Истражувањa

Прикривање на злосторствата во Косово: Кој ги сокрил останките на косовските Албанци?

Српски функционери и полицајци, што преместиле стотици тела на убиени Албанци, од Косово во Србија, каде ги закопале во масовни гробници, никогаш не биле кривично гонети во својата матична држава

Марија Ристиќ, Милка Домановиќ, Петрит Чолаку | Белград, Кладово, Призрен, Избица

На 4 април 1999 година, рибар од источното српско село Текија, открил застрашувачко нешто во реката Дунав. Камион ладилник, фрлен во водите на реката, кој се појавил на површината. Камионот немал регистарски таблички, само лого, кое укажувало дека му припаѓа на претпријатието Прогрес експорт кланица, од косовскиот град Призрен.

Нуркачот што бил испратен да испита за што станува збор, информирал дека возачкото седиште е празно и дека на педалата за гас бил ставен камен. Криминалниот техничар, што бил на местото на настанот, Бошко Радојковиќ Боле, од блискиот град Кладово, и неговиот претпоставен во полицијата, Милан Стевановиќ, првично претпоставиле дека се работи за несреќа.

Но, кога Радојковиќ продолжил да истражува, го нашол грозоморниот товар во камионот. Не се работело за заклани животни, туку за голем број човечки тела во распаѓање.

„Во еден момент [нуркачот] ми рече: ‘Боле, нешто како човечка нога се гледа надвор, што да правам?“, изјави тој за српската полиција во 2001 година.

Во внатрешноста на камионот имало тела на 86 Албанци, убиени од српските сили, за време на воената кампања на претседателот Слободан Милошевиќ во Косово, во 1999 година. Тие биле фрлени во реката Дунав, во, како што на крајот излезе, неуспешен обид да се прикријат убиствата.

Локалната полиција и припадници на државната безбедност, првично продолжиле со прикривањето, пребојадисале делови на камионот и му ставиле српски регистарски таблички. „Предложив да се подготви приказна за јавноста, дека тоа се тела на Курди и дека камионот излетал од патот, откако некој војник пукал“, рече Радојковиќ.

Два дена подоцна, проблемот бил упатен до повисок орган. Началникот на полицијата во градот Бор, Часлав Голубовиќ, го повикал началникот на Ресорот за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи на Србија, Властимир Ѓорѓевиќ. Ѓорѓевиќ му наредил да го сокрие инцидентот од јавноста и да ги прати останките во Белград.

„Преместувањето на телата требаше да биде направено во текот на ноќта, за да не бидеме забележани“, ѝ изјави Голубовиќ на полицијата.

Таа ноќ започнала тајната операција, при што Радојковиќ, неговите колеги и комуналните работници што ги ангажирала општината, извадиле 30 тела и ги натовариле во камион.

„Меѓу останките, имаше тело на момче на возраст од пет или шест години, на едно девојче од седум или осум години, како и тело на момче од 18 до 20 години, чии раце беа врзани зад грб и кое имаше рана од огнено оружје“, се сеќава Радојковиќ.

Тие дејствувале по наредба на Министерството за внатрешни работи на Србија, „затоа што ништо не можело да се направи без Министерството за внатрешни работи“, изјави за БИРН, Милан Стевановиќ, раководител на полициската криминалистичка служба во Кладово.

Следното утро, рано, камионот тргнал за Белград, каде им бил предаден на државните безбедносни служби. Ден подоцна, уште еден камион бил натоварен со „53 тела, како и три глави одвоена од нивните тела“, изјави Радојковиќ. Телата биле одвезени во полицискиот центар за обука во белградското предградие Батајница.

Камионот ладилник, во кој биле пронајдени телата, според Стевановиќ, бил префрлен во полицискиот центар за обука во Петрово Село, во близина на Кладово, каде што бил кренат во воздух.

„Го направив она што морав, го сторивме она што ни беше наредено, не само на мене, туку на сите нас, вклучувајќи ги и комуналните работници што беа ангажирани таму“, изјави тој.

Две години подоцна, во полицискиот центар за обука во Батајница, во масовни гробници, беа пронајдени вкупно744 тела. Уште 75 беа пронајдени во центарот во Петрово Село, 84 во езерото Перучац во западна Србија, а 54 беа ексхумирани минатата година од каменоломот во близина на Рашка, јужна Србија. Сите жртви на офанзивата на Милошевиќ на Косово.

