Регион

Приказни на жртвите на воено силување во Косово

Гаитани Османкаќ за БИРН вели дека книгата треба „да ја подигне свеста за стигмата што ги опкружува. Таа, исто така, ја раскажува приказната за мажите што преживеале сексуално насилство, за тоа како тие се чувствуваат, како се справуваат со тоа и како за тоа зборуваат“.

„Мислам дека оваа книга ќе ни помогне да разбереме како силувањето се користи за време на војната, но и да ја разбереме денешната реалноста на жртвите, особено на мажите“, објаснува таа.

Насловот на книгата е симболичен – анемона е цвет што ги затвора своите ливчиња кога е невреме, а ги отвора кога сонцето ќе заблеска.

Овој цвет беше симбол и на кампањата „Биди мојот глас“, која имаше за цел да ја подигне свеста и да ги поддржи жртвите на сексуално насилство, поврзано со војната во Косово.

„Овие жртви во себе врескаат за трагедијата што трае уште од војната, и така тие ќе остане сè додека живеат во опкружување што ги осудува“, додава Гаитани Османкаќ.

Многу жени велат дека сексуалното насилство е поврзано со срамот и стигмата, што значи дека тие не можат никому да кажат низ што поминале.

„Една од жртвите беше сметана за нечесна во селото каде што живее. Ова, на многу други, им отежнува да излезат во јавноста“, истакнува Гајтани Османкаќ.

Досега, само неколку преживеани јавно проговорија за своето ужасно искуство. Една од нив е Васвије Красниќи Гудман, која оваа година сведочеше пред Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом на САД, при што истакна дека Вашингтон треба да вложи повеќе напори, во насока Србија да биде повикана на одговорност за воените злосторства.

„Читателот може да ја почувствува нивната вистина“

Мирлинда Сада од „Медика Ѓакова“ (лево) и новинарката, Салије Гајтани Османкаќ. Фотографии на Мирлинда Сада и Салије Гајтани Османкаќ

Приказните во книгата главно се однесуваат на пролетта 1999 година, кога српските сили започнаа безмилосна кампања против косовските Албанци, за време на бомбардирањето на НАТО на Југославија.

Авторите велат дека оваа книга го прикажува трајното страдање на жртвите, кои 20 години подоцна, сѐ уште бараат правда.

Некои луѓе чии приказни се наоѓаат во книгата, сведочеле и пред суд, но до денес, никој не е осуден за воено силување во Косово.

„Се чини дека постои апсолутна неказнивост за српските воени и полициски функционери, кои се одговорни за бројни силувања. Исто така, во последните две децении, сведоци сме дека многу жртви починале без да дочекаат правда“, вели, Мирлинда Сада, од „Медика Ѓакова“, невладина организација која обезбедува здравствена заштита и економска поддршка за жртвите на воено сексуално насилство во Косово.

„Жртвите во оваа книга покажуваат дека силувањето не е нуспроизвод на војната, туку нејзино оружје, терор што произлегува од длабоко вкоренетиот национализам и омраза кон Албанците“, истакнува таа и додава дека „и покрај тоа што жртвите се анонимни, читателот може да ја почувствува нивната вистина“.

Кога за прв пат, во 2012 година, беше предложен закон за доделување бенефиции на жртвите на воено сексуално насилство, повеќето парламентарци, претежно членови на Демократската партија на Косово (ПДК) и Алијансата за иднина на Косово (ААК), партии предводени од поранешни борци на Ослободителната војска на Косово, гласаа против.

„Шеснаесет години по завршувањето на војната, лицата што преживеале сексуално насилство, се соочија со деградација, изолација, па дури и игнорирање од страна на државните институции и ова отфрлање траеше сè додека не се донесе законот за статусот на жртвите на воено силување“, вели Сада.

Законот беше донесен во 2015 година, иако, како што нагласува  Сада, тој има многу недостатоци и треба да биде изменет за да им се овозможи и на другите да аплицираат за статус на жртви на воено сексуално насилство. Некои жртви не се осмелуваат да влезат во процес на верификација, затоа што стравуваат дека општеството ќе ги отфрли.

Сада верува дека Косово не ги истражило и документирало на соодветен начин овие злосторства.

„Некои жртви веќе сведочеа (на суд), но нивните случаи покажуваат дека военото сексуално насилство поминува неказнето“, нагласува таа.

„Јас сум Анемона“, ја претставува врската помеѓу жртвите и иницијативата за помирување и посочува дека мирот може да се постигне само доколку силувањето и другите злосторства се правилно документирани и решени.

„Ни треба истражување и документирање … не може да има вистински мир или помирување, ако жртвите останат на страна“, потенцира Сада.

Оваа книга, исто така, покажува дека жртвите сакаат анонимно да кажат што им се случило, додава таа и заклучува: „Тие го чекаат денот кога ќе можат да ја кажат вистината“.