Репортажи

Романското СЈО ја цица крвта на корумпираните политичари

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
dsc07858

Новинарите постојано чекаат пред романското СЈО

Понеделничките утра се тешки, а ова последново веројатно беше едно од помачните за поранешниот министер за внатрешни работни на Романија, Василе Блага.

Мачнината не му доаѓаше од мрачниот и наврнат Букурешт во септември туку од тоа што ексминистерот и втор човек на романските либерали излегуваше од зградата на романското СЈО, односно од Националниот директорат за антикорупција (ДНА).

Пред новинарите промрморе дека популарната обвинителката Лаура Ковеши, која го води ДНА, го викнала како сведок и веднаш си замина, ама лицето што се црвенееше под нечешланите седи влакна, оддаваше дека состанокот не бил баш пријатен и оти брзо може да се промени неговиот статус пред правдата.

Навистина не му е лесно, ако се знае дека Ковеши во блиското минато тргна по братот на романскиот претседател Трајан Басеску, додека овој сѐ уште беше шеф на државата и оти водеше случаи против моќните премиерски фигури, како Адријан Настасе и како Виктор Понта, додека за нејзините „жртви“ министри и пратеници воопшто муабет да не правиме.

И статистиката не е утеха за Василе Блага, бидејќи романското специјално обвинителство може да се пофали со 90 проценти успешност пред судовите во оние неколку илјади случаи што ги води годишно.

Токму затоа, последниве десет години корупцијата во Романија не е исплатлива, иако бројните салони за масажа со еротски имиџ во стариот дел на Букурешт и фактот дека таму можете да најдете ќебапчилница и менувачница во иста просторија, не оддаваат впечаток дека сте посетиле „спастрена“ држава.

Како се калеше романското СЈО

dsc07865

Романија пред една деценија била слика и прилика на Македонија денес

Далеку од тоа дека Романија сега е Шведска или Норвешка, меѓутоа државата е многу поблиску до европските стандарди отколку пред 10-12 години, кога официјален Букурешт чукаше на вратите од ЕУ и кога обичните Романци седејќи во кафеаните цинично и со недоверба ги коментирале првите случаи за корупција против ВИП-личностите, додека сечеле од својата омилена печена коленица со прилог од палента.

Романија пред една деценија била слика и прилика на Македонија денес. Во неа, не само што немало борба против корупцијата туку граѓаните не ја препознавале и често на овој феномен гледале како на дел од традицијата.

Не било страшно да се даде рушвет, тоа се сфаќало како благодарност за услуга.

„Дури и судиите не гледаа проблем во корупцијата. Коментираа дека, сепак, корумпираните политичари не биле големи криминалци, не убиле никого“, вели Лаура Стефан, романски НВО-активист.

ДНА е формирана под жесток притисок на ЕУ, а Европа и денес старателски се грижи обвинителството да опстане, со тоа што секогаш им вади жолт картон на романските власти, кога сакаат да посегнат по независноста или да бркнат во чекмежето на оваа институција.

Романското СЈО немало да биде тврдина на правдата без поддршката на поголем дел од граѓаните, која се движи околу 60 отсто. Тие знаеле да излезат на протест, па дури и да собираат пари за обвинителството, како минатата година кога министерот за финансии сакал да им го скрати буџетот.

Нормално дека не успеал, а потоа и самиот паднал во рацете на Ковеши, која го осомничила за поткуп од милион евра.

И дека ситуацијата била слична со она што се случува во Македонија, покажуваат и бројните притисоци што Ковеши и нејзините соработници ги преживеале. Можете само да замислите како известуваат романските новинари, ако се знае дека од седумте газди на националните телевизии, кои емитуваат исклучиво вести, дури шест биле под истрага на популарната обвинителка.

Заканите, пак, кулминирале годинава. Семејството на Ковеши добивало закани од поранешни припадници на израелската Мосад, кои подоцна се открило дека биле ангажирани од луѓе што ДНА ги гони за криминал од 1,5 милиони евра.

Сопки имало и во судовите, кои им ги влечеле случаите и по седум години, а опструкции правел и Парламентот, кога требало да им го одзеде имунитетите на осомничените функционери.

dsc07815

Ковеши (лево) во консултација со својата соработничка

Иако на почетокот за Ковеши се тврдело дека е нечиј политички приврзок, откако низ нејзините канцеларии продефилирале ВИП-политичари од сите партии, сега медиумите повеќе лично ја дискредитираат, споредувајќи ја со Сталин и обвинувајќи ја дека не ги почитува човековите права на осомничените, бидејќи во Романија обвинителите на ДНА ги објавуваат целите имиња на осомничените.

Таа не изгледа уплашено, напротив, прилично е самоуверена, иако тој впечаток може да се должи и на нејзината појавност, бидејќи е поранешна кошаркарка, која и ден денес чува баскет во кабинетот.