Жртвите биле од селата од Косово, како што е Избица, кое било место на еден од најголемите масакри во војната, извршен во март 1999 година. Таткото на Демуш Џемаили, кој бил постар човек, бил меѓу десетиците Албанци, убиени во Избица. „Господе, тие не поштедија никого. Замислете го ова, убија еден стар човек, кој беше инвалид. Неговите патерици беа пронајдени во негова близина“, се сеќава Џемаили.

Преживеаните селани, набрзина ги закопале убиените членови на нивните семејства и убиените соседи, и избегале кон Албанија, за да ја избегнат српската офанзива. Но, кога се вратиле по завршувањето на војната, телата исчезнале. Дури во 2001 година, Џемаили дознал дека тие биле преместени од страна на српските сили и тајно закопани во Петрово Село. „Ова за нас претставуваше уште едно убиство“, вели тој.

Ужасни докази на виделина

Југословенскиот претседател слободан Милошевиќ држи состанок со високи полициски и армиски генерали во 1999 година / Фото: Срѓан Илиќ

Југословенскиот претседател слободан Милошевиќ држи состанок со високи полициски и армиски генерали во 1999 година / Фото: Срѓан Илиќ

Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг, го осуди началникот на Ресорот за јавна безбедност, Властимир Ѓорѓевиќ, на 18 години затвор, за убиства и прогон на косовските Албанци, како и за директна вмешаност во прикривањето на убиствата.

Ѓорѓевиќ беше осуден дека бил дел од „здружен злосторнички потфат“, во чии рамки, за време на војната на Косово, биле извршени разни злосторства. За истото, минатата година, од судот на ООН, беа осудени уште тројца други високи српски официјални лица. И за нив беше утврдено дека учествувале во прикривањето на злосторствата.

Судењата во Хашкиот трибунал помогнаа да се откријат бруталните методи што ги користел режимот на Милошевиќ, за да се сокријат злосторствата што неговите сили ги извршиле за време на војната во Косово. Но, многумина од оние кои од меѓународниот суд беа идентификувани како дел од заедничкиот злосторнички потфат, заедно со Милошевиќ, не беа обвинети и тие денес живеат слободно во Србија. Ниту еден од оние што биле директно вклучени во отстранувањето и повторното закопување на останките, досега не бил кривично гонет за тоа.

Информации за масовните гробници во Батајница, почнаа да се појавуваат откако Милошевиќ беше симнат од власт. Уште пред 2001 година, соборениот лидер беше баран од Меѓународниот трибунал за воени злосторства, но мнозинството Срби се противеа на идејата тој да му биде предаден на Хашкиот трибунал за да му се суди, па новоизбраната демократска влада ја откри информацијата, за да ја оправда екстрадицијата.

Еден од првите што сведочеа во судскиот процес против Милошевиќ, беше Али Ѓогај, комунален работник од косовскиот град Призрен. Ѓогај изјави дека неговиот шеф го посетил една вечер во април 1999 година. Него и неколку други работници ги одвел на полигон за стрелање, што бил во непосредна близина, каде видел група униформирани полициски службеници, два багери и три камиони.

Под закрила на темнината, багерите ги ископале телата и неговиот шеф им рекол да ги натоварат во камионите што чекале. „Багерот со својата лажица ќе земеше две или три тела. Ќе ги растовареше телата до вратата на камионите и четворица од нас, заедно, фрлаа по едно тело во камионите ладилници“, изјави Ѓогај во 2005 година, за српските обвинители.

Ѓогај рече дека телата изгледале како да се распаѓале неколку недели во земја. Откако биле натоварени во камионите, полицајците ги заклучиле вратите и ги одвезле.

Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг, го осуди началникот на Ресорот за јавна безбедност, Властимир Ѓорѓевиќ, на 18 години затвор, за убиства и прогон на косовските Албанци, како и за директна вмешаност во прикривањето на убиствата.

Ѓорѓевиќ беше осуден дека бил дел од „здружен злосторнички потфат“, во чии рамки, за време на војната на Косово, биле извршени разни злосторства. За истото, минатата година, од судот на ООН, беа осудени уште тројца други високи српски официјални лица. И за нив беше утврдено дека учествувале во прикривањето на злосторствата.

Судењата во Хашкиот трибунал помогнаа да се откријат бруталните методи што ги користел режимот на Милошевиќ, за да се сокријат злосторствата што неговите сили ги извршиле за време на војната во Косово. Но, многумина од оние кои од меѓународниот суд беа идентификувани како дел од заедничкиот злосторнички потфат, заедно со Милошевиќ, не беа обвинети и тие денес живеат слободно во Србија. Ниту еден од оние што биле директно вклучени во отстранувањето и повторното закопување на останките, досега не бил кривично гонет за тоа.

