Анализи

Прочистувањето на судството и политичките хипотеки

Ретки се членовите на Судски кои не биле под критика за партиски влијанија

Не помина ни ден откако министерот за правда, Бојан Маричиќ, заедно со првиот човек на Судскиот совет, Киро Здравев и државниот обвинител, Љубомир Јовески, обелоденија како ќе изгледа прочистувањето во правосудството, Обвинителството обвини еден идните прочистувачи, членот на Судскиот совет, Зоран Теофиловски.

Историјата за oвој случај всушност почна два дена пред дочекот на новата 2020 година, кога рано утрото на 30 декември 2019, полицијата тропна на вратата на судијата Теофиловски за да го уапси. Причината беше отворена истрага, но и барање да му се определи притвор. Обвинителството го осомничи за незаконска приватизација на земјиште вo Тетово.

Но, полицајците не го најдоа дома. Следниот ден, тој самиот се пријави во судот, но се повика на судискиот имунитет. Колегите од Судскиот совет на итна седница на 31 декември му го симнаа имунитетот, иако како и во друг случај за нивен колег, не дадоа „зелено светло“ да се притвори.

Зоран Теофиловски | Фото: БИРН

Цела година со отворена истрага Теофиловски работеше во Судскиот совет, гласаше за избор и за разрешување судии. Неговото име, биографија и фотографија ги има на веб-страницата на Судскиот совет како активен член.

Многу пред Обвинителството да се заинтересира за Теофиловски, медиумите пишувале за неговото поведение во јавноста. Така во 2018 година, негов колега – сегашен апелациски судија пријавил во полициската станица во Тетово дека добил навреди и закани од Теофиловски.

Пријавениот во полиција, беше избран за член на Судскиот совет како судија на гостиварска Апелација. Претходно бил и на политичка функција како заменик-министер за правда во 2001 година. Тој практично беше избран за член на Судскиот совет и дојде на местото на Александра Зафировска (која е сестра на неговата сопруга), која во бомбите ѝ реферираше на секретарката на Никола Груевски за оглас за избор на судии.

Медиумите објавија и дека тој заедно со уште двајца судии своевремено потпишал две различни пресуди за ист предмет, на ист ден, со тоа што, во едната, пишувало дека жалбата се одбива, и се потврдуваат казните, а во другата, дека жалбата се усвојува и обвинетите се ослободуваат од казната. На крајот образложението било дека стручниот соработник „вежбал две варијанти на пресуди“.

Со поднесеното обвинение извесно е дека Теофиловски нема да биде прочистувач на правосудството, бидејќи Законот за судскиот совет налага дека штом за некој член на Советот има правосилно обвинение, членот времено да се суспендира.

Министерот Маричиќ неодамна кажа дека не може само врз основа на еден член на Советот да се заклучи дека не може да спроведе прочистување во правосудството.

Но, иако оваа историја на само еден од членовите на Судскиот совет е најилустративна, сепак, не е само Теофиловски од Судскиот совет со интегритет, за кој, со критички тонови се дебатирало во јавноста.

„(Не)видливи“ влијанија

Повеќе од половина од членовите на Судски биле под критика за влијанија | Фото: БИРН

Речиси за половина од актуелните членови на Советот можат да се пронајдат медиумски написи за индиректна партиска поврзаност уште при самата номинација. Изборот на членови редовно е под критика бидејќи секоја опозиција смета оти кадрите претходно го прошле „партискиот рендген“.

Во 2019 во парламентот се кршеа копјата околу тоа кој да седне во Судски. ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ направија неформална коалиција, па наместо Павлина Црвенковска, која беше предлог на СДСМ, со глас повеќе во ресорната комисија го изгласаа Селим Адеми, кому ова му е втор мандат.

Во биографијата на Адеми пишува дека работел како секретар во општина Гостивар и како државен советник во Секретаријатот за спроведување на Охридскиот рамковен договор, ресор кој со децении го добива исклучиво ДУИ.

Слично како Адеми и Миљазим Мустафа беше ангажиран во Секретаријатот за спроведување на Охридскиот рамковен договор како и во Министерството за правда. Toј за БИРН не гледа ништо спорно во неговиот избор: „Не сум извршувал политичка функција. Тоа биле административни функции“, рече Мустафа, кој долги години беше државен советник.

Павлина Црвенковска која првично не беше избрана за членка, лани повторно беше предложена, но овој пат избрана како собраниски предлог од владејачкото мнозинство. Во нејзината биографија, меѓу другото стои дека помеѓу 2004 и 2006 година била во Кабинетот на Владо Бучковски додека тој беше премиер и министер за одбрана.

