Анализи

Прво судење за Кочани: Правда под притисок на болката

Судницата во Идризово во следните месеци, ако не и години, ќе биде огледало на македонското правосудство

Првото рочиште за пожарот во Кочани покажа дека судењето за трагедијата нема да се темели само на факти и докази, туку и на емоции и правни компромиси.

Обвинителството на самиот почеток одлучи дел од доказите и сведоците да ги повлече, но и да спои во истата постапка обвинение за уште еден обвинет во обид да го скратат времето за судење, што, секако, се очекува да трае со години.

Обвинителите ќе го носат најголемиот товар во случајот за оваа трагедија, бидејќи ќе мора да докажат умисла и вина кај сите обвинети.

Од една страна 35 обвинети и нивните адвокати, меѓу кои искусни бранители, и поранешна судијка, од друга страна петнаесетмина обвинители кои по проценка ќе ротираат на рочиштата.

Најмладиот обвинет е Мартин Ѓорѓиев. Ноќта на 16 март бил обезбедувач. На судењето беше во првите редови. Има 27 години. Највозрасниот е сопственикот на земјиштето, Гроздан Милковски. Тој има 72 години.

Родителите, нивните блиски како и повредени, во судницата во која имаше околу 200 луѓе, беа дојдени еден час пред да почне судењето.

Внатре, никогаш немало повеќе луѓе. Поставени беа дополнителни столчиња и маси, озвучување.

Надвор, пак, вриеше од полиција, на „стенд бај“ беше и брзата помош. Имаше и противпожарна и антитерористичка екипа. Во салата дојдоа и претставници на ЕУ, САД, ОБСЕ.

Судот до последниот ден се подготвувал за судењето. Противпожарните апарати пред судницата биле исконтролирани два дена пред почетокот на судењето. На нив стоеше сериски број и датум – 17 ноември.

Родителите за првпат лице в лице со обвинетите

Родителите на загинатите деца дадоа изјава за медиумите пред судницата | Фото: БИРН

„А каде се обвинетите?“

Прашуваше една од мајките што загуби дете во кочанската дискотека „Пулс“, додека се полнеше судската сала.

Заедно со уште една мајка, ѕиркаа од зад стаклениот параван, каде што беа повеќето од роднините, барајќи ги со поглед обвинетите.

Вратите кон судницата беа заклучени. Зад нив стоеја по двајца полицајци и отклучуваа само по потреба. Тоа им попречуваше на роднините да гледаат што се случува пред нив, па ги замолија да се поместат.

„Не сме страшни ние“, со блага насмевка им дофрли еден од родителите на полицајците.

Кога полицајците во судницата го донесоа првообвинетиот, сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов, настана тишина.

Родителите како да се обидуваа да го пресретнат со поглед, а некои на други им го покажуваа со прсти. Тоа е човекот кој, според обвинението, дозволил нивните деца да влезат во „буре барут“.

Меѓу обвинетите пред да почне судењето стоеја полицајци со панцири.

Девет часот и 48 минути.

Во судницата влегоа судиите Дијана Груевска Илиевска и нејзиниот помлад колега, кој до неодамна судеше прекршоци во стопанството, Ахмед Идризи. Предметот ќе го судат со три поротнички и уште една како резерва.

Груевска е долгогодишна судијка. Судеше сличен ваков предмет со огромен број оштетени во „Ласкарци“. Во тој случај, една година чекаше супервештачење.

Јавноста овој случај го памети како пример за тоа колку може да траат вакви „сложени“ случаи. Овој траеше скоро четири и пол години. Сепак, судијката нагласи дека овде нема да дозволи одолговлекувања.

Предметов би можел да ѝ биде последен голем случај во судиската кариера, со оглед на тоа што за некоја година исполнува услови за пензија.

Според сознанијата на БИРН, Кривичниот суд во комуникација со Судскиот совет има начелна согласност, таа и нејзиниот колега Идризи, да не добиваат нови предмети освен постојните, со цел поинтензивно да го судат овој случај.

