Регион

Постојани одложувања го следат единствениот судски случај за Сребреница во Србија

Влезот во зградата на Вишиот суд и на Обвинителството за воени злосторства на Србија. Фото: БИРН

Уште едно рочиште од судскиот процес кој пред Вишиот суд во Белград се води против осум поранешни припадници на специјалната полиција на босанските Срби, обвинети за учество во егзекуцијата на 1.313 Бошњаци од Сребреница на фармата Кравица на 13 и 14 јули 1995 година, денеска беше одложено.

Ова е 18-ти пат рочиштата да се одложуваат. Повеќето одложувања се случија затоа што еден од обвинетите не се појавуваше пред судот, со образложение дека има здравствени проблеми. Од почетокот на судењето во декември 2016 година, па досега, одржано е само 21 рочиште.

Расправата закажано за денеска, на 25-годишнината од убиствата во Кравица, беше одложено затоа што обвинетиот, Драгомир Паровиќ, не се појави на суд. Неговиот адвокат, Владан Стефановиќ, пред судот рече дека не знае каде е неговиот клиент.

Доцнењето на овој случај се должи и на фактот дека обвиненијата беа поднесени во време кога Србија немаше главен обвинител за воени злосторства, што предизвика обвинението да биде одбиено од Апелациониот суд во јули 2017 година, а случајот вратен на почеток.

Според обвинението, осуммината припадници на специјалната полициска бригада на Министерството за внатрешни работи на Република Српска, учествувале во убиствата на 1.313 бошњачки затвореници од Сребреница, на фармата во Кравица.

Обвинетите се Недељко Милидраговиќ, Алекса Голијанин, Миливоје Батиница, Александар Дачевиќ, Бора Милетиќ, Јован Петровиќ, Драгомир Паровиќ и Видосав Васиќ.

Убиствата во Кравица се меѓу неколкуте масакри извршени по падот на Сребреница во јули 1995 година, кога беа убиени повеќе од 7.000 бошњачки мажи и момчиња.

За време на судењето, осудениот воен злосторник и претседател на Српската радикална партија, Воислав Шешељ, со неколку свои колеги во неколку наврати дојде на судењето за да ги поддржи обвинетите, при што ги навредуваше семејствата на жртвите и претставниците на невладините организации кои го набудуваа судењето.

Одложувањата забавија уште еден долготраен судски процес за воени злосторства во Србија. Се работи за судењето на 11 поранешни припадници на 177-от интервентен вод на Војската на Југославија, кои се обвинети за убиство на најмалку 118 цивили, косовски Албанци, во косовските села Ќушка, Пављaн, Захач и Љубениќ, во 1999 година.

Обвинетите првично, во 2014 година, беа осудени на вкупно 106 години затвор, но Апелацискиот суд во 2015 ги поништи пресудите и случајот го врати на повторно судење, кое е забавено поради постојаните одложувања. Од почетокот на оваа година, до денес, не е одржана ниту една расправа.

Извештајот на Европската комисија за напредокот на Србија во преговорите за членство во ЕУ за 2019 година, предупреди на одложувањата на судските процеси за воени злосторства.

„Во повеќето случаи, имаше значителни одложувања по разни основи (вклучувајќи медицински и процедурални). Значителните одложувања на судските рочишта од 2017 година продолжуваат, на пример во случајот „Сребреница“. Покрај тоа, пријавени се случаи на заплашување на сведоци и набудувачи“, се наведува во извештајот.

„Генерално, Србија треба да покаже посилна посветеност на домашното гонења на воени злосторства на сите нивоа“, се додава во извештајот.