Марија Сидрополу, Атина
Со години, грчкиот главен град го тресат насилни протести. Но, на 20 јануари, гневот на јавноста доби мрачен пресврт.
На протестот на централниот атински плоштад Синтагма, на кој учествуваа 70 илјади луѓе, групи од мажи со црни качулки, вооружени со палки, почнаа да ги напаѓаат репортерите и фотографите, удирајќи ги и одземајќи им ја опремата.
Протестите избувнаа поради договорот што беше потпишан минатата година и ратификуван годинава, за промена на името на северниот грчки сосед, сега Северна Македонија, во замена за кревање на ветото на Атина на амбициите на државата за членство во Европската унија и во НАТО.
Многу Грци се силно против тоа нивните соседи да го користат името „Македонија“ гледајќи на тоа како преземање на идентитетот на македонскиот крал и војсководец Александар Велики и територијална претензија врз северната грчка провинција со истото име. Со децении ова прашање беше точка на обединување за грчките националисти.
Истражувачкиот новинар Димитрис Псарас, автор на книгата „Црната библија на Златна зора“, за крајно десничарската партија Златна зора, која влезе во парламентот во 2012 година, вели дека сцените од 20 јануари му биле познати.
„Сме го виделе ова и порано, за време на протестите, поради прашањето за името Македонија во декември 2012 година, во Атина и во Солун“, вели тој.
Тогаш Златна зора првпат се појавува во јавноста, со насилство и напади против левичарски студенти.
Грција и Северна Македонија можеби официјално го закопаа горчливиот тридецениски спор, но резултатот од ова решение всушност ѝ дава ветер во едрата на грчката крајна десница и за нова сорта екстремисти надвор од Златна зора, чија популарност опадна поради различни обвиненија за криминал од 2015 година наваму.
Неколку нови групи се борат да го освојат овој простор. Некои го избегнуваат неонацистичкиот симболизам што го користеше Златна зора. Но, исто како и Златна зора во 1992 година, сите го користат спорот за името Македонија како своја лансирна рампа.
Новодојденци
Освен познатите ознаки на Златна зора, протестот на 20 јануари беше обележан и со присуството на групи мажи во црни облеки и со црни шлемови, војнички панталони и јакни со грчкото знаме и со иницијалите ХРД, Хеленски одред на отпорот (Hellenic Resistance Department).
Некои носеа гас-маски и во рацете стискаа дрвени палки и молотови коктели. Изгледаа дисциплинирано и подготвено, учествувајќи во обидот да се пробијат во грчкиот парламент.
Не постојат докази што ја поврзуваат ХРД со Златна зора.
„Златна зора сега е главен претставник на крајната десница, ултранационализмот и на нацизмот во Грција“, вели Ипопто Муси, продуцент во ТВ Омниа, локална медиумска платформа што ги следи крајно десничарските групи во Грција, која емитуваше извештај за ХРД, што ја натера групата да избрише поголем број слики што ги објавила на Фејсбук.
„Сепак, новодојденците се обидуваат да се оддалечат од нацистичката реторика, знаејќи дека таа не е доволно привлечна за патриотските националисти“.
ХРД претпочита традиционални патриотски и верски симболи, како и антички грчки поговорки.
Друга група што се појави за време на неодамнешните протести се нарекува Апела, според граѓанското собрание на античката Спарта. Рациите во домовите на некои членови на Апела откриле гасни бомби, ножеви и летоци од Златна зора.
Тука се и „Борба 18 Хелас“ и „Неврзаните националисти“. Против одреден број членови на овие групи биле подигнати обвиненија за поседување експлозиви, вандализам врз еврејски обележја и пиромански напади против анархисти и левичари. Двете групи имаат јасни симпатии кон неонацизмот.
Колективна свест
Антипарламентарното чувство што го споделуваат таквите нови крајно десничарски групи се артикулира во протестните извици како „Десница, левица, сите се исти, да го запалиме овој бордел што се вика парламент“, вели новинарот од Вајс-Грција Костас Кукумакас, кој ја следи екстремната десница.
Протестите од 2018 и од 2019 година околу прашањето за името создадоа чувство на заедничка цел, заеднички наратив и чувство за солидарност, што крајно десничарските групи го користат во потрагата по нови регрути, вели тој.
„Клучната работа е што учеството во ваков тип протести креира еден образец на акција и реакција, она што го нарекуваме колективна свест“, вели Кукумакас.
Оние десничарски групи што се повеќе „мејнстрим“ и што не се обвинети за криминал меркаат место во парламентот преку изборите закажани за годинава.
Основачите на „Комитетот за грчкиот карактер на Македонија“, главниот организатор што стои зад протестите, минатиот месец најавија дека ќе формираат нова партија што ќе се нарекува „Епос“ (епска), како кратенка од Хеленска политичка свест.
Се појави и партијата наречена „Хеленско решение“, која е формирана во 2016 година од поранешен член на опозициската конзервативна Нова демократија, Кирјакос Велопулос, но која привлече внимание за време на протестите од 2018 и од 2019 година.
Велопулос се најде во центарот на вниманието во 2018 година, кога на некој начин го поддржа насилниот напад врз градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, гласен критичар на десничарската политика.
Нова демократија чувствува притисок однатре повеќе да се сврти кон националистичката десница, но, според Кукумакас, „досегашното искуство покажува дека кога една партија само се преправа дека е ултраконзервативна, ги оддалечува гласачите од себе кон поавтентичната крајна десница“.
И овие групи го искористуваат гневот предизвикан од договорот постигнат околу Македонија.
„Клучниот елемент на тие партии е нивната македонска борба“, вели Псарас, истражувачкиот новинар. „Тие немаат некоја програма. Тие всушност очекуваат да ги одземат гласовите на разочараните гласачи на Златна зора и на Нова демократија“.
Ипопто Муси од Омниа ТВ се согласува: „Има многу простор за новодојденци што се обидуваат да ги освојат остатоците од Златна зора“.
Текстот е објавен на Balkan Insight