Информации за масовните гробници во Батајница, почнаа да се појавуваат откако Милошевиќ беше симнат од власт. Уште пред 2001 година, соборениот лидер беше баран од Меѓународниот трибунал за воени злосторства, но мнозинството Срби се противеа на идејата тој да му биде предаден на Хашкиот трибунал за да му се суди, па новоизбраната демократска влада ја откри информацијата, за да ја оправда екстрадицијата.

Еден од првите што сведочеа во судскиот процес против Милошевиќ, беше Али Ѓогај, комунален работник од косовскиот град Призрен. Ѓогај изјави дека неговиот шеф го посетил една вечер во април 1999 година. Него и неколку други работници ги одвел на полигон за стрелање, што бил во непосредна близина, каде видел група униформирани полициски службеници, два багери и три камиони.

Под закрила на темнината, багерите ги ископале телата и неговиот шеф им рекол да ги натоварат во камионите што чекале. „Багерот со својата лажица ќе земеше две или три тела. Ќе ги растовареше телата до вратата на камионите и четворица од нас, заедно, фрлаа по едно тело во камионите ладилници“, изјави Ѓогај во 2005 година, за српските обвинители.

Ѓогај рече дека телата изгледале како да се распаѓале неколку недели во земја. Откако биле натоварени во камионите, полицајците ги заклучиле вратите и ги одвезле.

Уште неколку други лица, кои биле вклучени во преместувањето на телата од Косово во Србија, сведочеа на судењето на Милошевиќ во Хаг, во најголем дел случаи, како анонимни заштитени сведоци. Божидар Протиќ, поранешен возач во српското министерство за внатрешни работи, беше првиот кој реши отворено да презентира докази, на судењето на тројца високи официјални лица, што минатата година добија затворски казни.

Протиќ сведочеше дека неговиот претпоставен офицер му рекол оти разговарал со помошникот министер за внатрешни работи, Петар Зековиќ, околу една „задача која е многу важна и која е во интерес на државата“. Тој му рекол да најде камион.

Задачата била, да се земат телата што испливале од Дунав кај Текија и да се однесат во Батајница, на 7 април 1999 година. Тоа требаше да биде првата од неколкуте такви мисии, изјави Протиќ.

Вториот камион, полн со тела, тргнал од косовскиот град Јањево, до полицискиот центар за обука во Петрово Село, а третиот од Косовска Митровица, повторно кон Петрово Село. Четвртиот и последен камион, рече Протиќ, транспортирал тела од Приштина за Батајница.

„Секогаш кога тргнував на пат…сите инструкции ги добивав од генерал [Петар] Зековиќ“, сведочеше тој. „Тоа секогаш беа усни наредби со инструкции, како и каде треба да земам камион, каков камион тоа ќе биде и каде треба да одам за да соберам тела“.

Расчистување на теренот

Камионот ладилник во кој биле сокриени 86 тела, најден во реката Дунав во април 1999 година / Фото: Министерство за внатрешни работи на Србија

Камионот ладилник во кој биле сокриени 86 тела, најден во реката Дунав во април 1999 година / Фото: Министерство за внатрешни работи на Србија

Откако во мај 2001 година, српскиот весник, „Тимочка крим-ревија“ објави повеќе детали за операцијата за прикривање, што нејзините иницијатори ја нарекоа „Дубина 2“, Министерството за внатрешни работи формираше работна група, која испраша околу 30 лица што биле директно вклучени во неа.

„Министерот за внатрешни работи, Влајко Стојилковиќ, и началникот на Ресорот зајавна безбедност, генерал Властимир Ѓорѓевиќ, го прогласиле целиот случај за државна тајна и ја почнале операција „Дубина 2“, за да го решат“, изјави шефот на работната група, капетан Драган Карлеуша, на прес-конференција одржана на 25 Мај истата година.

Кога телата пристигнале во центарот во Батајница, тие биле фрлени во јама на полето за обука и запалени.

„Кога пристигна камионот со тела, со багер беше ископана дупка, телата беа полиени со бензин, покриени со гуми и запалени, а откако изгореа, два или три часа подоцна, јамата беше закопана“, ѝ изјави на работната група, Душан Ненадовиќ, член на специјалната антитерористичка единица, која била ангажирана на задачата.

„Знаев дека сè е ‘државна тајна’ и дека ако некој отвори уста, ќе ја изгуби својата глава“, рече тој.

