Анализи

Набавката на вакцини: Наивни или внимателни?

Јагмата по ковид-вакцини на светскиот пазар е уште една сурова лекција по реалполитика

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Се чини дека при набавката на вакцини за ковид-19, Македонија и останатите балкански држави што не се дел од ЕУ, добија уште една лекција по реалполитика.

Повторно научија дека принципите на еднаквост и фер пристап до здравствена заштита живеат само за време на салонските конференции, во празните декларации и во зашеќерените дипломатски изјави, додека во реалноста играат себичните интереси, моќта, па дури и снаодливоста, како што е во случајот со Србија, на пример.

Македонските граѓани, според последните официјални најави, би требало да се вакцинираат од февруари.

Во меѓувреме, Велика Британија, првата земја од западната хемисфера што почна со имунизација, според податоците од Our World In Data веќе има 4,5 милиони вакцинирани граѓани, Германија 1,1 милион – исто колку Италија, додека соседните Грција и Бугарија досега вакцинирале 85.000 односно 18.000 граѓани.

Чекајќи го Ковакс

Нашите власти „заспаа на увото“ дека вакцините за заштита од ковид-19 ќе ги добиеме преку механизмот за правичен пристап до вакцини – Ковакс и преку солидарниот фонд на земјите од Европската Унија (ЕУ), па се најдоа затечени кога и соседите порано од очекуваното, пред Нова година купија вакцини директно од производителите и веднаш почнаа со имунизација на населението.

Снимките како српскиот претседател Александар Вучиќ пречекува вакцини на аеродром предизвикаа незадоволство кај нас, па властите бргу се обидоа да го неутрализираат тој сентимент договарајќи 800.000 дози од производителот „Фајзер“.

Од Министерството за здравство (МЗ), сепак, поинаку гледаат на ситуацијата.

Оттаму за БИРН велат дека нашата земја не можела директно да преговара со производителите на вакцини на почетокот од пандемијата, таа можност ја имале само членките на ЕУ.

„Веднаш кога се отвори можноста, Министерството за здравство стапи во директни преговори со производителите“, велат од МЗ.

Меѓутоа, министерот за здравство, Венко Филипче, есеноска воопшто не ја спомнуваше можноста вакцини да се купат директно од производителите, додека Србите ги договорија „Фајзер“ уште во ноември, иако нашиот северен сосед, исто така, не е членка на ЕУ.

Властите многу доцна, при крајот на декември, се сетија дека треба да го изменат Законот за јавни набавки за да се олесни преговарањето со производителите на вакцини

Дека не се размислувало за директни преговори посредно покажува и фактот дека властите многу доцна, при крајот на декември, се сетија дека треба да го изменат Законот за јавни набавки за да се олесни преговарањето со производителите на вакцини. Законските измени сè уште се во собраниска процедура, предвидени се за седницата што ќе се одржи дури на 25 јануари.

Затоа Министерството за здравство сè уште не потпишало договор со „Фајзер“, а Филипче во изјавите за медиумите сè уште говори за резервирани, а не за нарачани дози.

„Процесот на директна набавка, како и договорот со производителот на вакцината ‘Фајзер’ е во финална фаза“, велат од Министерството за здравство одговарајќи на прашање на БИРН.

Филипче во изјава за медиумите минатата недела најави дека Ковакс-механизмот ќе профункционира од февруари, такви се најавите и на Светската здравствена организација (СЗО), која стои зад овој систем на правична дистрибуција на вакцини.

Што се однесува до вакцините што ги очекуваме од членките на ЕУ, за нив од Министерството за здравство, за БИРН, велат дека испораката ја очекуваат по месец март, такви биле најавите од амбасадорите на земјите-членки.

Македонија за 2021 година очекува по околу 800.000 дози преку три механизми или вкупно 2,4 милиони вакцини, кои се доволни за имунизација на 1,2 милиони граѓани бидејќи секој ќе се „боцка“ по двапати.

Оваа бројка на имунизирани граѓани би требало да е доволна. Колективниот имунитет, здравствените власти очекуваат да се добие доколку се вакцинираат меѓу 60 и 70 проценти од населението.

Се игра на сигурно, со „Фајзер“

Министерот Филипче е внимателен околу прашањата за кинеската и за руската вакцина | Фото: Роберт Атанасовски

И доколку фајзеровите вакцини пристигнаа порано, да речеме во исто време како во Србија – во декември, тешко дека во овој момент ние би имале повеќе од 20.000 дози, оти според планот на испорака што го објави Филипче, во првиот месец (февруари) ќе добиеме нешто повеќе од 5.000 дози, додека во вториот месец (март) околу 17.000 вакцини.

Тој контингент не е за занемарување зашто со него би можело да се почне вакцинирањето на здравствените работници во ковид-центрите. Меѓутоа, далеку од тоа дека првите фајзерови дози, сосе најавените 8.000 од Србија, сериозно би нѐ приближиле кон колективниот имунитет.

Впрочем, досега и Србија нема повеќе од неколку десетици илјади дози од фајзеровата вакцина.

