Сараево
–„Знам што сакав, што направив, дури и за што сонував, и не постои разумен суд што би ме осудил. Не е важно колку високи функционери на босанските Срби се осудени“, изјави Караџиќ во интервју за БИРН, пред Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија да му ја изрече пресудата по обвиненијата за геноцид и воени злосторства, која се очекува во четврток.
Во интервјуто, направено преку е-маил, Караџиќ се обидува себеси да се прикаже како миротворец, а не како организатор на масовни убиства, за што го товари обвинителството.
Тој вели дека не ги одобрува незаконските убиства за време на војната во Босна и Херцеговина, но и не презема одговорност за нив, тврдејќи дека немало официјална наредба за извршување на злосторствата, како што е масакрот во Сребреница.
Караџиќ смета дека неговата „постојана борба за зачувување на мирот, спречување на војната и намалување на страдањата на сите луѓе без оглед на верата“, е достојна за почит, а не за прогон.
Бошњаците кои ја преживеаја војната 1992-1995 година, најверојатно ова негово тврдење ќе го пречекаат со презир, но Караџиќ тврди дека тој не е одговорен за страшните злосторства кои се направени за време на конфликтот.
Пресудата за Караџиќ ќе биде една од најважните пресуди за воени злосторства што некогаш е изречена, а неговите одговори на прашањата на БИРН, колку и да се неприфатливи за бошњачките жртви, даваат слика за тоа како размислува поранешниот лидер на босанските Срби, додека ја чека одлуката на судиите на Судот на ООН, која што може да го стави зад решетки до крајот на животот.
БИРН: Во пресрет на пресудата која се очекува во четврток, какви се Вашите очекувања, земајќи ги предвид пресудите со кои се осудени високи функционери на босански Срби, за голем број на злосторства кои Вам ви се ставаат на товар?
K: Моите очекувања се исти (какви што беа секогаш). Знам што сакав, што направив, дури и за што сонував, и не постои разумен суд што би ме осудил. Не е важно колку „високи функционери на босанските Срби“ се осудени. Тоа не беа пресуди само против нив, туку и пресуди против самиот обид за достигнување на меѓународната правда, против шансата за заеднички плоден живот на нашите заедници. Многу од тие пресуди ќе бидат предмет на расправа подолго отколку што се коментираше казната за Драјфус. Освен тоа, многу од тие Срби на високи позиции не беа навикнати на овој правосуден систем и не можеа соодветно да ја подготват својата одбрана.
Зошто нивните пресуди би влијаеле на пресудата во мојот случај? Советот, во мојот случај, ќе ги има пред себе само доказите од мојот случај, не и од другите случаи. Или вие веројатно претпоставувате дека некои фактори надвор од мојот случај, би можеле да имаат влијание на мојот случај? Ако претходните судења треба да имаат некакво влијание, дури и пресудно, сите идни судења би биле непотребни. А ако политиката е влијателна, тогаш на божицата на правдата очите воопшто не ѝ се врзани.
БИРН: Некои личности ги критикуваа доказите што ги изнесовте, сугерирајќи дека некои Ваши тврдења се веќе слушнати и отфрлени во текот на другите судења во Хаг, особено за смртоносните напади врз пазарот Маркале во Сараево и во врска со Сребреница. Каков е Вашиот одговор?
K: Вистината може да биде одбиена толку пати колку што некој ќе посака, но таа и понатаму ќе биде вистина. Се сеќавате ли на 80.000 силувања, 300.000 муслимани кои беа убиени, на канибализмот во енклавите, на имплантацијата на кучешки ембриони во матка на жена и сите глупости кои ги изнесоа највисоките функционери на нашите противници во текот на војната? Каде исчезна сето тоа? Никој не се осмели тоа да го изнесе пред суд, но ние претрпевме огромна штета поради тие „вистини“.
Сепак, многу чиста воена пропаганда е изнесена тука пред судските совети. Да бидеме праведни кон тие совети, многу од обвинетите не можеа да се бранат поради бројни околности – недоволно време и средства, без истражен судија како во нашиот претходен систем, зависност од истрагите на обвинителството и нивната добра волја да се изнесат на виделина ослободителните докази, предрасудите, демонизацијата преку медиумите, пристрасноста на западните сили, организацијата и јавноста, и така натаму. И, веројатно, опортунмизмот на некои совети. На пример, кога инцидентите на Маркале би се суделе пред овој суд на ООН врз основа на документи на ООН, ниту еден Србин не би бил осуден за инцидентите на Маркале.
Во врска со Сребреница, она што се случи во реалноста е доволно лошо, па никакво преувеличување нема да ни помогне да дојдеме до разбирање и мир помеѓу нас. Непотребното убиство на еден човек е ужасно, а камоли убиство на, сигурно, најмалку неколку стотици луѓе, како што е, на пример, непобитниот број на жртви со превези (жртвите од Сребреница погубени со рацете врзани зад грб). Тие кои го направија тоа, се пред сѐ, непријатели на Србите, а потоа непријатели на тие семејства (на жртвите), а потоа и на муслиманската заедница. Истото важи и за 3.500 српски жртви во истиот регион.
