И од Професорскиот и од Студентскиот пленум се свесни дека во Собранието ќе поминат предложените законски измени, но велат дека тоа нема да ги спречи да се противат на овие реформи, за кои се тврди дека во целост ја нарушуваат автономијата на универзитетите и не придонесуваат кон зголемување на квалитетот на високото образование.
Предлог-законот за високо образование утре ќе се најде на второ читање во Собранието, а во меѓувреме расте револтот и во Студентскиот и во Професорскиот пленум.
Професорите во јавноста брзо ги консолидираа своите ставови, по случувањата во понеделникот кога професорката Билјана Ванковска во момент на неснаодливост прифати да дебатира со премиерот Никола Груевски во Собранието, но потоа пленумот одлучи да не ја прифати задоцнетата дебата, која би значела и кршење на собраниската процедура.
Сега, ставот на двата пленума е дециден – да се повлечат веднаш предложените законски измени.
Професорскиот пленум се раздрма, но остана на нозе
Сознанијата на БИРН говорат дека по долготрајните дискусии во Професорскиот пленум ставовите во последниве три дена се усогласуваат, а дел од прашањата за идните активности и консолидирање на редовите ќе бидат разгледувани на денешниот состанок.
„Сè што можам да кажам во моментов е дека наскоро ќе имаме пленум и ќе разговараме за тоа. Врзано за тоа, мојот личен став, образложен на 8,5 страници, во моментов не е достапен за јавноста, бидејќи е проследен од Професорскиот пленум како прва инстанца. Пленумските проблеми ги решаваме пленумски и во тоа нема ниту официјални ниту неофицијални лични ставови во јавноста“, вели професорот Небојша Вилиќ.
„Ова што се случи, во иднина ќе нè направи многу поактивни“, децидна е професорката од Земјоделскиот
факултет Гордана Попсимонова. Таа не беше на самото место во моментот кога премиерот ги изненади професорите со задоцнетата покана за дебата, но вели дека од она што го видела по медиумите, станувало збор за девалвирачки однос од страна на власта.
„Видов нахална окупација на медиумски простор од страна на премиерот. Видов недоличен, девалвирачки, ако сакате и неуспешно-потсмешлив однос кон групата ‘бунтовници’ и видов многу страв кај оној кој ги држи клучевите од Собранието, Владата и Уставниот суд во десниот џеб. Зарем кој било, макар и на секунда, би му поверувал дека навистина има волја да ги чуе аргументите? За каква дебата зборуваме, побогу? Оној кој се оглуши од ставот на Интеруниверзитетската конференција, оној што мисли дека 10 илјади студенти се партиско-соросоидно оркестрирана фикција, оној што ја занемари критиката на законот – тој сега кани на дебата? Ве молам!“, вели Попсимонова.
Студентите и професорите нема да се откажат од барањата
Професорите испратија писмо и до еврокомесарите за образование и за проширување, Тибор Наврачич и Јоханес Хан, во кое се образлагаат аргументите за неусогласеност на законските измени со европскиот образовен систем. На социјалните мрежи веќе се шири петиција на Професорскиот пленум на која досега се имаат потпишано повеќе од 2.000 граѓани. ПП ќе побара од претседателот Иванов лично да му ги образложат причините зошто е неопходно негово вето на ваквото законско решени. Преку петицијата пак, се повикува претседателот Ѓорге Иванов да застане зад своите студенти и зад професорите, а од власта се бара итно да ги повлече спорните законски измени.
„Бараме да се почне вистинска демократската процедура за нов предлог закон каде што контролата ќе ја имаат оние што предаваат и оние што учат“, се вели во петицијата.
И од Студентскиот пленум се децидни дека нема да ги изложуваат своите ставови во дебати кои не можат да влијаат на донесувањето на законот.
„Нашата идеја е да дебатираме околу потребата да се воведе вакво тестирање, а не за техничките недостатоци на тестирањето. Студентскиот пленум смета дека државен испит не треба да постои во високото образование“, стои во соопштението на Студентскиот пленум.
И од Професорскиот и од Студентскиот пленум се свесни дека во Собранието ќе поминат предложените законски
измени со кои се воведува државен испит во високото образование. Но, тоа нема да ја спречи академската јавност да продолжи да се противи на овие реформи, за кои се тврди дека во целост ја нарушуваат автономијата на универзитетите, а не придонесуваат кон зголемување на квалитетот на високото образование.
Првиот собир на Студентскиот пленум се одржа кон крајот на октомври 2014 година, две недели откако министерот за образование Абдулаќим Адеми ги најави законските измени. Беа одржани три големи протести на студентите, а власта остана глува на нивните барања. На 26 декември 2014 година се формираше и Професорскиот пленум, кога професорите застанаа зад своите студенти и побараа повлекување на законските измени. Додека професорите и студентите протестираа, законот помина на првото читање во Собранието, а премиерот Груевски, две недели подоцна, ненајавено им се појави на професорите за да ги викне на дебата за законот, кој веќе со една нога е стапен во сила.