Вести

#Протестирам низ фотографии

Фотографија: Роберт Атанасовски, Ванчо Џамбаски

protestiram

16.04.2016

Петтиот ден од протестите против изборите на 5 јуни и за оставки на власта ги одбележаа голем број графити низ центарот на Скопје и нова боја врз Порта Македонија која претходно беше свежо офарбана за да се покријат трагите боја од претходните протести.

Протестите почнаа пред канцеларијата на СЈО, па преку Собранието и плоштадот стигнаа до Владата. Дел од демонстрантите потоа се упатија пред седиштето на ВМРО ДПМНЕ, каде ги пречека блокада од полиција.

 

 15.04.2016

Без инциденти, но со многу голема и силна енергија меѓу демонстрантите, поминаа четвртите по ред протести во Скопје, против одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да помилува педесетина политичари, бизнисмени, градоначалници…

Ова беа најголемите протести во последниве четири дена. Тие почнаа пред канцелариите на СЈО, а пред Собранието наидоа на кордони од полицијци. Во обидот да стигнат до Владата, демонстрантите повторно наидоа на полициски блокади, па реки од народ потекоа кон плоштадот „Македонија“. Подоцна, полицијата реши да се повлече од крстосниците и да ги пушти демонстрантрите пред Владата.

 

14.04.2016

Тензиите се смирија на третиот ден од протестите во Скопје. Демонстрантите се собраа пред Собранието, а потоа продолжија кон седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, каде што наидоа на кордони полиција. Група демонстранти почнаа да фраат камења кон полицијата, но тензиите брзо се смирија откако поранешниот генерал Стојанче Ангелов повика на смирување на страстите. Протестите мирно продолжија кон Владата.

 

 13.04.2016

Вториот ден од протестите против одлуката на претседателот Иванов завршија со најмалку 12 приведени, повреден новинар и фоторепортер. Протестите почнаа мирно, но потоа атмосферата се вжешти. Демонстрантите ја демолираа Народната канцеларија на претседателот Иванов и искршија неколку прозорци на Министерството за правда, а полицијата возврати со сила.

 

 12.04.2016

Стотици граѓани се собраа пред Специјалното јавно обвиителство, а потоа пред Народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов, откако тој во обраќање до јавноста соопшти дека ќе помилува од кривична одговорност 56 актуелни и поранешни функционери,градоначалници, бизнисмени, полициски службеници опфатени во истражни и предистражни постапки во Специјалното јавно обвинителство и судовите.

Демонстрантите ја гаѓаа со јајца и со камења Народната канцеларија на претседателот, барајќи негова оставка.