Многу пред воопшто да биде избрана за членка на Судскиот совет, опозицијата на прес-конференција објави дека тоа ќе биде струмичката судијка, Лорета Горгиева, чијшто сопруг е директор на струмичкото комунално претпријатие, каде што градоначалник беше Зоран Заев, со кого биле лични пријатели.

Опозицијата беше гласна и за изборот на Весна Дамева, долгогодишен стручен соработник во Кривичниот суд, за која ВМРО-ДПМНЕ објави фотографија на која таа е фотографирана со Заев и со функционери и активисти на СДСМ.

Дамева за БИРН ги отфрли наодите дека е политички инструирана. Вели: „Од приватните фотографии не може да се извлече заклучок за евентуална политичка или каква било друга припадност на кое било од фотографираните лица“.

За одредени членови, како и за претседателот Киро Здравев имаше претставки за нивното постапување, но тие беа отфрлани од истото тело во кое тие сега членуваат.  Така беше и за судијката Мери Радевска, која своевремено пресуди дека експратеничката Весна Бендевска го наклеветила екдиректорот на РЕК Битола, Зоран Коњановски и требаше да плати над 11 илјади евра отштета.

Меѓу последните избрани членови на Советот е гостиварскиот судија, Ханиф Зендели, кој случајно или не, остана единствен кандидат за член на Судскиот совет, откако првиот се повлече и тоа мошне невообичаено, на само ден пред гласањето.

Меѓу прочистувачите од редот на судиите се и Гордана Спиреска, која меѓу последните судења по кои ја памети јавноста е во предметот „Титаник 3“ против обвинетите од ДУИ, Ејуп Алими и Исмет Гури за изборен фалсификат, но не го заврши. Само што почна судењето беше сменета и тоа на нејзино барање поради семејни причини. Потоа влезе во Судскиот совет.

И се забележува што за управен судија го предложи експретседателот на ДИК, Александар Чичаковски кој беше под критика во јавноста и поднесе оставка зашто членовите на ДИК си поделиле бонуси.

Киро Здравев | Фото: БИРН

Прочистувањето ќе го спроведува и Владе Богдановски, кој беше избран како предлог на парламентарното мнозинство од ВМРО-ДПМНЕ. Заклетвата како член на Советот ја даде на ден пред распуштање на Собранието во 2016 година. Тогашната опозиција негодуваше за неговиот избор бидејќи владејачкото мнозинство не објасни зошто него го предлага кога „вкупно шест кандидати ги исполнувале условите“.

„Прочистувачи“ се кумановецот Мирсад Суроји кој по шест години судиски стаж стана член на Судски и судијата Сашко Георгиев кој беше и портпарол на штипскиот суд.

Претседателот на ова тело кое избира, унапредува и разрешува судии, Киро Здравев, на прашањето на БИРН дали тој и неговите колеги имаат интегритет да го спроведат прочистувањето меѓу судиите рече дека за себе гарантира, а за останатите секој ја сноси одговорноста да постапува со интегритет.

„Тргнувам од тоа дека тие немаат допирна точка со партиите, дека се деполитизирани и дека имаат интегритет“, вели Здравев за БИРН, потенцирајќи недвосмислено дека членовите на Советот мора да бидат чисти, за да ги прочистуваат судиите.

Неми пред контроверзите

Дел од стариот состав кој ги „преспа“ најконтроверзните епизоди во судството | Фото: БИРН

Ако се повикаат „на помош“ анкетите, бројките за довербата во правната држава се поразителни.

Анкетата на ИРИ од март 2020 година покажа дека само 2% од граѓаните целосно му веруваат на правосудството. Некаква (каква – таква) доверба имаат 21%, а високи 76% имаат недоверба во правосудството. Веројатно е дека компанија која би имала ваква висока недоверба на пазарот, брзо би пропаднала.

Судскиот совет, заедно со Јавното обвинителство и Советот на јавните обвинители е еден од трите столба на најавеното прочистување, односно филтрација во судството. Се промениле десетици членови низ годините, но она што е постојано е впечатокот дека институцијата не успеа да ги увери граѓаните дека избира, унапредува и разрешува објективно и непристрасно.

Политички „хипотекарни должници“

Судскиот совет речиси од самото формирање во 1994 година е под сомнежи за партиски влијанија, и на членовите, но и на изборот и унапредувањето на судиите. Папочната врвца меѓу политиката у судството де факто почнува од тука, од изборот на членовите на Советот и следствено преку изборот на судиите.