Работната група утврди постоење на директни врски меѓу прикривањето и претставници на Министерството за внатрешни работи. Утврди дека однапред постоел план за „расчистување на теренот“ по масакрите, што српските сили ги извршиле во Косово, кој бил договорен на највисоко ниво и имал за цел да ги скрие потенцијалните докази од Хашкиот трибунал.

„Првата средба за ова, се одржала во канцеларијата на тогашниот претседател Милошевиќ, во март1999 година“, сведочеше Карлеуша на судењето на Милошевиќ.

„Според информациите што ги добивме, покрај Милошевиќ, на состанокот присуствувале и тогашниот началник на јавната безбедност, г-дин ВластимирЃорѓевиќ, генералот Радомир Марковиќ, тогашниот министер за внатрешни работи, ВлајкоСтојилковиќ, и некои други личности“, изјави тој.

Генерал Марковиќ го потврди она што било дискутирано: „На самиот крај на средбата, Властимир Ѓорѓевиќ го покрена прашањето за преместување на телата на косовските Албанци, со цел да се отстранат сите можни цивилни жртви, кои би можеле да бидат предмет на истрага од страна на Хашкиот трибунал“, рече тој во 2001 година.

„Влајко Стојилковиќ им издаде наредба за спроведување на овие дејствија, директно на [полицискиот генерал] Драган Илиќ и на Властимир Ѓорѓевиќ“, изјави Марковиќ, кој во моментов отслужува 40-годишна затворска казна за убиство на поранешниот српски претседател, Иван Стамболиќ, како и за други злосторства.

„Илиќ ми кажа дека полицискиот полковник, Горан Радосављевиќ, му помогнал значително со своите луѓе, кои директно му помогнале да ја спроведе оваа задача. Се сеќавам дека Илиќ се жалеше за начинот [на кој што тоа беше направено] и на методите што се користеа. Спомена дека камионот ладилник бил пронајден во Дунав, како резултат на лошата организација на Ѓорѓевиќ“, рече тој.

Ѓорѓевиќ негираше дека примил директна наредба од Милошевиќ, за спроведување на операција за расчистување, но за време на неговото судење во Хаг, тој призна дека учествувал во неа.

„Да, бев вклучен кога камионите со тела доаѓаа во Батајница, но не знаев кога биле извршени злосторствата. Не се соочив со оние што се обидоа да ги замаскираат и скријат злосторствата и не ги преземав сите мерки за да бидат пронајдени одговорните за воените злосторства, што требаше да го направам“, изјави тој пред судот.

Во 2002 година, министерот Стојиљковиќ се самоуби, откако претходно беше обвинет од Хашкиот трибунал.

Заговор спонзориран од државата

Прикривањето претставува јасен доказ за српските државно спонзорирани злосторства, смета Фред Абрахамс, висок советник на Хјуман рајтс воч, кој опширно ги документира воените злосторства во Косово.

„Не може да се тврди дека се работи за случајни злосторства, кога потоа телата биле систематски преместувани“,вели Абрахамс за БИРН.

„Преместувањето на стотици тела не е лесна работа. Треба да имате транспортот, договор за обезбедување…Тоа е шема; јасен доказ дека ова бил организиран и намерен обид да се прикрие злосторството“, вели тој.

Филип Шварм, уредник во српскиот неделник „Време“, вели дека е јасно оти Министерството за внатрешни работи на Србија, се обидувало да ги уништи доказите што можеле да му помогнат на Хашкиот трибунал, кривично да го гони Милошевиќ и другите високи претставници.

„Повеќето од овие луѓе биле убиени од полицијата, а потоа полицијата ги отстранувала трагите од своите злосторства“, изјави Шварм за БИРН.

Неколку поранешни српски борци беа процесирани во Белград, за масакрите извршени во некои косовски села во 1999 година, но не и за последователното тајно преместување на телата на жртвите.

Мустафа Радоњици, адвокат за воени злосторства, кој ги претставува семејствата на жртвите од Косово, тврди дека српското обвинителство, со тоа што не го вклучило прикривањето во своите обвиненија, се обидело да избегне инкриминирање на поголем број високи личности од Министерството за внатрешни работи.

„Обвинителството ги прикриваше доказите“, изјави Радоњици за БИРН.

БИРН побара од обвинителството коментар, но не доби одговор.

Обвинетите негираат сè

aUnidentified-Infographic-MK

Полициската истрага откри имињата на повеќе од 20 лица кои биле вклучени во прикривањето, лица од понизок ранг, но и високи функционери. Но, повеќето српски функционери, обвинети за вмешаност, тврдеа дека се невини.

