Анализи

8 Септември: Расчекор меѓу жал и надеж

Што научивме во овие 30 години независност?

  • 11
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Го дочекуваме јубилејот од независноста броејќи пропуштени шанси, горки заблуди и длабоки разочарувања, но го дочекуваме и со трошка надеж дека сите овие премрежја во меѓувреме ни донесоа и мудрост, клучниот витамин што му недостасуваше на државниот организам цели 30 години.

Во тој емотивен расчекор меѓу жалењето и славењето се движат и рефлексиите на  нашите соговорници – функционери, поранешни и сегашни, уметници и новинари, за тоа што како држава, нација и, пред сè, како граѓани научивме минативе три децении.

Стево Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски жали што на потешкиот начин научивме дека двете оски на македонската стабилност се инклузијата на етникумите внатре и надворешната интеграција во поголемите меѓународни системи.

Научивме дека, наместо да се расправаме со сите, мора да имаме сојузници, вели тој.

„Се надевам дека научивме дека ако самите не си ја уредиме државата, никој од страна нема да го направи тоа наместо нас. 

„Конечно, верувам дека ние, политичарите разбравме дека корупцијата и иселувањето се најголемите закани за нашиот опстанок и просперитет“, заклучува шефот на државава.

Џевдет Хајредини

Лекциите за нужноста и за неизбежноста на соживотот ги потенцира и Џевдет Хајредини, човекот што во 1990-тите се грижеше за државните пари како министер за финансии.

За него секоја декада е одбележана со по еден клучен настан.

Од првите десет години, тој го издвојува судирот на полицијата со Албанците што протестираа барајќи факултет на мајчин јазик додека од второто десетлетие клучен настан за него е вооружениот конфликт што заврши со Охридскиот мировен договор и промената на Уставот. 

Главната ролја во третата деценија ја доделува на Пржинскиот договор.

„На крајот на тридеценискиот период на независноста, добро би било да се извлече поука и во следните декади во земјава да не се случува тоа што се случуваше во изминативе три.“

Емилија Симоска

Универзитетската професорка Емилија Симоска, пак, беше министерка за образование од 1994 до 1996 година. Денес таа вели дека она што сигурно го научивме е дека не е лесно да се создаде држава.

„Но, и дека потешко е државата да се сочува и таа да напредува.“ 

Симоска зборува и за заблудата дека со успешниот референдум сме ја совладале најголемата пречка.

„Ентузијазмот и енергијата што ја имавме се стопи во дневните проблеми. Постреферендумските генерации ја немаат таа енергија и поради тоа денешницата не наликува на она што го замислував пред три децении“, вели таа.

Државава како несозреана личност

Марјан Ѓорчев

Поранешниот висок државен и партиски функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Марјан Ѓорчев вели дека научивме дека модерниот свет е свет на огромни нееднаквости.

„Свет на сосема мал број ултрабогати луѓе и огромен број луѓе на прагот на социјална исклучивост. Ние, како држава, народ, семејства и поединци, за жал, сме на страната на слабите, сиромашните и на потценетите.“ 

„Знаеме дека правдата секогаш е тоа што е од интерес на посилните, побогатите и јаките!“

Важна лекција, според Ѓорчев, е дека личното его, суетата и негативната селекција нѐ водат во бездна.

„Токму затоа осознавме дека да ја сакаш својата држава, својот народ, блискиот до тебе, не значи да гледаме еден во друг (нашински кажано во туѓиот двор), туку тоа да биде наш заеднички македонски поглед некаде далеку напред, во некоја тополошка точка на хоризонтот, каде што ќе го бараме доброто во секој од нас, како наша единствена можност, надеж и перспектива за опстанок, достоинствен и среќен живот!“, вели некогашниот потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Герман Филков

Новинарите и активистите од граѓанското општество не гледаат дека како држава сме усвоиле и примениле знаења.

Герман Филков во себе ги обединува и двете, долги години беше новинар, а  сега е дел од граѓанскиот сектор.

„На 18-годишнината од независноста се понадевавме дека, аналогно на човекот, и на државата ќе ѝ биде доволен тој период на ’зреење’ додека не почне да стои цврсто на самостојни нозе.“

Денес, тој, државата ја споредува со децата, кои и на 30 години се зависни од родителите.

„Сѐ уште не е застаната самостојно на здрави нозе, сѐ уште е ’кенкава’, дури и разгалена. Како таква, таа не може да организира модерно, чесно и ефикасно општество.“

Александар Поповски

„Веќе не погодувам кога ќе се случи тоа зашто, ако требаше, досега ќе се случеше“, поентира Филков.

Слична споредба на државава со созревањето на една личност прави и режисерот Александар Поповски. Таа личност, заклучува Поповски, ги има нашите гени и нашите постапки и дејствија се сега впишани во неа.

„Ако ја замислиме Македонија како човек на возраст од 30 години, значи дека поминала фаза на градинка, завршила основно образование, ја дрмал пубертет, поминала низ сите сексуални искуства и трауми. Се запишала на факултет, како-така го завршила, најверојатно оформила семејство и за првпат вистински се вработила. Сега пред нас стои една личност со име и презиме. Дали ни е по ќеф или не, тоа е друго прашање.“

Оливера Трајковска

Новинарката Оливера Трајковска прво се потсетува дека независноста на републиката ентузијастички стигна на залезот на 20 век.

„Но, таа беше немоќна брзо да ги припитоми ‘јавачите на магла’. Неподготвена да се менува, динамично, одговорно и да фаќа чекор со новиот век.“ 

Таа вели дека „што сакаме, колку можеме и која е нашата приказна“сè уште се отворени прашања кои циклично добиваат „сомнителни“ одговори.

„Ова е уморна земја без ‘градители’, заробена во судирите на политичките групации скромни со визија и план, но алчни за политички посед. Времето не е наш содружник, ако не ѝ дадеме нов одговорен граѓански импулс на изградбата на ефикасна, одговорна и праведна држава.“ 

„Некоја стерна во нас ќе добие шанса, ни треба одважност и посветеност“, се надева Трајковска.

Горки лекции

Томислав Османли

Новинарот и писател Томислав Османли убеден е дека ние 30 години учиме само горчливи лекции.

„Затоа сме на ова дереџе. Оти нашите лидери и политичари се многу лоши ученици на историјата. И што не им ни малку е гајле за тоа.“

Кога сме кај совладаното градивo, Османли вели дека ја научивме клучната лекција дека слободата и независноста зависат од визијата на државниците. 

„Научивме дека, освен Киро Глигоров, ние државник до денес не сме имале, дека политичарите партијата ја сфаќаат како фирма, а власта како приватно претпријатие; дека татковина се гради со сплотеност, а оваа пак – со строга правна држава, со честитост и работливост, а не со партиски клиентелизам и  масовни листи и вработувања на сосема немериторни луѓе по преоптоварените и затоа неефикасни државни органи“, вели тој.

Судијката Мирјана Лазарова-Трајковска коментира преку својата професионална призма. Таа потенцира дека во овие три децении научивме дека правдата не доаѓа сама.

Мирјана Лазарова-Трајковска

„Правото го напишавме, но се практикува, не правно, туку политички, та затоа правдата не е видлива за мнозинството. Научивме да не паметиме, да забораваме што било и што поминало за да го дочекаме она што доаѓа.“ 

Лазарова-Трајковска вели дека сме поминале и корисни лекции.

Таа смета дека научивме помалку да им веруваме на другите, а да работиме на вербата во себеси и сѐ да преиспитуваме. 

„Се надевам, многумина научија колку не знаат и дека треба да научат…“