Драган Даравелски, поранешниот директор на Царинската управа кој беше осуден во отсуство на 7 години затвор пред речиси една деценија, утрово бил уапсен во Белград, потврдија за БИРН од МВР, без да соопштат детали за текот на постапката околу неговата екстрадиција.
Потврда за апсењето на Даравелски се чека и од Белград, од каде што ни изјавија дека ги проверуваат информациите и ќе се огласат за неколку часа.
Како влијателен член на тогашната владејачка партија, ВМРО-ДПМНЕ, Даравелски беше назначен од страна на поранешниот премиер Љубчо Георгиевски. Преиспитувањето на неговите активности во Царината почнаа по смената на власта во 2002 година.
Поранешниот директор на македонската Царина е осуден за злоупотреба на службената положба во Царината во периодот од 1999 до 2002 година во вредност од над 2 милиони евра. По изречената пресуда во 2007 година, за Даравелски следуваа и низа кривични пријави за злоупотреба на службената должност и овластувања по разни основи, а меѓу нив најтешката е за неуплатување на приходите од царините во Буџетот на државата.
Според обвинителниот акт Даравелски купил 75 возила кои подоцна ги донирал, а давал пари за Бунарџик, МАНУ, Судскиот совет, но и на клубови и задруги блиски до власта.
Меѓутоа, Даравелски исчезнува од Македонија. По некое време, се дозна дека неговото ново живеалиште е Белград, Србија. По заедничка акција на македонската и српската полиција тој во во 2004 година беше уапсен, но избегна екстрадиција поради тоа што веќе имаше српски пасош. Двојните пасоши како можност за избегнување на издржување на затворски казни долго време беа проблематизирани во јавноста.
Во последниве години, власта на Даравелски му ги заплени луксузниот стан во Скопје и дуќанот во Куманово, вредни околу 200.000 евра, за кои беше донесена одлука за продажба.
Освен имот на негово име, беше запленет и имот зад кој формално стојат други лица, но државата успеа да ги доведе во корелација со Даравелски. Најважниот од нив е црногорецот Миодраг Марковиќ, чија вила на Водно вредна 1,4 милиони евра исто така беше најавена дека ќе оди на продажба. Марковиќ е осуден и одлежува затворска казна во Идризово за перење пари во висина од 8 милиони евра.
Ситуацијата се очекуваше да се смени во 2011 година, кога Македонија, Хрватска, Црна Гора и Србија потпишаа договори за екстрадиција, со што се отворил патот за екстрадиција на сопствените државјани. Но, во последниве пет години надлежните институции речиси и да останаа глуви на овие договори, па Даравелски и натаму остана да живее комотен живот во Белград, иако за него имаше распишано меѓународна потерница.
Во 2013 година, во медиумите се појавија и негови фотографии од концертот на „Депеш Мод“ во Белград, а неговата сопруга Викторија Џимревска на својот Фејсбук профил објавуваше и фотографии со сопругот, сликани во нејзиното модно студио на една од напознатите улици во центарот на Белград.
Дури и дел новинарите успеаја да го лоцираат Даравелски во Белград, иако никогаш не стапија со него лично во контакт. Тој, според информации на македонските медиуми, живееше на улицата Крунска, на само неколку метри од три амбасади и од седиштето на Демократската партија. На негово име се водеше уште еден стан на улицата „Краљ Милан“, кој се наоѓа спроти претседателската резиденција на Николиќ, каде што се претпоставуваше дека тој има своја фирма.
За текот на евентуалната екстрадиција на еден од најбогатите кумановци, како што важеше во земјава, се очекуваат повеќе детали од надлежните институции во Македонија и во Србија.