Ковеши нема проблем во комуникацијата со медиумите, речиси секој ден дава изјави на новинарите што „киснат“ пред нејзината канцеларија, а уште на самиот старт се заканила дека сите ќе дознаат ако некој политичар се дрзне да ѝ се јави.

Популарна е како некоја поп-ѕвезда.

 „Мојата порака до колегите од македонското СЈО е да продолжат со работа, да не дозволат кој било да ги исплаши и да го спроведуваат законот професионално. СЈО e млада институција и затоа е тешко да се зборува за нејзини брзи резултати, а со оглед дека има пречки во работата, интервалот за работа ѝ е прекраток“, вели Ковеши.

Интересно е дека таа отворила случај против обвинител од нејзините редови, бидејќи зел пари во случајот што го водел, а постапка води и против полицаец од ДНА.

dsc07906

Луксузен трговски центар…

и бездомници

и бездомници по улиците

Јинг-јанг ефектот на едно специјално обвинителство

Ако позитивните ефекти од романското СЈО се завидни за балкански услови, сепак антикорупциските активисти предупредуваат оти атмосферата околу ова обвинителство создава и проблеми.

„Другите институции во Романија не функционираат. Сѐ е оставено на ДНА, сите очекуваат обвинителството некого да затвори, иако можеби нема криминал во конкретниот случај. Има случаи кога некој директор донел глупава, а не криминална одлука, а јавноста, па дури и неговите претпоставени бараат крв, да се вмеша ДНА, иако на никој не му текнува едноставно да побара оставка од човекот. Не секоја глупава одлука на јавните службеници е криминалнa и затоа треба многу да се внимава, а ДНА во некои наврати ја премина оваа граница, поведена од очекувањата на јавноста“, вели антикорупцискиот активист Лаура Стефан.

И Романија во моментов има предизборна техничка влада, а Романците исто како и ние ќе гласаат на 11 декември. Меѓутоа сличностите завршуваат тука или евентуално кај булеварот кој минува покрај Триумфалната порта во Букурешт, кој комунистичкиот диктатор Николае Чаушеску го градел по теркот на париската Шанзелизе.

dsc07944

Центарот на Букурешт

За разлика од Македонија, таму граѓаните и институциите не се задоволуваат само со затворски казни за корумпираните политичари. Романија има ефективен систем за замрзнување и конфискација на имотот. Веќе никому не му е чудно да се одземе куќата на корумпиран политичар и таа да се пренамени во градинка или од неговата зграда да се направи болница.

Покрај ДНА, сериозна институција е и романскиот пандан на македонската Антикорупциска, која за разлика од нашата комисија има помали ингеренции, ама затоа, пак, сериозно си ја брка работата.

Еднаш годишно го бележат, а постојано го следат имотот на функционерите, па дури и на кандидатите за пратеници и за советници, а сериозно ги „бркаат“ и политичарите кои вработиле свои блиски роднини, во моментов на суд се педесетина пратеници поради непотизам.

Барок и зеленило

dsc08005

Монструозно голем објект

Некој можеби би се пошегувал на сметка на Скопје 2014 дека борбата против корупцијата не зависи од архитектонскиот стил на зградата во која работат институциите, бидејќи и во Букурешт тие се сместени во неокласични објекти подигнати пред неколку векови, со пространи соби, високи плафони и барокни детали на столбовите, меѓутоа за разлика од македонските, овие институции функционираат.

Ако продолжиме да се мајтапиме со паралели кон Скопје, можеме да кажеме дека главниот град на Романија е доказ оти барокот и зеленилото можат да коегзистираат, меѓутоа на урбанистички план ништо на Балканот не може да се спореди со Парламентарната палата на Чаушеску.

Една од помалите хали во Парламентот

Една од помалите хали во Парламентот

Тоа е некоја средина меѓу архитектонско чудо и лудило кое го граделе повеќе од 20.000 работници и го составувале 700 архитекти речиси 20 сиромашни години за романскиот народ. Зградата важи за втора најголема во светот, после Пентагон и поставена е на вештачки создаден рид, а денес само за сметки овој монструозен објект ги чини Романците три милиони евра.

Чаушеску не стигнал да се пресели во палатата, оти во меѓувреме се случила романската револуција, меѓутоа до последниот ден тој се прашувал за деталите. Огромните скали што ги поврзуваат првиот и вториот кат биле правени и уривани шест пати, само затоа што не му се допаѓале на романскиот претседател. На нив има вкупно 65 скалила, кои ја симболизираат годината во која дошол на власт и кои биле правени според мерките од неговите стапала.

Чаушеску и неговата сопруга Елена на масло на платно

Чаушеску и неговата сопруга Елена на масло на платно

Градена е со исклучиво романски мермер, во стилот на француските кралски дворци, со неверојатно дебели ѕидови, кои се верува дека можат да ги издржат најсилните земјотреси и воени напади. Таа е практично град во мало со амбуланта, библиотеки и ресторани и раскошни и луксузни тоалети.

Едноставно, најголемиот објект од „Скопје 2014“, може да го собере во една од халите на палатата.

Дело на 700 архитекти