Регион

Пресудата на Младиќ одложена за следната година

 

Ратко Младиќ во судница. Фото: МКТЈ

Во своето обраќање пред Советот за безбедност на Обединетите нации (ООН), претседателот на Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ), Кармел Агиус, истакна дека пресудата на Младиќ се очекува девет месеци по изнесувањето на жалбите.

Крајниот рок за ова сè уште не е потврден поради пандемијата на корона вирусот, што значи дека пресудата ќе биде донесена следната година, иако Агиус не го прецизираше датумот.

До 2021 година, истакна Агиус, нема да бидат изречени ниту пресудите во судскиот процес кој се води против поранешните шефови на Службата за државна безбедност (СДБ) на Србија, Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ.

И покрај напорите на ММКТ, во услови на пандемијата, да продолжи да работи што е можно понормално, „случаите што беа на пат да бидат завршени до крајот на оваа година, сега се очекува да бидат завршени во првата половина на следната година“, рече Агиус.

Во ноември 2017 година, МКТЈ го прогласи Младиќ за виновен за геноцид во Сребреница во 1995 година, за прогон и истребување на Бошњаците и на Хрватите низ цела земја, за тероризирање на цивилите во Сараево за време на опсадата на градот, како и за земање на мировници на ООН како заложници.

Младиќ ја обжали оваа пресуда, а истото го стори и обвинителството, кое побара тој да биде прогласен за виновен за геноцид во шест други општини во 1992 година.

Минатиот месец, изнесувањето на жалбите беше одложено на неодредено време, поради мерката за ограничување на патувањата, заради пандемијата на корона вирусот.

Имено, изнесувањето на жалбите беше планирано за 16 и 17 јуни, но нема достапни авионски летови, кои ги исполнуваат условите за карантин, со кои судиите би можеле да допатуваат во Холандија, со цел да пристигнат на време и да присуствуваат на рочиштето.

Беше додадено и дека Младиќ, кој има 77 години и боледува од неколку болести, припаѓа во „ризичната група“ поради неговата здравствена состојба и возраст. Младиќ досега имаше неколку сериозни здравствени проблеми во притворот во Холандија, и претрпе два мозочни и еден срцев удар.

Рочиштето оваа година веќе еднаш беше одложено, поради операција на Младиќ.

За време на обраќањето пред Советот за безбедност на ООН, Агиус истакна дека и судењето на Станишиќ и Симатовиќ е одложено, оти се очекува тоа да продолжи на 7 јули 2020 година и дека сите сведоци ќе бидат сослушани до крајот на годината.

„Пресудата се очекува до април 2021 година“, нагласи Агиус.