Сега, ние би можеле да споредуваме кој бил посуров, кој убил повеќе жени, деца и постари лица, кој заклал повеќе грла, пресекол уши и гениталии, но тоа не треба да биде за медиумите, туку заради консензус во праведна и компетентна српско- муслиманска комисија за вистината, кога за тоа ќе дојде време. Се друго само би ја влошило ситуацијата.
БИРН: Дали навистина сметате дека ќе бидете ослободени од обвиненијата за Сребреница, после толку бројни пресуди кои се изречени од страна на судовите во Хаг и БиХ?
K: Не е во прашање надеж, туку законот и правдата. Судењето не се однесува само на тоа дали нешто воопшто се случило, туку и на можната одговорност на други луѓе, помалку или повеќе оддалечени од директните извршители. Токму за таа цел одбив многу наводи во врска со злосторствата ширум БиХ по повеќе основи: (1) дали тоа во реалноста воопшто се случило; (2) под кои услови нешто се случило, кој започнал и како; (3) дали можело да се избегне; (4) дали исходот е таков како што се наведува; (5) кој го направил тоа, по чија наредба; (6) дали тоа било дел од поширока политика, и така натаму, па се до самиот крај, односно, дали биле одговорни највисоките функиционери.
Остро сум против тврдењата дека полицијата или војската извршиле нешто (злосторство), само затоа што тоа го направил некој припадник на војската или на полицијата. Мора да се утврди дали некој направил злосторство на своја рака или добил задача од својата команда. Воглавно, директните извршители по секоја цена ги криеја своите злодела од директните претпоставени за да ја избегнат казната, а во таков случај тоа воопшто не го направиле официјалните сили.
За жал, што се однесува до Сребреница, не можам да го негирам се она што е наведено, но морам да се спротивставам на обемот и на заднината на она што се случило. Повторно повторувам, не добила некоја единица задача да го изврши злосторството, тоа е повеќе некој вид колаж, случајно одбрана група на момчиња донесени да извршат убиства на свое изненадување, против своја волја и интереси, а било толку тајно што извршителите тоа го сокриле од своите директни претпоставени. Но, никој нема да профитира од какви било преувеличувања во врска со Сребреница или со кое било бојно поле од нашата, да се надеваме, последна граѓанска војна. Да ја утврдиме вистината!
БИРН: Полициските и воени претставници на босанските Срби се осудени на повеќе од 1.000 години затвор. Како врховен командант на овие сили, како ги оценувате вашите шанси во пресудата?
К: Многу од овие лица дури и не треба да бидат обвинети. Постои големо неразбирање и погрешно сфаќање за нашите војски и другите воени сили. Во другите воени и судски пракси познати во земјите од кои потекнуваат судиите на Меѓународниот суд, ја немаше доктрината на вооружен народ на Тито, наместо тоа има добро обучена професионална војска и полиција, со кои лесно се командува и контролира. Покрај тоа, оваа граѓанска војна беше само продолжение на нашите внатрешни војни со многу чувства на одмазда, горчина, стара омраза и нови амбиции за доминација врз соседите.
Секогаш кога една страна бара нешто на што нема право, се отвора сцена за катастрофа. Можете ли да замислите како колегите муслимани би реагирале, Србите да побараа цела Босна да стане дел од унитарна Србија и тоа без автономија? Србите не би имале никакво право тоа да го бараат, а камоли да го наметнат тоа со сила. Но, она што беше барано од Србите во однос на унитарниот карактер на Босна и Херцеговина, е од иста природа како и горе споменатото хипотетичко барање на Србите за муслиманите. Ако не можеме да се поставиме на местото на другата страна, ќе платиме ужасна цена.
Моите шанси во пресудата треба да бидат исти како шансите на кој бил друг претседател на држава во современиот свет – ни повеќе ни помалку. Судовите треба да бидат свесни за сите претседателски должности, можности и ограничувања, и да бидат посветени на вистината и правдата. Едноставно, само од сите докази може да се види дека претседателот во такви околности не можел да стори ништо повеќе, како и дека мојата постојана битка за зачувување на мирот, спречување на војната и намалување на страдањата на сите луѓе без оглед на верата, претставувале примерен напор достоен за почит, а не за прогон.
БИРН: Некои набљудувачи веруваат дека во неколку наврати, за време на вашето судење и на судењето на Ратко Младиќ, двете одбрани се обидоа да добијат предност со префрлање на вината од полицијата на војската и обратно. Дали е тоа вистина, и дали вашата пресуда ќе се одрази на случајот на Младиќ?
