По одлуката на владата да ја поништи листата на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП), двајца од тројца на листата, обвинителката Ленче Ристоска и судијката Габриела Гајдова побараа, но не добија образложение зошто се неподобни да бидат кандидати за оваа престижна функција.
Остро реагираа шест граѓански организации од Блупринт групата, кои владината одлука и ја нарекоа правно спорна и нетранспарентна бидејќи листата со тројцата кандидати не беше претходно испратена на мислење до меѓународниот советодавен панел на експерти, што е законска обврска.
И уште поважно, владата не образложи зошто смета дека треба ја поништи одлуката.
Од Блупринт групата оценија дека изборот на судија во ЕСЧП не е политичка одлука, туку е тест за правната зрелост и демократскиот капацитет.
Во меѓувреме, владата формира нова комисија, која наместо девет, брои пет члена и која треба да распише нов оглас.
Премиерот Христијан Мицкоски, на новинарските настојувања да објасни зошто листата е поништена, оцени дека „вистинската вистина“ за оваа одлука ја кажува владата, повторно без да образложи кој услов не го исполниле кандидатите.
Претходно, Комисијата од девет члена, која ја формираше владата, ја спроведе постапката за избор преку интервјуа и утврди тројца кандидати што ги исполнуваат предвидените критериуми.
Членот на Комисијата, уставниот судија Осман Кадриу рече дека кандидатите биле избрани со двотретинско мнозинство, односно со шест од девет гласа.
Најгласна во реакцијата за одлуката на владата беше обвинителката Ристоска, која напиша дека не е изненадена од одлуката за поништување и дека било само прашање на време кога тоа ќе се случи. Објави и дека добила укажувања да ја повлече кандидатурата.
За тоа што значи одлуката на владата и за тоа како ваквата одлука ќе влијае врз угледот на државата, разговаравме со обвинителката Ристоска, која е обвинителка за врски за Македонија со Европравда и обвинителка во поранешното специјалното јавно обвинителство.
Таа сѐ уште пред судот застапува две активни обвиненија: „Талир 1“ и „Талир 2“, во кои се обвинети поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ и самата партија како правно лице, за која се бара конфискација на партискиот имот, вклучително и на белата палата.
БИРН: Ја критикувавте владата дека ја прекршила процедурата за избор на судија во судот во Стразбур и дека без образложение ја прекинала постапката. Колку ваквиот потег го компромитира целиот избор и дали ваквата одлука фрла сенка врз интегритетот на сите кандидати што влеговте во потесниот избор?
Ристоска: Ако ги погледнете насоките на Советот на Европа за избор на судии во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, ќе видите дека не се работи за моја критика, туку за факт. Владата, со одлуката да не ја почитува препораката на Комисијата за избор на кандидати за судии, прекрши низа од препораките на Советот на Европа, меѓу кои дека националната постапка за селекција да биде стабилна, јасно утврдена, транспарентна и заснована врз критериуми, дека улогата на владата треба да минорна, дека секое отстапување од препораките на стручното тело треба да е образложено и низа други.
Ова, во голема мера, го компромитира целиот избор, бидејќи со игнорирањето на стручната проценка, владата испраќа сигнал дека критериумите и процедурите не важат за сите.
И да, со ваквото постапување, владата атакува врз интегритетот на сите кандидати, но фрла сенка и врз намерите на владата, врз новоформираната комисија, а ќе фрли сенка и врз новоизбраните кандидати.
БИРН: Објавивте дека сте цел на клеветничка кампања додека траела постапката за избор и дека два месеца сте добивале укажувања да се повлечете. Според Вашата реакција, зад одлуката на владата се крие намерата Вашето име да не се појави пред меѓународниот панел на судии во Стразбур. Зошто? Дали ќе се кандидирате на новиот оглас?
Ристоска: Да, побарав јавно извинување за изнесени клевети и невистини од една јавна личност, но со оглед дека не го добив, во процес сум на поднесување тужба за клевета. Ваквата клеветничка кампања зема уште поголем замав по објавата на владата за поништување на листата. Очекувам оваа кампања да добие на интензитет во периодот што следува, бидејќи како поинаку ќе се изгради јавно мислење за моја неквалификуваност за позицијата за која имам аплицирано.
Сите настани што се случуваа во изминатиов период – клеветничките кампањи, укажувањата да ја повлечам апликацијата, нетранспарентноста на владата при поништување на листата, ме наведоа на заклучок дека не треба да се појавам пред меѓународниот панел на судии во Стразбур. А дали е тоа така и зошто, треба да се праша владата. Не би сакала да верувам дека мојата јавно обвинителска работа и предметите по кои постапувам имаат врска со одлуката на владата.
Во однос на повторна кандидатура – тоа не е прашање само на лична волја, туку и на принцип. Размислувам да не се кандидирам, бидејќи така би му дала легитимитет на новиот избор, а би го делегитимирала стариот.
БИРН: Имало случаи, во кои меѓународниот панел на судии ја враќал листата на кандидати за судија, но ова е редок случај, во кој владата го блокира процесот и листата не стигнува до панелот судии што треба да се изјасни. Што значи овој потег за реномето на државата, особено кај меѓународните организации?
Ристоска: Несомнено е дека жртва на сите овие случувања е репутацијата на нашата држава во очите на меѓународната јавност.
Во постапките за избор на кандидати за судии во Европскиот суд за човекови права, и во минатото се случувале различни девијации и во други држави. Советот на Европа, ваквите девијации ги апсолвирал и креирал механизми за да ги пресретне и да ги адресира, притоа дефинирајќи насоки и правила за идни избори. Верувам дека тоа ќе биде така и во овој случај.