Регион

Презентација на жалбата на Караџиќ на „неправедната“ пресуда за геноцид

Радован Караџиќ пред Хашкиот трибунал во текот на изрекување на пресудата во март 2016 година. Фото: ЕПА/Робин Ван Лонкуисен/Пул

Радоша Милутиновиќ | БИРН | Белград

Судењето на поранешниот водач на босанските Срби, Радован Караџиќ, беше „процес полн со недостатоци“, кои „доведоа до неправедни резултати“, се вели во жалбата на Караџиќ, која ќе биде презентирана пред ММКТ на 23 и 24 април.

Во резимето на неговата жалба од 238 страници, Караџиќ набројува „48 материјални и процедурални грешки што советот ги направил“, кои, наводно, довеле до тоа да му биде изречена погрешна пресуда, со која беше осуден на 40 години затвор, за геноцид и за други воени злосторства извршени над несрпското население во Босна и Херцеговина.

Пресудата треба да се укине, а ако жалбениот совет на ММКТ потврди некој дел од неа, тогаш треба да биде изречена поблага казна, се вели во жалбата на Караџиќ.

Од друга страна, пак, обвинителството, во својата жалба, побара судиите на ММКТ да му ја зголемат казната на Караџиќ, на доживотен затвор.

Во март 2016 година, судскиот совет составен од тројца судии на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), едногласно заклучи дека Караџиќ бил главен организатор на четири заеднички злосторнички потфати, со цел трајно и насилно отстранување на несрпското население, од големи области на Босна и Херцеговина, со цел воспоставување на доминација на Србите.

МКТЈ заклучи дека поранешниот претседател на Република Српска (РС) е виновен за геноцид во Сребреница, за прогон на Хрватите и муслиманите ширум БиХ, за гранатирање и снајперски напади врз граѓаните на Сараево, со цел ширење на страв, и за земање на мировници на ООН како заложници.

Караџиќ беше ослободен од другите обвиненија што го товареа за геноцид над муслиманите и Хрватите во седум босански општини (Братунац, Фоча, Кључ, Приедор, Сански Мост, Власеница и Зворник).

Советот на МКТЈ прецизно заклучи дека Караџиќ немал „геноцидни намери“ да го уништи несрпското население во овие седум општини, што е суштина на жалбата на обвинителството против првостепената пресуда.

Повеќето од 50 наведени основи во жалбата на Караџиќ се од процедурална природа. Караџиќ тврди дека тој „немал фер судење“, поради „неуспехот на судскиот совет да го ограничи опсегот на аморфното обвинение и да обезбеди обвинителството да се придржува кон обврската за објавување“.

Во својата жалба, одбраната, исто така, наведува дека постоеле „двојни стандарди“ на МКТЈ во корист на обвинителството.

Иако директно не ги доведува во прашање главните факти во кривичните заклучоци, одбраната тврди дека „потпирањето на советот на спорните заклучоци, наместо на цврсти докази, во донесувањето на заклучокот дека претседателот Караџиќ ја делел заедничката цел на четирите одделни заеднички злосторнички потфати, било грешка која резултирала со неостврување на правдата“.

„Ова неостврување на правдата е највидливо во делот кога советот го прогласува за виновен за геноцид, заклучувајќи дека тој ја делел намерата за убиство на затворениците од Сребреница, врз основа на сопствено толкување на пресретнат шифриран разговор. Овој заклучок е неоснован и неточен, а пресудата е неправедна“, се вели во жалбата.

Во овој „пресретнат шифриран разговор“ од 13 јули 1995 година, претставникот на Караџиќ за Сребреница, Мирослав Дероњиќ, вели дека 2.000 (затвореници од Сребреница) пристигнале во близина на Братунац и дека се очекуваат уште повеќе.

Според белешките на Дероњиќ, Караџиќ му рекол дека „сета стоки мора да биде ставена во складишта утре пред дванаесет часот… не во складиштата таму, туку на друго место“.

Во својата пресуда, судскиот совет утврди дека „стоката“ на Караџиќ се всушност муслиманските затвореници кои Војската на Република Српска (ВРС), под негова врховна команда, ги транспортирала следниот ден во Зворник и погубила „најмалку 5.115“ од нив.

Во жалбата на одбраната се тврди дека постои алтернативно толкување на овој разговор – дека Караџиќ не планирал да ги егзекутира затворениците, туку да ги испрати во воениот затвор во Батковиќи.

Караџиќ „не учествувал во егзекуцијата на овие мажи од Сребреница“, така што судскиот совет погреши во заклучокот дека тој „ја делел заедничката цел за елиминирање на босанските муслимани во Сребреница“. Затоа, според одбраната, Караџиќ немал геноцидна намера во Сребреница.

Зборувајќи за неговата осуда за прогон и други злосторства извршени во 20 општини во БиХ, Караџиќ наведува дека МКТЈ „ги зел неговите изјави во корист на политичката автономија на Србите надвор од контекст, погрешно заклучувајќи дека фаворизирал хомогена држава од која требало да се протераат муслиманите и Хрватите“.

Во дел од жалбата која што се однесува на теророт врз граѓаните на Сараево, Караџиќ смета дека судиите ги „занемариле неговите бројни команди насочени кон спречување на отворањето оган врз цивилите, дека погрешно ги примениле принципите на „разликување“ и на „пропорционалност“, бидејќи не успеале да го проценат гранатирањето од перспектива на воен командант и го игнорирале извештајот на експертите на ООН за гранатирањето на пазарот Маркале“.

Караџиќ вели дека судскиот совет „погрешил кога заклучил дека ВРС го истрелала проектилот, кој падна на пазарот Маркале на 5 февруари 1994 година“, при што загинаа 66 цивили.

Во одговорот на делот од пресудата со кој Караџиќ е осуден за земање заложници, одбраната предочува дека членовите на УНПРОФОР биле „законски притворени“, бидејќи учествувале во активностите поврзани со борбата против ВРС.

Обвинителството, пак, во својата жалба тврди дека МКТЈ погрешил, бидејќи не констатирал дека Караџиќ и другите учесници во здружениот злосторнички потфат, имале геноцидна намера против муслиманите и Хрватите во другите седум босански општини.

Според обвинителите, судскиот совет применил „премногу тесна дефиниција за геноцидна намера“ и оти погрешил кога заклучил дека „целта на трајното отстранување“ на несрпското население … го исклучува заклучокот за геноцидна намера“ да се уништат муслиманите и Хрватите како етнички групи.

Конечната пресуда во случајот на Караџиќ се очекува до декември.