„Секако! Еве малку изменета верзија на текстот, со задржана смисла и стил“. „Дали сакате да ја прилагодам веста за одреден формат“?
На македонските медиуми, во последниве две-три години им се случува да ги почнат или да ги завршат своите текстови со реченици како овие. Ова не се инциденти што може да се најдат само во онлајн-медиумите со човек-редакции. И телевизија со национална покриеност заврши текст на својот веб-сајт со ваква реченица.
Ова се фрази што ги користи познатата алатка на вештачката интелигенција „Чет џи-пи-ти“, за која веќе подолго време се зборува дека го направила македонското копи-пејст новинарство уште полесно и помалку забележливо.
Преземањето цели содржини без интервенција и нивното објавување како свои долго време беше проблем во медиумскиот простор во земјава, до степен во кој некои медиуми дури оставаа намерна печатна грешка среде текстот кога први објавуваа некоја информација, за да видат колкумина ќе ја реобјават без воопшто да ја прочитаат или да се обидат да ја преработат. Објавувањето идентични содржини често било причина и за реакции за повредата на авторските права, но борбата против оваа појава даваше слаби резултати.
Со популаризацијата на „Чет џи-пи-ти“, сево ова станува полесно, затоа што секој може да постави текст на алатката и да побара од неа да го преработи со други зборови, без да ја смени суштината. Во брзањето да се копира и да се објави изменетата содржина, некои забораваат да ги извадат додатоците што ги става самата алатка на почетокот и на крајот.
Авторски права: Влошување на лошата состојба

„Њујорк Тајмс“ ја тужи компанијата Опен АИ за авторски права | Фото: Pexels, Vlada Karpovich
Кој ги поседува авторските права врз содржина генерирана со вештачка интелигенција? Ова е едно од најголемите прашања, кога станува збор за текстовите, сликите и видеата создадени на тој начин. Има мислења дека правата врз нив ги нема никој, бидејќи биле создадени од компјутер.
Но, ова е борба на глобално ниво. Во еден од најголемите судири меѓу стариот и новиот свет на информирањето, американскиот весник „Њујорк тајмс“, во минатата година поднесе тужба против Опен АИ, компанијата што го создаде „Чет џи-пи-ти“, за повреда на авторските права, тврдејќи дека неовластено ги користат објавите на медиумот за да си создаваат свои содржини. Опен АИ вели дека ги употребува содржините на „Њујорк тајмс“ според правилата за фер користење. Судскиот процес сѐ уште трае, а се очекува од неговата разрешница да зависат многу работи во идниот развој на новинарството.
Како борбата меѓу напишаните и генерираните содржини се води во македонскиот медиумски простор? Медиумските работници што ги консултиравме велат дека „Чет џи-пи-ти“ и сличните алатки носат дополнителен хаос во информирањето, но дека, од аспект на авторските права, нема да влошат многу затоа што состојбата е веќе лоша.
„Иако алатките за вештачка интелигенција го олеснуваат и го забрзуваат процесот на преформулирање на украдени содржини, правејќи ја кражбата потешка за директно докажување, суштински не ја менуваат многу состојбата во отсуство на ефикасни механизми за заштита и санкционирање на кражбата на авторски права“, вели Горан Михајловски, уредник на онлајн-медиумот „Сакам да кажам.“
Некои новинари велат дека ако се почитуваат тие права, би требало да се прифати и неформалниот стандард да се информира читателот кога некоја содржина е направена со вештачка интелигенција.
На тоа повикува и Гоце Пачемски, поранешен новинар, а денес експерт за комуникации и маркетинг.
„Во земјава, што поскоро, мора да се усвои ЕУ регулативата, која обезбедува етичка примена на вештачката интелигенција, а паралелно на тоа да се работи на засилен развој на медиумската и на дигиталната писменост, со што би се овозможило граѓаните полесно да ги препознаваат и да ги вреднуваат автентичните информации и да ги разликуваат од лажните“, смета Пачемски.
Борба меѓу собирањето кликови и професионалноста

