Регион

Првиот сведок на судењето на Мустафа, зборуваше за бруталното тепање што го преживеал

Салих Мустафа и неговиот адвокат, Јулиус фон Боне, во судница. Фото: ССК/Скриншот

На судењето на поранешниот командант на единица на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Салих Мустафа, обвинет за незаконско затворање и мачење на затвореници во 1999 година, првиот сведок изјави дека бил тепан, додека не ја изгубил свеста.

Мустафа е обвинет за учество во убиства, тортура, сурово постапување и произволен притвор на цивили, дела извршени во април 1999 година, за време на војната во Косово, во комплекс за притвор во Злаш, контролиран од ОВК, наводно управуван од единицата под команда на Мустафа. Тој е првиот поранешен припадник на ОВК на кого му се суди пред ССК. Мустафа изјави оти не е виновен по обвинението.

Заштитениот сведок рече дека луѓе што носеле лесно оружје, го одвеле во притворскиот објект во Злаш.

„Откако влеговме, ни наредија да ги спуштиме главите. Не се осмелив да ја кренам главата. Не знаев кои се и како се облечени“, рече сведокот пред судот.

„Ме извадија веднаш, ме влечеа неколку метри и потоа почнаа да ме удираат со стапови, со нозе … Два-три пати ја изгубив свеста. Имам скршен прст. И скршени заби“, додаде тој.

Откако го претепале, нагласи сведокот, некој му ставил пиштол на глава.

„Лежев, еден од нив извади пиштол … Го слушнав тоа и знаев дека ќе ме убие. Во еден момент го повлече чкрапалото, но пиштолот не пукна. Тој рече дека треба да ме пуштат, затоа што ‘имам среќа’“, нагласи сведокот.

На прашањето на обвинителот кој му ставил пиштол на глава, сведокот истакна дека тоа е лицето против кое дошол да сведочи.

„Таа личност е човекот што е тука (Мустафа), кој е обвинет. Знам дека имаше црвена капа“, додаде сведокот.

Обвинителството на претходното рочиште покажа фотографии од Мустафа, кој на главата носи црвена беретка со симбол на сокол.

Сведокот додаде дека Мустафа бил задолжен за притворскиот објект и дека другите не правеле ништо без негова наредба.

„Знаеја дека тој е главната личност таму. Тие не правеа ништо додека тој не им кажеше. Тој беше главната личност таму. Не можам да докажам дека го видов“, рече сведокот.

Мустафа, наводно, извршил злосторства над затвореници за кои припадниците на ОВК се сомневале дека соработуваат со Србите или дека не ја поддржуваат каузата на ОВК.

Сведокот пред судот нагласи дека е приведен бидејќи го „обвинувале за соработка со Србите“.

„Бев сиромашен човек, продавав дрва со коњ. Немав друг избор и разговарав со секој Србин, затоа што морав да заработам за моето семејство“, објасни тој.

ССК се формирани со цел да ги гонат злосторствата, наводно, извршени од поранешните припадници на ОВК за време на војната 1998-1999, која тие ја водеа против репресивниот режим на Слободан Милошевиќ.

Тие се дел од косовскиот правосуден систем, но се наоѓаат во Хаг во Холандија и се екипирани со меѓународен кадар. ССК беа формирани под притисок на западните сојузници на Косово, кои стравуваа дека судскиот систем на Косово не е подготвен да се занимава со случаите поврзани со ОВК и да ги заштити сведоците.

Но, Албанците во Косово т.н. Специјален суд го сметаат за навреда на војната на ОВК, за ослободување од српското владеење.

Судењето продолжува.