Анализи

Конкурентска борба или „хокеарска замена“ во новото СЈО

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

„Трите“ станаа бренд на СЈО, но ќе треба да се изборат за да останат | Фото: Роберт Атанасовски

Специјалното обвинителство ќе продолжи да постои како дел од Јавното обвинителство, но за најмногу две години е можно да се промени неговиот состав, и тоа во три фази. Ова го предвидуваат преодните и завршните одредби на предлог-законот за јавно обвинителство што го подготви Владата и го испрати до Собранието.

Со законот се предвидува дека Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани или што произлегуваат од незаконското следење на комуникациите се преименува во Специјално јавно обвинителство, и наместо посебна институција, како досега, станува орган во составот на Јавното обвинителство. Регулирано е и какви услови треба да исполнуваат оние обвинители што ќе сакаат да бидат дел од новото СЈО. Тие ќе се избираат со мандат од четири години и со право на еден повторен избор.

На сегашниот состав, кој ги отвори сите досегашни истраги и поднесе обвиненија, и кој ги води овие случаи, му е гарантирано местото во СЈО уште кратко време. Во точката 7 од членот 105 на новиот закон се вели дека обвинителите ќе продолжат да ја извршуваат оваа функција уште најмногу две години откако законот ќе стапи во сила, што значи дека по тој рок тие ќе треба да се изборат за нов мандат.

Со оглед дека платите на овие обвинители се многу повисоки, а материјалните и другите услови за работа им се многу подобри, министерката Дескоска смета дека тоа ќе ги мотивира другите обвинители да покажуваат резултати во својата работа за да можат да конкурираат и да бидат избрани во СЈО

Во точката 8 се опишува и процесот како ќе се изврши замената на кадрите во СЈО. Шест месеци откако тој ќе се усвои, Советот на јавни обвинители ќе избере четворица обвинители на СЈО и ќе констатира дека им престанал мандатот на четворица сегашни. Истата постапка ќе ја повтори уште двапати, по 12 месеци и по 18 месеци. На тој начин одново ќе се изберат 12 обвинители за СЈО.

Во законот се предвидува и дека членовите на сегашното СЈО ги имаат сите права што произлегуваат од овој закон и што се однесуваат на специјалното обвинителство. Според министерката за правда Рената Треневска Дескоска, ставено е решение што е можеби нетипично за другите обвинителства, но е нешто што се случува во други земји за различни институции – да не престане мандатот на сите обвинители во ист временски период, бидејќи тоа би донело дисконтинуитет во работата.

„Тоа не значи дека овие обвинители не може да конкурираат за истите места. Можеби сите ќе бидат реизбрани, законот не прејудицира, но дава можност за постепено ротирање на обвинителите“, рече Дескоска во емисијата „Студио 1“ на 1ТВ.

Таа додаде дека сите обвинители што ги исполнуваат условите (најмалку пет години стаж и позитивни оценки во последните четири години) ќе може да конкурираат за специјални јавни обвинители. Со оглед дека платите на овие обвинители се многу повисоки, а материјалните и другите услови за работа им се многу подобри, министерката смета дека тоа ќе ги мотивира другите обвинители да покажуваат резултати во својата работа за да можат да конкурираат и да бидат избрани во СЈО.

Допрва ќе се бара мнозинство за законот да се усвои | Фото: БИРН

Адвокатот Александар Тортевски, кој беше и советник во СЈО, смета дека во овој момент би било контрапродуктивно за случаите да се прават големи промени во составот на обвинителството.

„Многу од случаите што ги води СЈО нема да завршат за две години. Тоа се големи и сложени предмети. Замислете да треба среде постапка да ги преземе нов обвинител и да треба да се информира за нив целосно од почеток“, вели Тортевски.

Професорот по кривично право Гордан Калајџиев, пак, не очекува дека ќе се случат големи промени во составот. Според него, иако на прв поглед изгледа дека ќе се менуваат обвинителите, тој механизам е поставен повеќе за да ги заштити отколку за да ги смени, бидејќи тие сега имаат статус на помошници на Јанева, а не на обвинители.

„За да добијат статус на обвинители, ќе мора да поминат на реизбор низ Советот на јавни обвинители, и на овој начин се обезбедува сите евентуално да не бидат променети одеднаш, за да се задржи некаков континуитет“, вели Калајџиев, кој бил дел од работната група за изработка на новиот закон.

Интегрирањето на СЈО во ЈО е предвидено со предлог-законот за јавно обвинителство, кој Владата го усвои и го испрати до Собранието. Допрва следуваат политички преговори за да се обезбеди двотретинско мнозинство за овој закон да стапи во сила, што според министерката Дескоска може да биде сложен процес, особено што дел пратеници се директно засегнати од работата на тимот на Катица Јанева.