Поранешниот заменик министер за внатрешни работи, Петар Зековиќ, од неколку сведоци беше именуван како човек кој ја координирал операцијата на преместување на телата од Косово во Батајница. Зековиќ за БИРН изјави дека е невин и не сакаше понатаму да ги коментира наводите. Нему моментално му се суди за наводна злоупотреба на јавните фондови во времето на Милошевиќ.

Слободан Борисављевиќ, поранешен шеф на кабинетот на началникот на Ресорот за јавна безбедност, Властимир Ѓорѓевиќ, бил одговорен за плаќање на луѓето што биле вклучени во операција за преместување на телата. Во изјавата дадена на полицијата во 2001 година, тој вели дека парите ги добил од Ѓорѓевиќ.

Борисављевиќ моментално е висок функционер во Министерството за внатрешни работи, а во 2006 година кратко беше началник на полициската служба за истрага на воени злосторства. Тој за БИРН, исто така, изјави дека не учествувал во операцијата и не сакаше повеќе да коментира. Никогаш не беше обвинет за прикривање на злосторствата.

Неколку сведоци меѓу кои и поранешниот возач на Министерството за внатрешни работи, Божидар Протиќ и поранешниот полициски службеник, Радомир Ѓериќ, пред Хашкиот трибунал и пред српските судови, сведочеа дека полицискиот полковник Горан Радосављевиќ Гури, кој беше на чело на вооружените полициски сили, односно на Жандармеријата, неколку пати бил присутен кога телата од Косово биле преместувани во полицискиот центар во Петрово Село, во кој тој бил командант.

Ѓериќ, на судење за убиство во специјалниот суд во Белград, во 2006 година, сведочеше дека тој и Радосављевиќ биле во Петрово Село, кога возачот Протиќ пристигнал со еден од камионите.

„Тогаш видов за што станува збор, видов толку многу тела, непознати тела што почнале да се распаѓаат, тие беа во толку лоша состојба, што не можеше да се препознае дали се работи за маж, жена или дете“, рече Ѓериќ. Нивните тела беа фрлени во депонија.

Ѓериќ рече дека Радосављевиќ го прашал: „Гури, дали знаеше за ова?“, на што тој му одговорил: „Да, сето ова ми е познато…Шефот знеше сè“.

Радосављевиќ негираше дека учествувал во прикривањето, за кое што, ниту тој, не беше обвинет. Пензионираниот генерал денес раководи со неколку безбедносни агенции во Белград и е член на Извршниот одбор на владејачката Српска напредна партија.

„Нема тело, нема злосторство“

Повторното погребување на телата ексхумирани од масовните гробници во Србија, продолжи и оваа година, а потрагата по тајни локации на кои што жртвите од војната во Косово биле закопувани, не е завршена.

Во пресудата на Хашкиот трибунал со која беше осуден Властимир Ѓорѓевиќ, како дел од српскиот „здружен злосторнички потфат“ во Косово, беа спомнати уште двајца високи полициски функционери. Тие тврдат дека се невини, но нивната невиност, за наводно учество во прикривањето од 1999 година, никогаш не беше тестирана пред суд.

Поранешниот полициски генерал, Драган Илиќ, кој во 90-тите години беше началник на Управата на криминалистичката полиција, од страна на неколку сведоци, за време на судењето на Ѓорѓевиќ, беше именуван како еден од клучните луѓе вклучени во прикривањето на злосторствата.

Илиќ, кој бил на чело на криминалистичката полиција, побарал 10.000 југословенски динари (околу 900 долари во тоа време) за „оперативни трошоци“, што му ги обезбедил Ѓорѓевиќ. Комуналните работници и нуркачот во Текија, исто така, биле платени за нивната работа, стои во полициските документи. Илиќ денес е во пензија и живее во Белград.

Поранешниот заменик министер за внатрешни работи, Обрад Стевановиќ, близок соработник на Милошевиќ и поранешен командант на озлогласената Специјална полициска единица на Србија, денес е професор на Полициската академија во Белград, каде што на младите офицери им држи предавања за тероризам.

Стевановиќ, како и неговите претходници, негираше каква било инволвираност во прикривањето, иако неговиот воен дневник беше еден од клучните докази на обвинителството на судењето на Милошевиќ.

Во еден дел од дневникот, се раскажува за средбата со Милошевиќ, на која се разговарало за тоа што треба да се направи со телата на Албанците убиени во Косово. Стевановиќ напишал: „Нема тело, нема злосторство“.

Иако од тогаш поминаа 16 години, Стевановиќ никогаш не беше судски гонет во Србија.

Истражувањето е објавено на Балканска транзициска правда