Актуелно

Претседателката на Врховниот суд не му верува на ОБСЕ

Лидија Неделкова, актуелната претседателка на Врховниот суд, ја обвини мисијата на ОБСЕ во Скопје дека искреирала наводна анонимна анкета за притисоци во судството, поради што ќе се прави нова анкета која ќе покаже дека нема притисоци.

Мисијата на ОБСЕ не ја направи анкетата за притисоци во судство на соодветен начин, обвини Неделкова / Фото: БИРН

Мисијата на ОБСЕ не ја направи анкетата за притисоци во судство на соодветен начин, обвини Неделкова / Фото: БИРН

Претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова, тврди дека анкетата на ОБСЕ во која судиите признаваат дека трпат политички притисоци, што директно влијаат на нивната работа, не била анонимна и не ја отсликува реалната слика во судството.

Токму затоа, како што рече, со претседателот на Здружението на судии, Николчо Николовски, решиле да прават нова анкета за да докажат дека нема политички притисоци во судството.

„Анкетата на ОБСЕ спроведена меѓу судиите не беше анонимна туку анкетните листови беа упатувани до одредени судии, а нив ги носеше лице од ОБСЕ и штом беа одговорени ги земаше од кај судиите. И да немало име на судијата на пликото, во ОБСЕ знаеја од кој судија е земен анкетниот лист. Мисијата на ОБСЕ не го направи тоа на соодветен начин, за да видиме што мислат судиите” – обвини Неделкова.

На јавна расправа, на која присуствуваа претседателите на судовите во Македонија, Членовите на Судскиот совет, министерот за правда, од Академијата за судии, како и претставници на делегацијата на ЕУ, Лидија Неделкова објави дека подолго време размислувале да ја направат новата анкета меѓу судиите во Македонија која треба да ги оспори резултатите добиени во анкетата на ОБСЕ од 2009 година.

Анкетата ОБСЕ ја спроведе во текот на 2009 година, а резултатите беа објавени во јануари 2010 година, од страна на БИРН кој дојде до документот.

За оваа анкета, Мисијата на ОБСЕ испратила прашања до 650 судии, колку што имало во тој момент, а одговориле 421 судија или повеќе од 65 проценти од судиите во Македонија.

На јавна расправа, на која присуствуваа претседателите на судовите во Македонија, Членовите на Судскиот совет, министерот за правда, од Академијата за судии, како и претставници на делегацијата на ЕУ, Лидија Неделкова објави дека подолго време размислувале да ја направат новата анкета меѓу судиите во Македонија која треба да ги оспори резултатите добиени во анкетата на ОБСЕ од 2009 година / Фото: БИРН

На јавна расправа, на која присуствуваа претседателите на судовите во Македонија, Членовите на Судскиот совет, министерот за правда, од Академијата за судии, како и претставници на делегацијата на ЕУ, Лидија Неделкова објави дека подолго време размислувале да ја направат новата анкета меѓу судиите во Македонија која треба да ги оспори резултатите добиени во анкетата на ОБСЕ од 2009 година / Фото: БИРН

Судиите кои одговориле на прашалникот рекле дека се изложени на постојани притисоци од Владата, политичките партии, од другите судии и од полицијата. Македонските судии рекле дека немаат доверба во Судскиот совет и се спротивставиле на тогашното законско решение, министерот за правда, како политичка фигура, да одлучува за нивното назначувања и разрешување.

Судиите кои рекле дека трпат притисоци, на прво место ја посочиле Владата, а по неа Министерствата за правда и за внатрешни работи.

Судиите дале и оценка за степенот на притисок на кој се изложени од Владата и извршната власт. На скалата од 1 до 5, судиите дале оценка од 2,4.

Политичките партии беа посочени на второ место како извор на притисок врз судиите. Секој седми испитаник рекол дека политичките партии се обиделе да извршат притисок врз нив во голема мера. Анкетираните судии дале оценка од 2,3 на скалата од еден до пет за влијанието на партиите.

