Вести

Заев: Договорот од Пржино за нас не е повеќе активен

pregovori_przino

За СДСМ договорот од Пржино не е повеќе активен

СДСМ ги напушти преговорите, откако Советот на јавни обвинители на денешната седница избра само 7 од 14-те кандидати кои ги предложи специјалната обвинителка Катица Јанева за нејзини помошници.

„Ние се повлекуваме од преговорите, на консултации во партијата. За нас, договорот од Пржино не е повеќе активен. За сите следни чекори кои ќе ги преземеме понатаму, ќе информираме утре“, изјави за БИРН претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

СДСМ децидно ја демантира изјавата на европскиот посредник во преговорите меѓу партиските работни групи, Питер Ванхауте, кој попладнево рече дека е постигнат договор за Изборниот законик. Од партијата велат дека договор не е постигнат и дека во текот на утрешниот ден, кога Заев ќе се врати од Израел, ќе се планираат наредните чекори.

„Не може да има разговори за постигнување договор, кога е прекршена основната точка од договорот – специјалниот обвинител сам да го состави својот тим. Советот на јавни обвинители требаше само да ја верификува одлуката на обвинителката. Тој нема ингеренции да врши систематизација и да оценува кои обвинители треба, а кои не, да бидат во нејзиниот тим“, велат од СДСМ.

Според одлуката на Советот донесена со тајно гласање денеска, во тимот на Јанева наместо 14 обвинители влегоа седум: Бурим Рустеми, Елизабета Јосифовска, Лејла Кадриу, Љубомир Лапе, Марија Ѓорѓева, Стевчо Донев и Фатиме Фетаи.

Советот не ја исклучува можноста да се зголеми тимот на Јанева ако се зголеми обемот на работа. Специјалната обвинителка Јанева, која присуствувала на седницата, е разочарана од одлуката на Советот. Таа изјави дека ќе продолжи да работи, но дека и понатаму ќе инсистира да бидат избрани сите кандидати што ги предложи.

Според неа, со денешната одлука на Советот, се крши Законот за специјално обвинителство.

Јанева упати апел до медиумите за да се изврши притисок да го добие тимот што ѝ е потребен за да може да ја врши работата.

„Барам помош од медиумите, а странците сами ќе ја видат ситуацијата, нема зошто да ги известувам“.

Законот за специјално обвинителство се најде пред Уставен

marko zvrlevski

Зврлевски вели дека ќе биде поднесена иницијатива за оценување на уставноста на Законот за специјално обвинителство

Државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски, вели дека ќе биде поднесена иницијатива за оценување на уставноста на Законот за специјално обвинителство. Тој вели дека заедно со другите обвинители е навреден зошто било формирано специјално обвинителство, кое го оцени како „политичко“.

„Тоа е политичко, бидејќи е основано со политички договор. Недовербата кон Јавното обвинителство и другите обвинителства е несонована. Доволно говори фактот дека предложените кандидати работеа на тие случаи, од 14 предложени кандидати, седум луѓе на работеа на тие случаи“, изјави Зврлевски.

Државниот јавен обвинител платите на тимот од Јанева ги оцени како мегаломански и „нешто што го нема ниту во регионот“.

Финансискиот план што претходно го изготви Специјалното јавно обвинителство, предвидуваше осум пати повеќе пари за функционирање отколку што добива Јавното обвинителство за борба против организиран криминал. Според планот, за функционирање на Специјалното обвинителство за поселдните три месеци од 2015 година биле потребни над 1 милион евра, а годишниот буџет е проценет на повеќе од 4 милиони евра.

Од Уставниот суд за дел медиуми веќе потврдиле дека до нив е стигната иницијатива за оценување на уставноста на Законот за специјално обвинителство. Неизвесно е кога иницијативата ќе се најде на седница на Уставниот суд.

Со овој тек на настаните, сè заострува политичката криза во земјава која ионака, постојано беше на тенка линија. Првично, рокот за договор за изборното законодавство беше 6 октомври.

Во договорот од Пржино е напишано дека до 30 септември на Државната изборна комисија (ДИК) ќе ѝ се дадат зголемени овластувања за да обезбеди фер избори. На 20 октомври требаше да се избере нов министер за внатрешни работи по предлог на СДСМ и во консултација со ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. На истиот датум требаше да биде назначен нов министер за труд и социјална политика, по предлог на социјалдемократите.

Исто така, на 20 октомври требаше да бидат назначени дополнително замениците-министри во министерствата за внатрешни работи, труд и социјална политика, за информатичко општество и за финансии, како и во Министерството за земјоделство. Неформалниот рок до кога партиите требаше да постигнат договор за медиумските реформи беше 15 октомври.