Регион

Ратко Младиќ: „Моето здравје е сѐ полошо”

Ратко Младиќ во судница. Фото: МКТЈ

Моето здравје е сѐ полошо, а не сум лекар за да знам зошто”, изјави Младиќ, на денешната статусна конференција пред ММКТ во Хаг.

Младиќ (75) додаде дека во медицинската документација што ја водат вработените во единицата за притвор, се повторува дека неговата состојба е стабилна и непроменета.

Тој, во притвор, досега имаше неколку сериозни здравствени проблеми. Претрпе два мозочни и еден срцев удар.

Младиќ во неколку наврати се жалеше на медицинскиот третман во притворот.

Во мај минатата година, неговото барање за покренување на постапка за непочитување на судот против медицинскиот персонал во единицата за притвор во Хаг, беше одбиено. Одбраната на Младиќ тврдеше дека персоналот е одговорен за влошување на неговото здравје.

Предходно, адвокатите на поранешниот командант на ВРС, побараа изрекувањето на казната да се одложи, да се казнат лекарите и Младиќ да биде ослободен заради лечење, тврдејќи дека тој не добива соодветен третман во притвор и дека е потребна негова хоспитализација.

Во ноември 2017 година, МКТЈ го прогласи Младиќ за виновен за геноцид во Сребреница во 1995 година, за прогон и истребување на Бошњаците и на Хрватите низ цела земја, за тероризирање на цивилите во Сараево со гранатирање и со снајперски оган, како и за земање на мировници на ООН како заложници.

Со истата пресуда тој беше ослободен од обвинението за геноцид во 1992 година, во шест други босански општини.

И одбраната и обвинителството поднесоа жалба.

Младиќ се најде во притвор во мај 2011 година, откако беше уапсен во Србија и екстрадиран во Хаг.