Огласи за ангажирање агенции и за нови привремени вработувања секојдневно објавуваат владините институции, општините и јавните претпријатија. И покрај тоа што Македонија редовно се наоѓаше на тапет на меѓународната заедница за прекубројноста на администрацијата и можноста за привремени вработувања кои ја отвораат вратата за вработувања без конкурс, во моментов се во тек дваесетина огласи за ангажирање агенции кои ќе ги менаџираат привремените вработувања. Ако се погледнат предвидените средства во буџетот за оваа намена, евидентно е дека тенденцијата на големиот број вработувања во јавниот сектор ќе продолжи и во иднина.
Пресметките на БИРН покажуваат дека во последниве 9 години, од 2009 година до сега, само за привремени вработувања се предвидени 26,7 милиони евра
Веднаш по завршувањето на локалните избори во октомври лани, општините се зафатиле со работа – речиси и да нема општина која не распишала оглас за ангажирање агенција за привремени вработувања. Пробиштип, Кривогаштани, Кратово, Пехчево, Босилово, Виница, Кочани, Босилово, Могила, Македонска Каменица, Василево, Свети Николе, Чешиново – Облешево и Куманово се дел од општините кои веќе ги имаат завршено постапките за најмување агенција за привремени вработувања.
Набавка на агенциски услуги за привремени вработувања во моментов бараат општините Зрновци, Јегуновце, Ресен, Петровец, Лозово, Пробиштип, потоа Градската библиотека Браќа Миладиновци, ЈП Куманово-паркинг, Општинска установа Музеј на Неготино, Агенцијата за катастар, Службата за општи и заеднички работи на Владата, УЈП и многу други.
Службата за општи и заеднички работи на Владата, на пример, кон почетокот на месецов објави оглас за привремени вработувања за нешто над 3 милиони денари или околу 56 илјади евра. Огласот за ангажирање агенција на Министерството за земјоделство за 2018 година, пак, тежи околу 128 илјади евра без вклучен ДДВ, а нешто помалку, 113 илјади евра е огласот за услуги за привремени вработувања за потребите на Управата за јавни приходи.
СДСМ предвидела повеќе пари за привремени вработувања од ВМРО-ДПМНЕ
Буџетот покажува дека Владата на СДСМ со ребалансот од 2017 година средствата за привремени вработувања ги зголемила за речиси една третина. Последен пат кога Владата на ВМРО-ДПМНЕ го правеше буџетот минатата година, за оваа намена предвидела 832 илјади евра, меѓутоа по промената на власта и првиот ребаланс на буџетот што го направи СДСМ, за привремени вработувања сумата ја зголемил на 1 милион и 81 илјади евра. Од Министерството за финансии велат дека од оваа сума, потрошени се само дел, односно околу 780.000 евра.
„Зголемувањето кај привремените вработувања е во согласност со барањата на институциите и фискалниот простор предвиден во нивниот Буџет. Што се однесува на реализацијата, од Буџетската сметка на Р.М за 2017 година се реализирани 30 милиони денари, додека вкупно (со проекти и меѓународна помош-грантови) реализирани се 47 милиони денари“, велат од Министерството.
Во тековниот буџет за 2018, сумата за привремени вработувања е за 18,7 отсто повисока од 2017 година, односно за привремени вработувања од буџетот планирано е да се потрошат речиси 1,3 милиони евра.
Пресметките на БИРН покажуваат дека во последниве 9 години, од 2009 година до сега, само за привремени вработувања се предвидени 26,7 милиони евра.
Оваа сума за привремени вработувања не се однесува на јавните претпријатија и општините, туку само на министерствата и институциите што се финансираат од централниот буџет, што значи дека е тешко да се пресмета колку всушност средства се издвојуваат од јавните пари за оваа намена.
Па така, податоците од Бирото за јавни набавки, покажуваат дека јавните претпријатија и општините, само лани склучиле договори за ангажирање на привремени работници во вредност од 5,1 милиони евра. Со тоа, вкупната сума за привремени вработувања за 2017 година на централно и општинско ниво достигнува 6,2 милиони евра.
По одделни институции, најмногу пари за оваа намена лани потрошило јавното претпријатие Комунална хигиена и тоа 1,7 милиони евра, Јавното сообраќајно претрпијатие (ЈСП) 890 илјади евра и Агенцијата за катастар и недвижности 345 илјади евра.
Во 2014 година се донесе Законот за трансформација во редовен работен однос, со кој што се предвиде државните институции и јавните претпријатија да им понудат редовен работен однос на неопределено време на волонтерите, хонорарците, ангажираните со договори на дело и вработените само на одреден период.
Но, и покрај стапувањето на сила на овој закон, и обврзувањето на властите дека привремените вработувања во јавниот сектор ќе ги сведат на нула, сепак податоците покажуваат дека се уште има значителен број на луѓе со статус на привремено вработени во јавните претпријатија, а оваа тенденција не застанува и со доаѓањето на власт на новата Влада.
Европската унија во речиси секој извештај за напредокот на земјава потенцираше дека привремените вработувања се начин за отворање можност за вработувања без јавен конкурс.