Регион

Ратко Младиќ ќе ја изнесе својата жалба во март 2020 година

Апелацискиот совет на ММКТ, го закажа за 17 март 2020 година, изнесувањето на жалбата, на првостепената пресуда со која Ратко Младиќ беше осуден на доживотен затвор.

Одбраната на Младиќ ќе има еден час и 30 минути за да ја презентира жалбата, соопшти советот.

Хашкиот трибунал со првостепена пресуда изречена во ноември 2017 година, го осуди Младиќ на казна доживотен затвор, прогласувајќи го за виновен за геноцид извршен во Сребреница во 1995 година, за прогон на Бошњаците и Хрватите низ Босна и Херцеговина, за тероризирање на населението во Сараево и за земање на припадници на УНПРОФОР како заложници.

Младиќ се жалеше на оваа пресуда, но истото го стори и Хашкото обвинителство, барајќи тој да биде прогласен за виновен и за геноцид во шест други општини во БиХ, извршен во 1992 година.

Хашките обвинители ќе ја изложат својата жалба еден ден подоцна, на 18 март.

Датумот на изрекување на конечната пресуда сè уште не е утврден, но претседателот на ММКТ, Кармел Агиус, соопшти дека пресудата ќе биде донесена до крајот на 2020 година.

Конечната пресуда на Младиќ требаше да биде изречена порано, но по барање на одбраната, ММКТ иззема тројца судии од жалбениот совет, поради наводната пристрасност.

Следеше назначување на нови судии, на кои им требаше време да се запознаат со случајот.