Затоа, според досега приложеното во светски и во балкански рамки, единственото сценарио во кое ние сега би имале масовна вакцинација, да не сме го чекале Ковакс-механизмот, е доколку месеци претходно нашите власти влегле во авантурата за набавка на кинеската или на руската вакцина.

Филипче на последното интервју за Сител, прашан до каде е најавената од премиерот Зоран Заев набавка на 200.000 кинески вакцини, директно не одговори на прашањето, меѓутоа потенцираше дека нашите имунолози ѝ дале приоритет на фајзеровата вакцина, единствената што е одобрена од ЕМА и од ФДА, европскиот и американскиот регулатор на лекови.

„Ние впрочем и за многу други препарати, лекови и продукти ги бараме тие сертификати од ЕМА и од ФДА“, додаде министерот во саботното интервју за Сител.

Во таа претпазлива насока оди и одговорот што го добивме од Министерството за здравство во врска со евентуалната набавка на руската вакцина „Спутник“.

На нашето прашање дали се планира директно да се преговара со Русите, зашто тие веќе еднаш ја понудија својата вакцина, од МЗ одговорија нешто сосема друго.

„Според најавите од Ковакс-механизмот, нашата држава прво ќе ја добие фајзеровата вакцина, а потоа онаа на Астра зенека.’

Оттука може да се заклучи дека конзервативната домашна стратегија околу вакцинирањето се базира на оваа претпазливост што ја презентираат Филипче и Министерството за здравство, иако министерот досега во изјавите потенцираше дека ваквиот пристап на Македонија не значи оти и кинеските вакцини, на пример, не се безбедни.

Вакцина-национализам

На Балканот, освен Србија, која тргна во набавка на вакцини многу порано, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора се во истиот бавен воз со Македонија и таму првите вакцини се најавуваат за крајот на јануари и за почетокот на февруари. Слична е ситуацијата со Албанија, која го почна вакцинирањето со прескромно количество од 900 и кусур вакцини, за кои премиерот Еди Рама не открива од каде ги набавила неговата администрација.

Суровата вистина за нееднаквата дистрибуција на вакцините ја кажа и првиот човек на СЗО, Тедрос Аданом Гебреисус, кој самиот доаѓа од сиромашната африканска држава Етиопија.

Генералниот директор на СЗО, во понеделникот излезе со податок дека повеќе од 39 милиони дози добиле земјите што се сметаат за држави со високи приходи, додека нациите од групата на држави со ниски приходи добиле само 25 дози.

Повеќе од 39 милиони дози добиле земјите што се сметаат за држави со високи приходи, додека нациите од групата на држави со ниски приходи добиле само 25 дози

„Не 25 милиони, не 25 илјади, туку само 25 дози“, потенцираше генералниот директор на СЗО.

Аданом Гебреисус смета дека е недозволиво во некои држави, тие побогатите, да се вакцинираат и здравите и младите луѓе, додека за сиромашните да нема дози ниту за најризичните категории изложени на вирусот корона.

Оваа состојба ја нарече вакцина-национализам.

Затоа на истата прес-конференција во понеделникот, Тедрос Аданом Гебреисус повика државите и производителите на вакцини да се воздржат од потпишување билатерални договори зашто така се нарушува системот Ковакс, кој СЗО го замисли како механизам што правично ќе ги распредели вакцините низ целиот свет.

Со билатералните договори, првиот човек на СЗО вели, се врши притисок врз пазарот и се зголемуваат цените на вакцините што се предвидени да се дистрибуираат преку Ковакс.

Вакцинирањето исклучиво под државна капа

Вакцинирање ќе биде возможно единствено во државните здравствени институции | Фото: Роберт Атанасовски

Од нашето Министерството за здравство, за БИРН, велат дека кога ќе почне имунизацијата, приоритетни за вакцинирање ќе бидат сите здравствени работници од ковид-центрите или се директно изложени или работат со заболени или суспектни пациенти.

Понатаму, втори на листата се здравствени работници што работат со земање брисеви, граѓаните над 65 години, пациентите со хронични болести во делот на хронично белодробни и кардиоваскуларни болести, како и вработените во критичната инфраструктура и транспорт.

Вакцината ќе биде бесплатна и граѓаните ќе се вакцинираат на доброволна основа, додека закажувањето ќе оди преку матичните лекари. Децата до 16 години не се предвидени за имунизација против ковид-19, додека оние што го прележале вирусот не се на приоритетна листа.

„Вакцинирањето ќе оди во фази, здравите лица се во третата, последна  фаза на вакцинација“, додаваат од Министерството за здравство.

Една од темите меѓу граѓаните е и прашањето како побргу да се стигне до вакцина. Се разгледуваат опциите за одење во соседството, за шверц и слични методи. Впрочем, набавувањето вакцини на своја рака и не е непозната пракса во Македонија.

Меѓутоа, од Министерството за здравство, за БИРН, потенцираат дека имунизација во државата ќе се спроведува единствено во државните здравствени институции и оти граѓаните ќе може да се вакцинираат единствено со вакцини што се обезбедени од страна на државата.