестра.

БИРН го побара и го доби историјатот на движењето на сопственоста на парцелата 1309/8, кое до 2009 година немало сопственик. Во 2010 година сопственик станува државата, а потоа преминува во рацете на фирмата „Адриа Наупе“ ДОО.

Дел од сопствеништвото на оваа фирма води кон Петар Наумоски, кој е газда на „Адриан 1“, компанија со дејност “фризерски салони и салони за разубавување“, а има и дејности во надворешно – трговскиот промет. Фирмата на Наумоски е еден од четирите сопственици кои од државата го купуваат земјиштето во 2010 година, една година откако тоа преминало во рацете на државата.

ADRIAN

Наумоски не беше расположен да разговара за купопродажбата на ова земјиште – дали го купил со директна спогодба или на лицитација.

„Кој сте вие да ме прашувате приватни работи? Од каде да знам дека сте новинар? Тоа е исто како јас да ви се јавам и да ве прашувам лични работи!“, рече Наумоски.

Кога го замоливме за средба, тој рече дека би можеле накнадно да се договориме „доколку има време“.

Втората фирма сопственик е Настел ДООЕЛ, чиј сопственик е швајцарската „Еуро свис кредит“ од Швајцарија, акционерско друштво која исто така се јавува како сопственик на „Адриан Наупе“.

„Јас немам никаква врска со тоа. Не знам ни за кое земјиште ми зборувате. Веќе неколку години не сме се сретнале па затоа не знам за било какви зделки на фирмата „Адриан Наупе“, ни изјави Марјан Наков, директорот на градежната фирма „Настел“.

Последната фирма сопственик на „Адриан Наупе“ е фирма од Лихтенштајн, „Наупе АГ“.

Во 2012 година, освен Адриан Наупе, како сосопственик на земјиштето се појавува и фирмата „Ексико“, која поседува уште две други парцели на Водно, за кои опозицијата обвини дека завршиле во рацете на премиерот Никола Груевски.

По една година, сопствеништвото повторно се менува и земјиштето завршува во рацете на компанијата „Кара“.

parcela-kara

Фирмата Кара, во чии раце сега се наоѓа парцелата на Водно, има долга историја, но секаде се провлекува името на бизнисменот Орце Камчев. Таа, според документите од Централниот регистар, стартува како „ХООР Кавадарци“, кога сопственик бил Илија Камчев, а директор неговиот син Јордан (Орце) Камчев.

Фирмата Кара, во чии раце сега се наоѓа парцелата на Водно, има долга историја, но секаде се провлекува името на бизнисменот Орце Камчев

Фирмата Кара, во чии раце сега се наоѓа парцелата на Водно, има долга историја, но секаде се провлекува името на бизнисменот Орце Камчев

Во 2006 таа се преименува во „Орка Холдинг“, а директор и извршен член на одборот на директори повторно е Камчев.

Во 2009 година, фирмата се преименува во „Евро Балкан Груп“, компанија која има основано уште едно друштво – „Евробалкан Хотелс ДОО“, која се јавува како инвестотор на хотел „Ибис“ во центарот на Скопје.

Во 2012 година, како членови на неизвршниот одбор на „Евро Балкан Груп“ се јавуваат швајцарците Емилио Бинда и Фабио Армати –лицата кои во истиот период се се членови во Одборот на директори на „Т&МЈ инвестмент“ , фирма сопственик на „Ексико“.

Истата година, „Евро Балкан Груп“ е преиманувана во „Кара“, а тогаш се бришат и Швајцарците како членови на одборот на директори.

Во моментов, директор на Кара е сестрата на Камчев, Кристина Камчева – Стојческа.