К: Како прво, должност на обвинителството е да ги прецизира обвиненијата и да открие која единица или формација ги сторила одредените дела. Обвинителството се стави во многу лежерна позиција, именувајќи ги воопштено сите сторители како фантомски „српски сили“, без обврска да прецизира на кои сили мисли.
Различните паравојски од кои што се одреков на почетокот на војната и кои што ги гонев во текот на целата војна, не може да се сметаат за „српски сили“. Не постои доказ, како што не постојат ниту конечни и документирани обвиненијата со вистински виновници именувани од страна на обвинителството. Од оваа причина одбраните „пипаа во темница“, за да се утврди кој што извршил.
Постоеја легитимни активности на војската и полицијата, а сето тоа е добро документирано. Ова вклучуваше планирање, организирање, подготвително наредување, извршни наредби и понатамошно следење. Нема докази дека официјалните српски сили, кои дејствуваа на официјален начин, извршиле некакво злосторство. Но, постојат докази дека злосторства биле извршени од страна на некои членови на официјалните формации, што е сосема различно од делувањето на единиците.
Не сметам дека некоја од двете одбрани се обидуваше да ја пренасочи одговорноста или да ја префрли вината на другите. Пред се, од тоа нема корист, а на крајот на краиштата мислам дека судиите не би го ценеле овој вид на одбрана. Имам многу забелешки за генерал Младиќ и другите офицери од стариот ков, но ниту еден од нив не може да се обвини за злосторства. Да можеше, јас би тргнал некои од нив, на кои им судев на многу полесен начин, затоа што не би покривал никого. Не верувам дека мојата пресуда ќе има влијание на случајот на Младиќ. Моја обврска беше да повикам секого што нешто знае, да сведочи, а нивно право беше дали ќе сведочат или не.
БИРН: Вашата пресуда најверојатно ќе предизвика контроверзии во Босна и Херцеговина, каква и да биде. Како денес ја гледате својата важност во БиХ, со оглед дека две децении бевте отсутен од политичката сцена?
Да не беше странското мешање во нашата криза, јас би остварил конструктивно и компромисно решение со господинот (Алија) Изетбеговиќ. Бевме на многу плоден пат. Според моето мислење, за муслиманите ќе беше многу подобро да останеа во Југославија, каде што еден ден дури и би станале мнозинство, но Хрватите тоа не го сакаа во ниту еден случај. Господин Изетбеговиќ беше многу амбивалентен. Господин Изетбеговиќ сакаше посебен политички и религиозен аранжман за муслиманската заедница, кој не можеше да се примени на Србите и Хрватите, и јас на тоа, во ниту еден поглед, не се противев.
Но, господин Изетбеговиќ претпостави дека за тој проект му е потребна независност. Затоа господин Изетбеговиќ го предложи она што го имаме денес, т. е. поделба на Босна и Херцеговина на еден вид кантони или составни единици. Да беше наместо Дејтонскиот спроведен Лисабонскиот договор, сите ќе бевме многу посреќни.
Што се однесува до мојата важноста во земјата, мислам дека тоа е важност блиска до еден просечен граѓанин, освен кога станува збор за моето семејство и моите пријатели. Новите генерации, кои сега се на возраста на која јас бев во 1990 година, доаѓаат на сцена, и зошто јас ним би им требал? Ако некому е потребен некаков совет, тоа не чини премногу.
Што се однесува до можните превирања во земјата, мислам дека не треба да ги има, и се надевам дека нема да има никакво превирање. Ниту еден поединец не треба да биде толку важен, a нашите чувства треба да ги оставиме во себе, наместо на улица.
Многу протагонисти на промените во деведесеттите години на минатиот век веќе не се со нас. Многу луѓе, многу помлади и многу поубави од нас, починаа на сите страни. Новите генерации нека ја чуваат земјата и регионот од какви било проблеми и нека ја градат својата иднина без товарот на минатото. Но, на прво место – заборавите на постигнување на било каков вид на доминација едни над други и на држење едни на други во државно уредување кое е неприфатливо за една од страните. Треба да се освестиме. И постои повеќе ризик од активности на босанските судови, отколку од овој. Таквата флагрантна пристрасност мора веднаш да се сопре. Никогаш „лошото не донело добро“.
БИРН: Доколку ве ослободат, што би направиле? Дали повторно би влегле во политиката?
К: Се надевам дека нема повторно да влезам во политиката. Дури и кога би сакал, новите генерации со право во тоа би ме спречиле. Тоа дури ни тогаш не го сакав, во 90-тите години, бидејќи имав многу пријатен живот, семејство, професија, пријатели и литературата. Да не беше војната, јас набрзо ќе се повлечев од политиката.
Додека бев на „стенд бај“ во планините (додека беше во бегство), напишав еден роман („Чудесна хроника на ноќта“) и комедија „Ситовација“, како и неколку стихови за млади. Политиката ми одзеде 25 години, што значи најмалку пет до осум книги. Зошто би сакал уште такви загуби? Своето драгоцено време ќе го поминувам со своето семејство и со своето пишување.