„Сите што сте тука ми го знаете името“, беа првите зборови на Груевска Илиевска. Кажа дека ќе бара дисциплина и ќе казнува за непочитување на судот и дека сите боледувања ќе се проверуваат.

Не можеше да каже колку ќе трае судењето, дали пет месеци, или пет години.

Речиси еден и пол час ги читаше имињата и презимињата на сите обвинети и нивните бранители, како и застапниците на оштетените.

Една од мајките на излегување прокоментира дека судијката „покажала човечност“, затоа што им ги одби барањата на адвокатите за одложување на првото рочиште поради тоа што во обвинението беше споен и предметот за сопственикот на агенцијата за обезбедување.

Адвокатите, пак, коментираа дека за секој друг предмет, судот е извесно дека ќе го одложел судењето.

Правна логика или правна акробатика

Обвинителството пред самото судење повлече сведоци | Фото: БИРН

Во име на обвинителскиот тим, во судот се обрати јавниот обвинител Борче Јанев. Неговиот 50-минутен воведен говор го следеа воздишки од родителите, а можеше да се чуе и по некое тивко „браво“.

Јанев дискотеката ја нарече „безбедносна смртоносна стапица“, која е резултат на долгогодишно „замижување“ и нефункционирање на системот за проверка и безбедност.

„Од овој индолентен бирократски канал и рутина никој не излегол“, рече тој, алудирајќи на обвинетите.

Во воведното обраќање кажа дека сите обвинети „само го наследувале и го прифатиле молкот како службен протокол“

Праша, како тогаш, институциите успеаја за само еден месец по трагедијата да ги проверат сите угостителски објекти во целата земја.

„Нема противпожарни сектори, нема хидрантска мрежа, нема прскалки, нема детектори, нема аларм за предупредување… Со други зборови со вакви аномалии нема одбрана од опасноста“.

Прозорците биле затворени и преградени со лим, и не само тоа, туку биле вградени лесно запаливи материјали, исклучително токсични за животот на посетителите.

Посебно внимание му посвети на првообвинетиот Дејан Јованов. Со тоа, како да сакаше да открие колку силен доказен материјал поседуваат за него.

„Димензијата на преземени дејствија и обемот на пропусти што постоеле кај овој човек се шокантни и запрепастувачки. Ќе можете да слушнете и да видите на што сѐ бил спремен овој човек само поради профит“.

На крајот доби аплауз.

Транспарент пред влезот во судницата | Фото: БИРН

Судејќи по воведниот говор на обвинителот и по приговорите на адвокатите на обвинетите, копјата во судница ќе се вкрстат за неколку клучни правни прашања.

Дали обвинетите дејствувале противправно, дали може да има причинско последователна врска меѓу тоа што им било обврска, а не го направиле со пожарот што однесе 63 животи. Прашање ќе биде и тоа дали кај обвинетите има евентуална умисла за кривичното дело.

Обвинителството ќе треба да докажува пред судот и дека обвинетите делувале како соизвршители. Во некои од приговорите на адвокатите на обвинетите стои дека тие меѓу себе не се ни познавале, а камо ли да делуваат заеднички.

Во ова судење, во кое првично само обвинителството предложи скоро 1.500 докази и уште 282 сведоци за сослушување, клучен ќе биде бројот на сведоци и изведувањето на доказите.

Обвинителството уште пред да почне главната расправа, повлече дел од сведоците, на што веднаш реагираа адвокатите на обвинетите. Со тоа, за расветлување на одредени факти ќе се распрашуваат помалку сведоци да го уверат судот во теоријата на обвинителството.

Сега обвинителството смета дека триесетина сведоци ќе бидат доволно за нивниот случај.

Но, бидејќи обвинителството ги предложи сведоците, па за некои од нив се повлече, адвокатите на обвинетите имаат право истите да ги повикаат, ако ценат дека за тоа има потреба.

Следното рочиште е закажано за вторник.

Денес, пак, полицијата спроведува акција на повеќе локации низ земјава и апси други лица поврзани со дискотеката во Кочани.