Скопјанецот Дени Ј. е еден од речиси 2.000 лица што добиле пресуда дека ги прекршиле здравствените прописи за време на пандемијата. Тој, во државниот буџет треба да уплати 1.000 евра затоа што се движел за време на полициски час и судски трошоци.
За судот e недвосмислено виновен. Работел во приватна фирма како возач на товарно возило и имал дозвола да се движи за време на полицискиот час. Но, дозволата му важела само за влез во државата, а не за неограничено движење дома.
Правосилната пресуда му стигнала во февруари годинава. Дени Ј. имал и среќа зашто второстепениот суд му ја преполовил паричната казна од 2.000 на 1.000 евра.
Шеесет и осумгодишниот Александар С., пак, е еден од оние што мора три месеци да работи без надоместок во државен орган, јавно претпријатие, установа, општина или хуманитарна организација, не пократко од пет часа неделно бидејќи излегол надвор за време на полицискиот час.
Ова се само две од правосилните пресуди што може да се најдат во судската база, а се однесуваат на прекршување на здравствените прописи за време на пандемијата со корона вирусот.
Скопскиот кривичен суд, на барање на БИРН, направи проверка за тоа како се делела правдата за овие сторители во изминатата 2020 и во првите осум месеци од 2021 година за кривичните дела „пренесување заразна болест“ и „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.
Иако четвртиот бран од корона вирусот уште исфрла огромни бројки на заразени и починати, судејќи според соопштенијата на обвинителството, „посетители“ во судовите и годинава се оние граѓани и управители на фирми што ги прекршиле здравствените прописи за време на епидемијата.
Порано најмногу пресуди имаше за непочитување на полицискиот час, но сега доминираат пресуди за непочитување на мерките во угостителските објекти, за лажни сертификати за ПЦР тестови и за своеволното излегување од изолација.
Таков пример е со скопјанката Неримане Б., која во март годинава била парично казнета со 500 евра зашто полицајците не ја нашле дома, иако имала решение за самоизолација.
Правниците што ги контактиравме велат дека е нелогично казните за прекршување на полицискиот час да бидат поголеми од казните што се изречени за прекршување на изолацијата, бидејќи опасноста за загрозување на јавното здравје е поголема кај тие што имаат корона.
Но, тоа е прашање за правна дискусија.
До пред почетокот на пандемијата, ретко кога биле изрекувани олкав број осудителни пресуди за кривични дела што го загрозуваат јавното здравје.
Но, тоа се менува со короната. Судиите од обвинителите најмногу добиваат т.н. казнени налози, во кои, по брза постапка, без да бидат сослушани обвинетите, се изрекувани пресуди.
Оние обвинети што сметале дека судот не е во право, приговарале на таквите пресуди, па одат на „пресудување“, односно да се докажуваат пред судиите.
Лани во одделот за кривично полнолетни сторители на кривични дела, вкупно биле примени 3.178 предмети. Четириесет проценти од нив, односно 1.295 предмети се за прекршување на здравствените прописи за време на пандемијата.
Лавина предмети стигнале лани – над 1.300. Годинава таа бројка е помала од 500.
Непослушните го полнат буџетот
Податоците од проверката во АКМИС системот покажаа дека од почетокот на пандемијата до август годинава, во најголемиот кривичен суд во земјава, стигнале вкупно 1.780 предмети според членовите од Кривичниот законик, кои се однесуваат на прекршување на здравствените прописи. Биле обвинети речиси 2.000 лица, поточно 1.940.
Целосно завршени се 1.125 постапки, односно пресудите станале правосилни.
Вина признале една третина, односно 538 обвинети.
Анализата на досудените казни покажува оти судиите во скопска единица најмногу изрекувале парични казни (1.746). Процениле дека тоа ќе биде доволно за обвинетите да извлечат поука.
Тоа значи дека државниот буџет и лани и годинава се полнел со уплати од вакви предмети. Освен досудените износи што треба да ги платат, обвинетите плаќаат и трошоци за водење на судската постапка.
Од судот појаснија дека кај некои од осудените што доброволно не ги платиле паричните казни, Управата за јавни приходи почнала постапка за присилна наплата.
Велат рано е да се анализира дали паричната казна била заменета со затворска, кога УЈП не би успеала присилно да им наплати од сметките.
Бројките што ги добивме покажуваат дека 115 лица мора да извршуваат општокорисна работа. Тоа посебно се однесува во случаи каде што прекршители се луѓе со понизок социјален стандард и ниски приходи.
Биле изречени и 77 условни казни, а четворица ги добиле најтешките – затворски казни.
Во многу мал број случаи, односно вкупно во 81, имало опомени, ослободителни, одбивателни пресуди, постапките биле запрени, или обвинителите се откажале од гонење, па обвинетите се спасиле од казни.
Ако се земат предвид и другите 25 судови низ земјава, бројките за овие кривични дела се уште поголеми.
Пресуди има и за фирми, па така скопското кафуле „К.В.“ заедно со нејзиниот управител се казнети затоа што инспекторите при проверка утврдиле дека послужувале гости на стоење, но растојанието меѓу масите било помало од 1,5 метри.
Управителот со 37 илјади денари, а фирмата со 100 илјади денари.
И додека трае четвртиот бран од короната, обвинети во 713 активни предмети и натаму одат на судење во обидот да докажат дека не се виновни.
Со оглед на тоа што бројките во последниот бран драматично „скокнаа“ во август, по што се воведе и задолжителен сертификат за вакцинација, бројот на вакви судски предмети извесно е дека и натаму ќе расте.
Потврда за тоа деновиве се и многуте случаи на свадби и забави во барови, на кои, не се почитувале мерките и присуствувале повеќе лица од дозволеното.