Финансискиот притисок ги тера медиумите да се фокусираат на квантитетот наместо на квалитетот | Фото: Pexels, Karolina Grabowska
Потребата да се користи вештачката интелигенција за препишување текстови, и потребата воопшто неовластено да се преземаат текстови од други медиуми, се резултат на т.н. борба за кликови, и обид тие да се претворат во приходи од реклами. Со интернетот, информирањето стана бесплатно, дури и кога го прават оние што живеат од него, објаснува Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми, додавајќи дека во такви услови, квантитетот добива предност врз квалитетот на објавените содржини.
Овој проблем оди до таму што во брзањето да се објават што повеќе содржини, воопшто не се проверува вистинитоста или автентичноста на тоа што се објавува.
„Сетете се што се случи на 1 април годинава со приказната за продажбата на македонска „смедеревка“ во Франција. Дури 27 портали ја објавија истата лажна вест, никој не се потруди ни да го прочита тоа што го објавува, а камоли да го провери. И тоа така си помина“, потсетува Борис Георгиевски од македонската редакција на „Дојче веле.“
Српски сајт, како првоаприлска шега, објави „вест“ дека, наводно, во Франција била откриена голема измама во која македонска „смедеревка“ била препакувана и продавана како скапо француско вино, и дека случајот го истражувал Интерпол. Голем број медиуми објавија, а подоцна, кога дознаа дека наседнале, дел од нив објавија и корекции, или нови вести, дека информацијата била невистинита.
Од аспект на броењето кликови, оние што прво ќе објават таква лажна вест, па ќе се поправат, ќе добијат посети на страницата и во првиот и во вториот случај. Оние што ќе проверат и нема да објават, нема да добијат ништо.
„На многу од порталите им е поважно да објавуваат брзо и неселективно од социјалните мрежи за да генерираат сообраќај, дури и по цена на објавување непроверени информации и последователни деманти. Професионалните редакции што проверуваат, често губат кликови“, вели Михајловски од „Сакам да кажам.“
Во недостиг од истражувања што ќе понудат социо-демографски увид во читателската публика на онлајн-медиумите, нивната единствена мерлива вредност во моментов е бројот на посети.
Пачемски се согласува дека маркетиншкиот модел што се базира исклучиво на бројот на кликови ги тера медиумите да преземаат неточни информации, па да се исправаат, но смета дека тоа е ризичен начин на работа за нив.
„Сметам дека токму довербата што ја има публиката во одреден медиум, ќе станува сѐ позначаен фактор во процесот на креирање и имплементација на ефективни комуникациски и маркетинг-стратегии, затоа што станува јасно дека од огромниот број пораки што луѓето секојдневно ги добиваат по безброј комуникациски канали, сѐ повеќе (ќе) им веруваат само на тие што доаѓаат од кредибилни извори“, вели тој.
Решавачка рунда за преживување на новинарството

Само приказните имаат шанса да преживеат, но ни тоа не е сигурно | Фото: Pexels, Suzy Hazelwood
Со сите нерешени проблеми од досегашните технолошки удари, вклучително и финансиските предизвици што ги донесе новото време, македонското новинарство го дочекува и последниот предизвик – колкави му се шансите да преживее како професија.
Уредничката на Независен весник, Слободанка Јовановска вели дека приходот од кликовите е премногу мал за да го оправда неодговорното однесување, пред сѐ во онлајн информативната сфера, и дека во иднина ќе се бара повеќе авторство. Со затворањето на содржините и наплатата за нив, според Јовановска, ќе се реши и проблемот со препишувањето, и со егзистенцијата.
„Во поразвиените земји едвај веќе има медиуми што можат да се отвораат бесплатно, и мислам дека тоа е иднината и за нас“, додава таа.
Таква иднина предвидува и Георгиевски од Центарот за развој на медиуми, особено што, како што вели, големите платформи нудат многу поефикасни услови за рекламирање, со што информативните медиуми ќе го загубат приходот од реклами и ќе мора да живеат од продажба на содржините што ги произведуваат.
„Прашање е колку луѓе ќе можат во иднина да се занимаваат со новинарски тип на информирање на јавноста за плата, имено професионално. Впрочем, тоа веќе се гледа во намалениот интерес за новинарството како кариерен избор“, истакнува тој.
Но, има и предвидувања дека и професијата на создавање авторски содржини ќе се соочи со конкуренцијата на вештачката интелигенција, дури и ако се заштитат правата врз нив. Авторските права, вели искусниот новинар Сашо Орданоски, се тема што изумира.
„Денес може да добиете одличен текст од 500 зборови за актуелната пакистанско-индиска воена криза за 15 секунди, на македонски јазик, составен од кој било чет-бот, дури и во видео или во аудиоформати презентирани од згодни, млади, исончани виртуелни презентери. Не мора да имате надворешно-политички новинар, кого треба месечно да го плаќате, да го финансирате некаде да патува, повремено да се разболува, да доцни наутро на работа, да пуши и да пие по пет кафиња дневно, да старее и да ви ја троши тоалетната хартија во редакцијата. Сонот на медиумските сопственици, а и на алгоритамската „јавност“ е остварен! Останатото е историја“, заклучува Орданоски.
Насловна фотографија: Pexels, RDNE Project
Оваа анализа е создадена во рамките на проектот „Работнички права за независно новинарство“, кој го спроведуваат Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) во партнерство со Институтот РЕСИС, а е финансиски поддржан од Европската Унија. Ставовите и мислењата искажани во анализата не ги претставуваат официјалните ставови и мислења на донаторот. Одговорноста за ставовите и искажаните мислења е во целост на спроведувачите и на авторот.