Еди Бернис Џонсон, членка на американскиот Конгрес од Демократската партија, поддржана од нејзините демократски колеги, Елиот Енгел и Џејмс Мек Говерн, во понеделникот пред Претставничкиот дом ја претстави резолуцијата во која се вели дека силите на босанските Срби, потпомогнати од српските воени и паравоени сили, се одговорни за геноцид и етничко чистење во Босна и Херцеговина.
Со предложената резолуција, која на разгледување му е испратена на Комитетот за вооружени сили, се предлага „Претставничкиот дом да го осуди геноцидот извршен од страна на српските сили во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година“.
Во неа се истакнува дека „агресијата и етничкото чистење извршени од силите на босанските Срби, поддржани од воените и паравоените сили од Србија“, започнале во април 1992 година.
Откако ја презедоа контролата врз Сребреница во 1995 година, силите на босанските Срби „ги депортираа жените, децата и старите лица со автобус, но задржаа повеќе од 8.000 мажи и момчиња на собирни места во североисточна БиХ, кои беа под нивна контрола, а потоа затворениците ги погубија и ги закопаа во масовни гробници“, се вели во резолуцијата.
„По ова, со надеж дека ќе ги прикријат доказите за масакрот во Сребреница, силите на босанските Срби ги префрлале телата од примарните масовни гробници, на бројни секундарни и терцијарни места, раштркани на повеќе локации во североисточна БиХ, кои биле под нивна контрола“, се вели во резолуцијата.
Резолуцијата ги осудува „изјавите, активностите и политиките кои негираат или го доведуваат под знак прашалник фактот дека масакрите во Сребреница претставуваат геноцид и ги понижуваат жртвите или ги омаловажуваат нивните семејства“.
Сепак, резолуцијата признава дека „цели етнички групи или заедници не се одговорни за злосторства извршени од страна на некои членови на нивните сили“.
Резолуцијата конкретно го обвинува политичкиот водач на босанските Срби, Милорад Додик, српски член на Претседателството на БиХ, за негирање на геноцидот, „кој лажно го означува геноцидот во Сребреница како ‘фабрикуван мит’ и ‘најголема измама на дваесеттиот век’“.
Ниту раководството на Република Српска, ниту власта во Србија, прифаќаат дека масакрите во Сребреница претставуваат геноциди, и покрај пресудите на меѓународните судови.
Во резолуцијата, исто така, се изразува загриженост дека етничките тензии што ги подгреваат политичките лидери и екстремните националистички чувства, можат да ја одвлечат БиХ од патот на закрепнување и помирување, па дури и да поттикнат ново насилство со потенцијално смртоносни последици.