Регион

Изложба за патувањето на бегалците

Изложбата на воени фотографии на Енвер Хоџа. Фото: Национален музеј на Косово

Првата изложба на лекарот по пластична хирургија, Енвер Хоџа, поставена во Националниот музеј на Косово во Приштина, го документира патувањето на неколку бегалски групи низ Косово, во периодот од март до јуни 1999 година.

Хоџа за БИРН вели дека изложбата не можела да дојде во подобро време, со оглед дека српскиот претседател, Александар Вучиќ, минатата недела изјави дека масакрот во косовското село Рачак, во кој српските сили, во јануари 1999 година, убија 45 лица, е лажиран.

„Претседателот Вучиќ го негираше масакрот во Рачак, тој ги негираше злосторствата извршени овде во Косово“, нагласува Хоџа, кој им пружал медицинска помош на раселените лица за време на војната.

На првите фотографии се прикажани конвоите бегалци, кои на својот пат низ Косово барале медицинска помош и засолниште, додека последните се серија фотографии на кои се прикажани жртвите од војната што Хоџа ги нашол и ги фотографирал на местата на коe настрадале.

„Првите фотографии се направени кога започнаа бомбардирањата во НАТО. Во тоа време, војската (на Југославија) ​​покрена жестока офанзива против Албанците како контранапад. Тоа беше врв на српската офанзива насочена кон албанските цивили кои беа принудени да ја напуштат земјата“, објаснува Хоџа.

Поради ситуациите на кои им сведочел, неговото хоби станало обврска.

„Сликата зборува илјада зборови. Сакав да и дадам на историјата нешто реално, нешто што ќе потсетува на тоа низ што минавме јас и мојот народ“, посочува тој.

Изложбата, наречена „Геноцид XX“, доаѓа откако поранешниот претседател на Собранието, Кадри Весели, предложи создавање на нов меѓународен суд, пред кој би им се судело на Србите, за геноцид извршен за време на војната 1998-1999.

Весели во јуни годинава истакна дека косовските Албанци биле изложени на планирано и организирано насилство на српската држава, со цел „нивно исчезнување“.

Сепак, експертите велат дека неговиот предлог има мали шанси за успех. Постојат неколку осудителни пресуди за геноцид пред меѓународните судови, иако е тешко да се докаже ова злосторство.

Изложбата на Енвер Хоџа ќе трае до недела. До мај 2020 година, во Приштина може да се види и изложбата „Некогаш одамна и никогаш повторно”, на која се изложени фотографии, приказни и лични работи на децата, убиени во војната.