Оние кои биле избрани или добиле „пас“ за повисок суд, им стануваат вечни должници на оние кои ги номинирале и тука се отвора „ѓаволскиот круг“ на влијанија. Причината, е во тоа што судиите се меѓу ретките функционери во државата со траен мандат и не се реизбираат на функциите.

Прашањето кое особено денеска е актуелно е како да му се верува на тело кое ги преспало најконтроверзните епизоди во македонското правосудство: Злоупотребите со АКМИС-системот, судијките од „тефтерчињата“, извештаите на Рајнхард Прибе, „чудниот“ избор на судии, каде наместо првите кандидати со најмногу бодови се избираат петнаесеттите или шеснаесеттите на списокот, недавањето согласност да им се определи притвор на судиите за кои има отворена истрага.

Судски расправал за нестручно работење на судии, во пресуди каде Македонија била тужена пред Стразбур, ама дури да заврши целата постапка, судиите се пензионирале. Но, бавноста во утврдувањето на одговорноста на судиите е помалиот проблем.

Специјалниот извештај на СЈО за петмина судии кои ја отвориле вратата за политиката да влезе во правосудството никогаш не се најде на расправа пред членовите на Советот.

Пред неколку дена беше разрешена в.д. претседателката на Кривичен, Татјана Михајлова. СЈО уште во 2017 поднесе претставки со барање за разрешување петмина судијки кои постапиле нестручно и несовесно. Меѓу нив беше Михајлова, но таа беше неправосилно разрешена дури по четири години, односно малку пред да се пензионира.

Додека беа објавувани бомби каде се слушаа гласови на судии со функционери, тогашните членови на Судскиот совет гледаа немо и како едвај да чекаа да им заврши мандатот. Сите до еден се вратија во судовите каде што суделе без да понесат одговорност за надзорите што (не) ги спровеле.

Во Судскиот совет од формирањето се говори за „струи“, поточно за престројување на гласовите во зависност од потребите и одложување на точките до обезбедување мнозинство. Тоа не може да се види на седниците, но новинарите кои го следат Советот знаат дека вистинските расправи не се случуваат јавно, туку на колегиумите кога зад затворени врати се „пеглаат“ разликите за тоа чиј кандидат го има потребното мнозинство да помине.

За атмосферата во Советот говори и тоа што претседателот Здравев мораше пред новинарите да објаснува зошто било викањето за време на последната седница додека новинарите го чекаа за изјава.

Најави за поправање на впечатокот

Од околу 500 судии, за 107 се водат постапки | Фото: БИРН

Судскиот совет речиси од самото формирање во 1994 година е под сомнежи за партиски влијанија, и на членовите, но и на изборот и унапредувањето на судиите. Папочната врвца меѓу политиката у судството де факто почнува од тука, од изборот на членовите на Советот и следствено потоа преку изборот на судиите.

Оние кои биле избрани или добиле „пас“ за повисок суд, им стануваат вечни должници на оние кои ги номинирале и тука се отвора „ѓаволскиот круг“ на влијанија. Причината е во тоа што судиите се единствени функционери во државата со траен мандат и не се реизбираат на функциите.

Лани Судски ги усвои методологиите и интерните акти со кои ќе ја проверува и следи работата на судовите, судиите и претседателите на судовите. Тоа се дополнителни документи во купчето паприлогија напластена низ годините, која е нов аргумент со кој се правда попрецизната проверка во работата на судиите.

Првиот човек на Судскиот совет во обидот да објасни дека се цврсто решени да раскрстат со проблематичните судии, се пофали дека лани донеле цел куп документи: функционална анализа, страгиски план, стратегија за човечки развој и судска мрежа, методологија со индикатори за сложеност на предмети, интерен план за следење и оценување на работата на судовите…

Иако и без овие новоусвоени подзаконски документи, и со стариот Закон за судскиот совет, членовите немаа пречка да разрешуваат и да унапредуваат судии. Така беше со разрешувањето на Вангеловски и неговите колеги, Владимир Панчевски и со уште десетина судии.

Ако се суди според бројките, факт е дека Судски изминативе две години работи со поголема брзина од порано и разреши десет судии, иако постапките за некои од нив се отпочнати пред две, три или повеќе години. Има постапки против 107 судии, повтори Киро Здравев, обидувајќи се да покаже дека сега се многу поажурни од порано.