Некои од судиите рекле дека нивните колеги се соочувале со голем притисок и од судиите во повисоките судови. Еден од анкетираните судии вака го објаснил овој вид на притисок: „Судијата од Апелацискиот суд или на Врховниот суд бара да се реши случајот според неговите потреби. Ако јас не ги почитувам неговите напатствија, тој судија ќе одлучи во корист на поднесувачот на жалбата, против мојата одлука и без многу објаснување ќе ја поништи мојата пресуда, со што мене ќе ме прикаже како неефикасен судија, што е штетно за мојата кариера“.

На прашањето за тоа дали судиите се независни и самостојни во донесување на одлуките, една четвртина од испитаниците рекле дека судиите не се независни, а повеќе од половина од анкетираните судии изјавиле дека веруваат во независноста и самостојноста на нивните колеги.

Во својата анализа за резултатите од тоа истражување, Одделот за владеење на правото при Мисијата на ОБСЕ напишал дека „загрижувачки е тоа што многу судии ја дадоа највисока оценка на скалата, 5, за притисоците на кои биле изложени“.

„Тоа е особено загрижувачки, бидејќи овој притисок главно доаѓа од извршната власт или од политичките партии“, пишува во анализата на ОБСЕ.

На прашањето, колку тие како судии, лично се соочиле со обиди за влијание врз независноста при донесувањето на нивните одлуки, 25 проценти рекле дека биле редовно изложени на притисок од страна на извршната власт, а 47 отсто рекле дека никогаш не се соочиле со таков притисок.

Анкетата покажала дека 66 отсто од судиите не веруваат дека Судскиот совет успеал да ја исполни својата примарна цел. Најсериозните критики за Судскиот совет биле упатени за неговата самостојност. Дури 278 судии рекле дека не можат да ја видат вистинската независност на Судскиот совет.

Уште во 2009 година, 74 % од анкетираните судии не сакале министерот за правда да биде член во Судскиот совет. Тие ја критикувале одлуката парламентот да именува членови во Судскиот совет и побарале од ова тело да бидат отстранети министерот за правда и претседателот на Врховниот суд.

Мисијата на ОБСЕ изразила загриженост за независноста на судството во Македонија, наведувајќи дека имало обиди за откривање на тие што влијаеле на одлуките на судиите, но никој не бил казнет.

Според податоците на Судскиот совет од 2008 до 2015 година во Македонија биле разрешени околу 400 судии (поради пензионирање или нестручно работење) и на нивно место биле избрани нови, вклучувајќи ги во оваа бројка и судиите на трите новоформирани судови: Управниот, Вишиот управен и Апелацискиот суд во Гостивар.

Овие бројки покажуваат дека македонското судство е подмладено за околу 65% од вкупниот број на судии колку што имало во судовите во Македонија кога е правена анкетата на ОБСЕ.

Мисијата на ОБСЕ во Скопје е главен спроведувач на обуки за новиот Закон за кривична постапка за судии, адвокати и обвинители и има организирано десетици обуки од 2013 година до сега. На крајот на овој месец планирана е нова конференција на која ОБСЕ ќе ги обучува македонските судии.

Претседателката на Апелацискиот суд во Битола, Даница Ристева, тврди дека таа никогаш немала политички притисоци туку во нејзината работа се соочувала со ургенции од пријатели и роднини.

„Притисоци имало и ќе има. Само судија што нема капацитет да одговори стручно, ќе подлегне на притисоците. Затоа, Судскиот совет мора да внимава кого избира за судија, зашто со добри кадри, ни завршува половина од работата“, вели Ристева.

Судијката Дијана Груевска Илиевска од скопскиот кривичен суд, која ги судеше предметите „Ликвидација“, „Армиски делови“, „Шпион“, вели дека најголем притисок чувствувала од јавноста и воопшто не ѝ било пријатно што го слушала своето име низ медиумите.

За судијката Груевска до Судскиот совет било поднесено барање за изземање во предмет во кој судела новинар, токму поради тоа што тој пишувал за нејзината работа, но во изјавата дадена до Советот, судијката навела дека: „пишувањата за нејзината работа не го сфаќа како напад врз неа туку како професионална обврска на новинарите да известуваат“ и оттука тврдела дека нема да биде пристрасна во текот на судењето. Советот го прифатил ова тврдење и не ја одобрил нејзината смена.

Засега нема најава кога ќе се реализира новата анкета меѓу судиите за која зборуваше Претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова.